Ретроспектива на Жилник на „Македокс“
Во рамките на Фестивалот за креативен документарен филм „Македокс“, вечерва во Детскиот театарски центар со почеток во 19 часот ќе бидат прикажани филмовите: „Бегство во Пекинг“ (Македонија, 2011, Дина Дума), „Редак“ (Македонија, 2012, Владимир Митревски-Ѓуле), „Мистеријата Макавеев“ (Србија, 2012, Драгомир Зупанц).
„Бегство во Пекинг“ е краткометражен документарен филм за една млада девојка од Скопје, која одлучува да се пресели во Кина. Филмот храбро го следи нејзиниот сон за неистражената и нова цивилизација, кинескиот јазик и филозофијата.
„Редак“, пак, е најавен како филм за играч на компјутерски видеоигри на кого семејството му запаѓа во голема финансиска криза, која тој ќе ја надмине станувајќи еден од најдобрите играчи на онлајн-компјутерската игра „Conquer online“, од што и ќе заработува пари. Во филмот „Мистерија Макавеев“, култниот режисер на „црниот бран“, Душан Макавеев, е погледнат низ диоптријата на неговите пријатели, неговите соработници, филмските критичари... но и низ диоптријата на самиот себе.
Во Куршумли-ан од 18 до 20 часот, во рамки на „Дискусии под смоквата“, со Владан Петковиќ и Кирон Корлес ќе се дискутира на тема „Филмска критика“, а од 21 часот ќе бидат прикажани филмовите „Човечки фактор“, „Такви какви што сме“; „Јунски протести“ - Ретроспектива на Желимир Жилник и „Попречувачи“. Програмата во кафулето „Дамар“ почнува на полноќ, а ги содржи филмовите: „Живот“, „Коњот не е метафора“, „Јан Вила“, „Наташа“, „Дури и да беше криминалец“, „Експериментот Марина“ и „Дедо никогаш не го виде морето“. (К.Б.)