ПЛАНЕТАРИЗАМ
НОВА МОНОГРАФИЈА ОД КИРО УРДИН
ВО ИЗДАНИЕ НА „МАГОР“
Ве известуваме дека во издание на издавачката куќа „Магор“ излезе од печат монографијата на Киро Урдин „Планетаризам“. На 280 страници и повеќе од 1000 илустрации е прикажано уметничкото, духовно и интелектуално патување низ светот и светот на културите на еден од најпознатите современи македонски уметници.
Нескротливата љубопитност и истражувачкиот порив го одведоа Киро Урдин на пет континенти, со сликарско платно со површина од 48 квадратни метри во секоја посетена држава. Воодушевен од импресивноста на природата, античките култури и разновидноста на светското наследство, Киро Урдин го исполнува платното со сите стекнати впечатоци и присвоени места. Опиен од соочувањето со храмови и пејзажи од четири различни агли на светот, и средбите со културите на местата што ги поминува, ги преведува своите исклучителни дела.
Планетариумот, како предлошка на Планетаризмот, на свој сопствен егзистенцијалистички и метафизички начин го промислува битното прашање за целото човештво: „Кои сме, од каде доаѓаме, каде одиме?“ Аргонаутскиот дух на Киро Урдин во книгата „Планетаризам“ ги обединува различните медиуми: поезија, видео-арт, филм, балет, афоризми во совршена алхемиска целина и тоа го потврдува преку својот афористичен утопистички светоглед: „Една точка насекаде и сите точки во една точка“.
Во ова дело на Киро Урдин, хибридно по форма и суштина, се отсликува неговиот филозофски планетарен концепт во кој се пресликуваат една во друга, макро и микро сликата на просторот и времето, на душата на светот и човековото постоење, воопшто.
Киро Урдин е роден е во Струмица, во 1945 година. Дипломирал на правниот факултет во Белград во 1969 година. Во периодот од 1971 до 1973 работел како новинар, а подоцна студирал на Академијата за уметност во Париз, Франција. Од страна на „Академијата на филмот” во Париз добива награда. Од 1984 година работел како слободен уметник во повеќе земји. Имал можност да твори во Франција, Сад, Јапонија, Швајцарија, Шведска, Мексико, Белгија, Порторико, Филипини и Тајван.
Објавувањето на книгата е финансиски поддржано од Министерството за култура на Р. Македонија.