Во едицијата „Ѓерѓеф“ на издавачката куќа „Македонска Реч“ од Скопје, деновиве од печат излезе новата поетска збирка In Nomine со 40-тина песни од Стефан Марковски.
Во рецензијата кон оваа трета стихозбирка на Марковски, критичарот Евтим Клетников вели:Во In Nomine Стефан Марковски не ја следи главната поетичка структура на неговата генерација во која доминира иронијата како основна стилска фигура и светоглед на реалноста. Напротив, тој е склоп кон чисто лирскиот асоцијативен тип поезија. Нему пред сѐ му е битен, како што би рекол Карлајл, метафизичкиот квалитет на песната, на кого во европската модерна посебно инсистираа симболистите.
Стилот на Марковски, како што вели Клетников, преку збиени метафори инклинира кон еден симболистички, сугестибилен, малермеовски тип на израз (нештата да се сугерираат а да не се именуваат), но не на класичен, кристализиран поетички начин. Тоа, пак, кај Марковски, значи создавање поезија на еден вид онтолошка атмосфера на затемнетост и мистерија во која поетските слики се исто така затемнети и се раствораат во емотивни и музикални ефекти. Такви, тие се езотерични, лизгави и одвај дофатливи.
Поетот е, вели Клетников, аргонаут кој пребарува низ своето битие и во неговите длабочини го бара златното руно на своето јаство. Тоа се неговите сугестивни стихови, кои ни откриваат еден навистина оригинален и драгоцен поет во современата македонска поезија.
In Nomine е трета поетска книга на Марковски.Досега ги објавил: „Еднонасочно“ (роман, 2009), „Апеирон“ (поезија, 2010), „За некои спомени на онаа некогашност“ (поезија, 2010), „Хиерархиска еволуција на свеста“ (Психологија и теорија на ум, 2012), „Мета(де)конструкција и општа филозофија“ (Филозофија, 2012), „Среќата е глагол“ (Психологија и филозофија, 2013) и „Продавачот на ветар и магла и други приказни“ (Раскази и драмски текст, 2015).
Марковски е постдипломец на Факултетот за Драмски Уметности – насока Филмско и ТВ сценарио.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија.Негови дела се преведени и објавени на неколку јазици
.Добитник е на домашни и странски награди и признанија за своето творештво.