Со големо задоволство ве известуваме дека наскоро во издание на издавачката куќа „Магор“ ќе излезе романот Бродот. Конзархија на еминентниот македонски писател Томислав Османли. Бродот. Конзархија, кој му припаѓа на веројатно најмалку застапениот жанр во македонската литература, негативната утопија, е исклучителна книга чие дејствие се случува во 2039. година. Лектурата на изданието ја изврши професорот Томислав Треневски.
Бродот. Конзархија е роман во кој авторот кој се обидува да ги открие својствата на новото прагматично време полно со симулакруми, со лажни стварности, кое во крајна линија и самото ќе се покаже како време на омасовени илузии и општи и лични прелаги. Во тоа време, покрај отуѓените карактери на својата негативна утопија, Османли го открива носталгичниот човек проектиран во блиската, отуѓена и хипер-меркантилна иднина.
Романот претставува продолжение на интересот на авторот за феноменот на играта на времето, на вистината, на реалноста и на илузијата, на симулакрумот, на холографот како надвладеана реалност... Авторот пишува за судбинските вредности и детерминанти, и повторно го става во фокус човекот – судбински или пак со игра на случајот – фрлен во хераклитовската река токму на свиоците од најбрзите, неизвесни, гранични струи на историјата...
Во време на зголемената понуда на идеолошките утопии, Османли во својот роман книжевно уверливо: релјефно, фабуларно, духовито и критички запловува во својата визија за иднината на овој дел од еден футуристички свет.
Томислав Османли (1956) диломирал право на Правниот факултет во Скопје, но 38 години работи како новинар, уредник во доменот на културата и уметноста.
Автор е на над дваесет книги проза, теорија, публицистика, драмски текстови, сценарија. Неговата студија Филмот и политичкото (1981) е првата македонска теоретска книга посветена на Седмата уметност, првично промовирана во институтот ѕа филм во Белград. Трудот насловен Стрип, запис со човечки лик (1987, 2002), пак, е првата македонска теоретска книга посветена на Деветтата уметност. Книгата јудео-балкански раскази и новели Светилка за Ханука (2008) стана лауреат на наградата „Прозни мајстори“. Романот Дваесет и првиот беше прогласен за Роман на годината (2010), а потоа и изабран за македонски претставник во книжевниот натпревар за наградата „Балканика“. Негови преводи се објавени во Загреб, Цетиње, Белград и Москва, а наскоро ќе се појават преводите на арапски и бугарски јазик.
По Дваесет и првиот (2009) и Зад аголот (2012), ова е негов трет роман.
Автор е на повеќе наградувани сценарија за играни телевизиски филмови. Долгометражнниот играниот филм Ангели на отпад (Angels of the Dumps, 1995) работен според неговото оригинално сценарио, беше прикажуван на меѓународните фестивали во Каиро, Сан Диего, Белград, Пула, Подгорица, Рим, како и на посебната, дводневна програма на Американскиот филмски институт (AFI) во Националната кино сала на Кенеди центарот во главниот град на САД.
Пиесата Двајца во Еден (Тwo in Eden) 1998, поставена на сцената на театарот Јоhn W. Gainse во Њупорт, Вирџинија, беше селектирана и прикажана на театарскиот Blue Ridge Festival во Ричмонд, Вирџинија, САД.
Со книгата драмски текстови Ѕвездите над Скопје (The Stars over Skopje), заедно со 12 други балкански книжевници, беше воведен во Литературниот годишник на Енциклопедија Британика за 2001 година.
Прозните текстови му се објавувани во книги и во списанија во странство на англиски, француски, српски, руски, арапски, грчки, турски, хрватски, полски, Ладино (јудео-шпански).
Бил член на редакциите на списанијата: „Ideje” (Белград), „Погледи”, „Рагледи“, „Културен живот“, како и на ПЕН списанието „Macedоnian review”.
Добитник е на бројни награди во сите домени со кои се занимава.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на македонскиот ПЕН клуб.
Промоцијата на романот Бродот. Конзархија ја најавуваме за средината на јуни.