На 1 јуни 2016 година, 20.00 часот, во Културно-информативниот центар - Скопје ќе се отвори јубилејната Годишна изложба на Факултетот за арт и дизајн „Чиста десетка“. Изложбата ќе ги прикаже најновите остварувања на студентите од изминатата академска година, но истовремено ќе ја потсети јавноста и на проектите и остварувањата на студентите од изминатите 10 години постоење на Факултетот.
Секоја година, Факултетот за арт и дизајн организира годишни завршни изложби на кои студентите растат, се развиваат и утврдуваат до каде се во саморазвојот.
Оваа година ја прославуваме десетгодишнината од формирањето на Факултетот за арт и дизајн.
Идејата беше да се започне македонска дизајнерска едукативна приказна која ќе создава услови за креирање на македонски дизајнерски идентитет. Десет генерации на студенти, модни дизајнери, графички дизајнери и дизајнери на ентериер, со својот професионален пристап, денес генерираат македонска креативна приказна која се испреплетува во сите нивоа на општественото делување.
Идејата прерасна во синоним за успешен формат во високото образование од областа на дизајнот, што ја надминува просечноста и секогаш се насочува кон идеалот на професионалноста, убавината, естетиката, формата, фунционалноста, креирајќи така препознатлив бренд како високообразовна институција - Факултет за арт и дизајн при Европскиот универзитет Р. Македонија.
Уште од самото основање во 2006 година, Факултетот за арт и дизајн ја заснова својата едукативна програма на најсовремените методи и пристапи во дизајнот: дизајнерското мислење (Design Thinking), решавањето проблеми и инвентивноста, примената на дизајн процесот, интердисциплинарноста, концептуалноста и инклузивноста.
Дипломираните студенти ја збогатуваат дизајнерската сцена во Р. Македонија како нова критична маса што ги негува уметничките и интелектуални импулси во дизајнот. Тоа е дисциплината која во 21-иот век се наметна како клучна „состојка“ во сеопштиот културен и економски развој на општеството.