На 22 април 2016 година (петок), во 18,30 ч во Културно информативниот центар на Република Македонија во Софија, Р. Бугарија ќе биде отворена изложба на Вељо Ташовски во организација на НУ Националната галерија на Македонија. Творештвото на Ташовски на бугарската публика ќе биде претставено со избор на дваесетина слики во комбинирана техника, масло на платно и свила.
Вељо Ташовски всушност, својот карактеристичен ликовен израз го гради постапно, бескомпромисно копајќи длабоко во себе, низ сопствената и низ традиционалната културна матрица, во кои се испреплетуваат личните, локалните, но и општочовечките димензии на толкување на животните вистини низ принципот на основните елементи, предадени во апстрактни и во асоцијативни површини. Восприемањето на творештвото на Вељо Ташовски не плени со постапното, но континуирано прочистување и на неговиот ликовен јазик. Сликите на Ташовски и непосредно, и во индиректна смисла се обвиени со превез на мистичност преку синхронизираната игра на присутното и на отсутното, на реалното и на виртуелното, некаде доловено со вештината на цртачкиот елемент преку внимателното илузионистичко раслојување на плановите, а на друго место надградено со копринениот превез од свилениот материјал обработен вешто сликарски и цртачки. Притоа, носечките ликовни елементи, точката и линијата, геометриски распоредени во просторот преку линеарно-орнaменталниот преплет со алузија на мрежа и на витални органски структури, како и суптилниот колорит, нежен и лирски интониран, оддаваат силно чувство на мир и спокојство. Апстрактните и асоцијативни површини се плод на индивидуалното ликовно истражување што произлегува од исконската човечка потреба за воспоставување своевиден ред и поредок во хаотичноста на секојдневието. Оттука, општиот впечаток при доживувањето на неговите дела е чувството на бесконечно движење и живеење, постојано на границата меѓу конкретното и апстрактното.
Имено ликовниот дискурс на Ташовски се реализира во просторот меѓу илузијата и симулацијата. При тоа авторот се откажува од илузијата во нејзината класична означеност, но од друга страна, тој ја користи симулацијата во најмекиот и најприродниот вид, отворајќи пат кон индивидуалната ликовност. Идејата на авторот е преку ваквиот привид да ја нагласи основната специфичност на сликарството - двете димензии, односно апстрактната конотација на сликата создавајќи специфична “ликовна претстава на двата плана”. Композицијата што го следи принципот на апстрактното сликарство, флуидот на сликарската материја, отсуството на третата димензија..., свилата, бришењето на ефектот на прозорецот, атмосферата на тишина и спокојство - сите тие настојуваат да ги опросторат “сликаните” претстави на Ташовски до ниво на посакуваниот ефект на бескрајноста, до создавањето на слика-простор.
Вељо Ташовски, роден 1949 г. во с. Осој (Дебарско) завршил Академија за ликовни уметности - сликарски одел во Љубљана 1975 г каде и магистрирал 1979 г. Од 1976 до 1985 г. бил член на Друштвото на ликовни уметници во Словенија, а од 1976 г. член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Работел како професор на Факултетот за ликовни уметости во Скопје. Имал повеќе самостојни изложби во Македонија и Словенија, земал учество и на голем број групни изложби во Словенија, Македонија, Италија, Полска, Хрватска, Грција, Романија, Србија, Чешка, Словачка, САД итн., добитник на бројни награди во Македонија, Словенија, Хрватска и Србија.
Изложбата ќе ја отворат Васко Шутаров, директор на КИЦ на РМ во Софија кураторот на проектот Маја Неделкоска Брзанова, кустос во Националната галерија на Македонија, Конча Пиркоска, ликовен критичар во присуство на сопругата на авторот Румјанка Ташовска. Истата ке биде поставена до 8-ми мај 2016 год.
Национална галерија на Македонија