В сабота во 19ч во киното Фросина во МКЦ, ќе има промоција на монографијата „Манчевски“ чиј уредник е филмската критичарка Марина Костова. Монографијата ќе биде промовирана на трибина на која за творештвото на Милчо Манчевски ќе разговараат актерката и продуцентка Лабина Митевска, филозофката проф. Катерина Колозова и авторката Костова.
Книгата има 650 страници, и е своевидно сеопфатно резиме на сред кариера на уметникот. Содржи десет есеи за разновидни аспекти на неговото творештво од светски реномирани филмски теоретичари, филозофи и историчари на уметност; содржи и голема збирка продукциски белешки, сториборди, писма, рецензии и интервјуа, како и теориски размислувања и проза на самиот Манчевски.
Издавачи се „Битсија“ и „Арс ламина – публикации“.
Книгата ќе биде достапна бесплатно на трибината, како и на бесплатните проекции на филмовите „Мајки“ (в сабота во 21ч) и „Прашина“ (в недела 21ч) во киното Фросина.
„Многумина го сметаат режисерот, фотограф, концептуален уметник и писател Милчо Манчевски за еден од најоригиналните и најиновативни уметници на денешницата поради уникатниот спој на експеримент, поетичност, емотивност и барање активно учество од гледачот во конструирање на значењето на делото. Неговиот опус е редок во светската кинематографија по уникатниот начин на игра со времето, просторот и емоциите“, вели авторката Костова и додава:„ Како што вели ирскиот уметник и критичар Конор Мекгрејди, опусот на Манчевски функционира како провокативен контрапункт на пасивност; неговата вистинска вредност лежи во способноста да го предизвика гледачот и да отвори разговор не само за филм, туку и за нашиот однос кон комплексната конструкција на опшественото и историско ткиво во кое престојуваме.“
Во монографијата, за спецификите на филмскиот израз пишува Конор Мекгрејди во „Фрагменти, слоеви и временска испрекинатост: опсервации за филмските дела на Милчо Манчевски“. Пред дождот го анализираат Ен Киби во „Теорија на сликата“, Ијан Кристи во „Бесконечна приказна“ и Сашо Александар Ламбевски во „Чувствувајќи го параноикот, шизото и депресивецот: Семиотичка анализа на емотивната архитектура на Македонија во Пред дождот“. За Прашина пишуваат Ерик Тангерстад во „Кога приказната ја крие приказната: Наративната структура на Прашина (2001) на Милчо Манчевски“ и Ирис Кронауер во „Бришење на Прашина во Венеција“. Катерина Колозова е автор на анализите „Сенки на Манчевски: Сексуалност и меланхолија“ и „За Мајки на Манчевски: Анатомија на мизогинијата“. За ликовниот опус пишуваат Конор Мекгрејди во „Време, нарација и приказ: Делото на Милчо Манчевски во перформанс и фотографија“, и Соња Абаџиева во „Концептуални практики во ликовните наративи на Милчо Манчевски“.
Промоцијата на монографијата е дел од манифестацијата „Снимај бе братучед, снимај – 4 дена со Милчо Манчевски“, во организација на Друштвото на филмски професионалци на Македонија.