Пријдете, верни, да пиеме не од земниот извор, но од источникот на светлината, поклонувајќи се на Крстот Христов, зашто Крстот негов е наша слава.
Утрена, Крстопоклнона Недела
Твојот Крст, Господи, е свет и носи исцеление на болните од гревот. Поклонувајќи му се, припаднуваме пред Тебе, помилуј нè.
Поуки на светите отци: …кога човекот е лишен од Светиот Дух, како да се надеваме за негово спасение, како потоа тој ќе може исправен да оди?
Свети Јован Златоуст
Молитва:
Господи Благ, научи нè со секој нов ден, со секој нов опит подобро да ги разбираме Твоите зборови: »кој ќе го загуби својот живот заради Мене, ќе го најде«. Губејќи се себе во Твоја служба, да се збогатиме со радоста на животот. Амин
Созерцание: Не давај да застрани срцето мое кон лукави зборови и да врши грешни дела. Да се исправи молитвата моја како кадило пред тебе, воздигнувањето на моите раце – жртва вечерна.
Псалм 140, 4; 140, 2
Подготви: А.Л.
Икона на денот:
Преподобната маченичка Евдокија
Живееше во феникискиот град Илиопол во времето на царот Трајан. Беше прво голема развратница, а потоа покајничка, испосничка и најпосле маченичка. Од развратниот живот имаше собрано големо богатство. По Божја Промисла пресврт во нејзиниот живот беше направил некој стар монах Герман, и тоа не сакајќи. Дојден по работа во градот, отседна кај еден христијанин чија куќа граничеше со куќата на Евдокија. Кога ноќе тој според својот обичај почна да чита од Псалтирот и од една книга за Страшниот Суд, Евдокија го слушна и ја обзеде таков ужас што остана будна до изутрина. А штом се зазори испрати слуги да го измолат тој монах да дојде кај неа. Герман појде и меѓу нив започна долг разговор за она што старецот го читаше минатата ноќ и воопшто за верата и спасението. Како плод на тие разговори Евдокија го замоли месниот епископ да ја крсти. По Крштението сиот свој имот ѝ го предаде на Црквата за да им се раздаде на сиромасите, ги отпушти своите слуги и робови, а самата се повлече во еден женски манастир. И толку одлучно се посвети на монашкиот живот во послушание, трпеливост, бдеење, молитва и пост, што после тринаесет месеци ја избраа за игуманија. Во манастирот проживеа педесет и шест години и се удостои пред Бога да ѝ даде толкава благодат што и мртви воскреснуваше. Кога извесен кнез Викентиј покрена гонење на христијаните, ја убија и Света Евдокија со меч. Таа е прекрасен пример како еден сад на нечистотијата може да се очисти и да се освети, да се исполни со скапоцен небесен мирис, што е благодатта на Светиот Дух.