На земјава нема ништо поголемо од љубовта на родителот за својата рожба. Оваа неизмерна пожртвувана љубов ги отвара прегратките за во нив да го прими, закрили, стопли и заштити од зло своето чедо. Хрането од оваа љубов, чедото ги прави првите чекори, напредува, учи да љуби и како да ги победува искушенијата од овој свет. Но доаѓа време кога младенците исполнети со благодарност, на своите пожртвувани родители ќе им возвратат за сета нивна грижа, љубов и поткрепа. За нас, духовните рожби на нашиот старец Партениј, тоа е денот кога го славиме споменот на преподобниот отец наш Партениј, епископот Лампсакиски. Зашто овој голем чудотворец, кој уште од рана младост ја придобил благодатта Божја и со својата силна молитва исцелувал болни, изгонувал демони, воскреснувал мртви, а со својата неизмерна ревност за Бога, подигал велелепни храмови, за слава на Неговото име, го удостои нашиот старец со своето молитвено застапништво пред Бога. И не случајно нашиот отец го носи неговото свето име. И тој, подобно на светиот, е избраник на Божјата благодат, која во него раѓа богати плодови, спасува души, устројува храмови. Затоа, сакајќи да го преточиме во зборови она што гореше во нашите срца, ние Бигорското братство и Раичкото сестринство, вдахновени од молитвите на неговите бројни духовни чеда, сложивме едно благодарствено слово, излеано од нашите души и принесено на нашиот старец со многу љубов:
„Дојдете, возљубени; дојдете, преподобни отци, браќа и сестри, богоповикано стадо на Отца, вие воплотени воини Христови! Дојдете, деца Божји, да ислушаме спасително, за душите ни, слово. Да слушнеме како татковски нѐ поучува великиот Павле: Ако имате и десетина илјади учители во Христа Исуса, - вели тој, - сепак немате многу татковци, бидејќи јас ве родив во Исуса Христа преку Евангелието. Затоа, ве молам, бидете мои подражаватели, како што сум јас на Христа! (1. Кор. 4, 15-16) Да побрзаме, возљубени, да ги сложиме овие апостолски зборови во тајната одаја на нашите срца и во смирение да принесеме плодови на евангелска послушност – таа мајка на добрoдетeлите. Со умилителни срца да Му заблагодариме на милостивиот Бог, Кој не сака никој да погине, ами сите да се спасат, што ни издигна пастир да нѐ напасува во божествените ливади, учител да нѐ учи на евангелските вистини, водач да нѐ води кон недогледните небесни височини, татко да нѐ љуби со љубов татковска, неовоземска. Да Му заблагодариме сега на Господа и прилежно да Му се помолиме за возљубениот старец наш Партениј, слугата Божји, чие срце од раната младост пламна со љубов Божја и за да го спечали најскапоцениот Бисер, со усрдност се оддаде сиот на изучување на Божествените писанија. А потоа, како трудољубива Христова пчела, прелета над полјаните на богоозарената Атонска Гора и таму собра за нас светоотечки цветови, апостолска роса и евангелски живот, и со небесен мед несебично ги засладува и храни нашите души. Затоа, денес, кога сјае светлозарниот спомен на преподобниот отец наш Партениј Лампсакиски; сега, кога си спомнуваме и за блаженото скончание на учителот наш Партениј Зографски, со радост да го прославиме именденот и на овој наш отец, истоимен со девственоста, мудриот градител на добродетелите во нашите души, писателот на евангелските слова во нашите срца, наставникот на нашето покајание, водачот кон спасението, примерот за оние што монахуваат, кој со своите пастирски вештини нѐ приведува кон Христа. Да не се покажеме мрзливи и неблагодарни за неговиот труд и подвиг за наше доброденствие, за неговите топли татковски и животворни зборови, за милосрдната негова нарав и љубезност, едноставност и трпеливост, за добрината на неговиот живот, што како тивка светлина ги осветлува нашите души, и со усрдност, низ солзи, да повикаме кон Спасителот: премилостив Христе, Боже наш, ние, недостојните и грешни Твои чеда, стадото Бигорско, смирено и прилежно Те молиме за работ Твој и отец наш Партениј; дај му духовна сила и благодат, та со чистотата на своето срце да ја чисти нечистотијата на нашите души, и нас, порочните, да нѐ принесува како непорочен дар на Бога, покажувајќи се како соработник на бестелесните духовни сили; зашто тоа, само тоа е вечен подвиг на слугите Божји; затоа, спомни си, Христе, за него во Царството Твое довека.
Возљубен наш старецу, на многаја лета!“
Преполното, пак, со љубов татковско срце, благословувајќи ја вечерната трпеза, одговори со благи и поучителни зборови и нѐ потсети уште еднаш на високото достоинство што како христијани го имаме пред Бога:
„Ви благодарам на вашето присуство, на вашата љубов, и ги просам вашите молитви за Господ да ни даде сила и понатаму да го извршуваме евангелското дело. Со љубов и трпение да го носиме крстот што Бог ни го дал. И да не заборавиме дека сите имаме едно свето име – а тоа е името христијанин. Па така, и оние што не носат име на светија, сепак имаат свето име, што треба да го оправдаат со својот богоугоден живот. Зашто секој што се крстил во името на Христа, го носи името христијанин. А да се носи тоа толку возвишено име е најголема чест. Ние треба да се трудиме да бидеме достојни на ова име што ни го дал Бог. А што значи тоа име? Христијанин - тоа е човек кој треба да љуби, да им прави добри дела на ближните. Оние што утрово присуствуваа на светата богослужба го слушнаа неделното евангелие, посветено на Второто Христово доаѓање и Неговиот Страшен суд, кога Он ќе дојде да им суди на живите и мртвите од века. Значи, кога сите ќе се претставиме пред нашиот Спасител и Бог, Он ќе ги благослови сите оние што правеле добри дела во Негово име. Па ќе им рече: „Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот; зашто, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте кај Мене. Вистина ви велам: доколку сте го направиле тоа за еден од овие Мои најмали браќа, за Мене сте го направиле“ (Мт. 25, 34-36, 40). Тие најмалите Негови слуги – тоа сме ние луѓето. Затоа, како христијани, ние треба да Го гледаме Христа во секој човек, кој е наш ближен, кој е наш брат. Да му помогнеме на секого кој ја бара нашата помош. Дури тогаш вистински ќе се наречеме христијани и достојно ќе го носиме христијанското име. Затоа, возљубени мои, да бидеме милосрдни. Спомнете си за мене, недостојниот, и молете го св. Партениј да се застапува пред милостивиот Бог за спасение на мојата душа“.
Особено голема радост ни причини присуството на нашиот возљубен архиереј и духовен пастир на Дебарско-кичевската епархија, митрополит Тимотеј, кој, честитајќи му го именденот на нашиот старец, духовно нѐ поучи и за претстојниот посен подвиг на светата Четириесетница:
„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Денеска се собравме на оваа света Литургија да му благодариме на Господа што нѐ подготвува и воведува во овие прекрасни посни денови кои ни претстојат и што нѐ удостои да бидеме заедничари на Неговите свети тајни. Ние се молиме да нѐ соедини со Својата света заедница и да нѐ направи учесници во царството небесно. По Неговата сила да го промени нашиот ум, нашето срце, нашата душа и да нѐ упати по Неговиот спасителен пат.
Деновите на претстојната света Четириесетница се денови на духовно и телесно воздржување, денови на духовно возрастување со силата и раката Господова. Прекрасни денови за очистување, преобразување, па така очистени и подготвени, да станеме учесници на светите Божји тајни, да Го примиме Христа во светата Причест и да станеме едно со Господа. Но, исто така, да се поврземе и помеѓу себе, едни со други. Бидејќи вистинската заедница на луѓето не се заснова само на телесни и крвни врски, како што мислат многумина на овој свет, туку нашето тело и крв се осветуваат и просветуваат со Телото и Крвта Христова и дури потоа, заедницата која ја имаме на земјава, т.е. телесната заедница, која е условена и со нашата природа и од нашето општење со други луѓе, станува жива, живоносна, вечна и непреодна. Таа се темели не само на човечката природа, туку и на светите тајни, на Божјите тајни, кои ги примаме како дар Божји, благодат Божја, Божја сила и Божја светлина. Само таа заедница е вистинска, само таа е бесмртна заедница, а секоја друга е распадлива, денес постои, утре ја нема. Таа заедница е нашата света Црква што Господ Исус Христос ја основал. Затоа се вели во Светот Писмо: И вратите на адот нема да ја надвладеат (Мт. 16, 18).
Целокупната историја на човечкиот род го посведочува и ќе ни го сведочи тоа до крајот на светот. Токму од Црквата и преку неа се раѓа непреодното Божјо царство и ни се отвора тајната на вечниот и неминлив живот, кој ни се дава тука, уште во овој живот. Затоа Црквата нѐ воспитува во страв Божји, за да се здобиеме со таа мудрост и преку овие пречисти денови на Велигденскиот пост што ни доаѓа, да се подготвиме за светите тајни и да постанеме заедничари на таа света заедница, за да можеме да ја предвкусиме тајната на непреодното царство Божјо. Да ја почувстуваме силата Христова во нашите срца, во нашите души и тогаш ќе можеме вистински да се поклониме на воскреснатиот Христос и ќе ја примиме онаа светлост од небото која осветува сѐ.
Од нашиот Создател и Промислител ни е даден голем дар Божји, но, исто така, и голема одговорност и призив за кој Бог не избрал помеѓу сите луѓе на оваа земја, правејќи нѐ токму нас, христијаните, носители на таа светлина, на таа божествена сила и божествено просветлување. Нам ни се дава да бидеме сведоци на живиот Бог и на Неговата љубов која го дарува целиот свет и одржува секое создание, но, во исто време, нѐ обврзува да ја сведочиме таа Божја љубов, откривајќи ја на овој свет. Затоа ние, како христијани, сме повикани да зрачиме со Христова љубов пред сите луѓе околу нас, како што се вели во Светото писмо: „Така да засветли Твојата светлина пред луѓето за да ги видат твоите добри дела и да Го прослават нашиот Отец Кој е на небесата“ (Мт.5,16).
Тоа е смислата на Божјата Црква и на секоја Божја служба, но и смислата на нашиот призив. Нека Бог и нас нѐ облече со сила и моќ од небесните висини да нѐ обнови со таа Негова сила, за во нас да се прослави Господ, како во Своите светии. Како што се прославил во многу Негови угодници, како што е и свети Партениј Лампсакиски, чиј спомен денеска го славиме. На Триедниот Бог, Кој така промислува за нас и за нашето спасение, нека Му е слава и благодарност сега и во сета вечност. Амин!
Ја користам оваа прилика на архимандритот и игумен на овој Манастир, отец Партениј да му го честитаме именденот и да му посакаме од Господа здравје и успех во неговата одговорна, духовна, раководна улога. Нека свети Партениј го закрилува и облагородува со неизмерна љубов кон Бога, кон своите духовни чеда и кон македонскиот и сиот христијански народ, та оваа наша македонска лавра да бележи уште поголеми успеси на духовен план, собирајќи и обновувајќи нови цркви во душите и срцата на нашиот народ. Нека послужи за украс на Македонската Православна Црква и нејзин просперитет, за прослава на севишниот Бог, а за спасение на неговата душа. На многаја и благаја лета високопреподобни оче Партение“.
Повеќе: http://bigorski.mk/index.php?content_type=sluzhbi_bdenija&action=details&record_id=782#