Човекот секогаш може да најде оправдание за своите постапки. Ако, пак, внимателно се задлабочи во своето срце, тој ќе забележи дека зад секое самооправдување се крие лукавство. Човекот се оправдува, пред сè, поради тоа што не сака да признае дека барем делумно е виновен за злото во светот. Потоа, тој се оправдува, зашто не е свесен за својот дар на боголика слобода, туку себеси се смета за некоја појава, за некое битие од овој свет, од кој и зависи. Во ваквото сознание постои многу големо ропство. Затоа и самооправдувањето е ропско и им приличи на робовите, а не на синовите Божји.