По прво стихословие, седален, глас 1.
Откако од младоста, го засака монашкиот живот, Христа го следеше од душа, богоблажен Гавриле. Откако засветли до добродетелното твое живеење, во молитви, постења и бдеења, им стана пример на монасите. Затоа ти викаме: Слава Му на Онојшто ти даде сила, слава Му на Оној што те овенча, слава му на Оној што, преку тебе, на сите им даде исцеление.
Кондак, глас 6.
На земјата си поживеал ангелски, и со животот си го објаснил Евангелието; умот свој си го свртел кон небесата, а луѓето си ги учел на благочестие. Поради тоа те славиме: Радувај се, преподобен Гавриле, Лесновска похвало.
Преподобен Гаврил Лесновски 28/01/2009
Македонски подвижник. Се подвизуваше во 10 век на Лесновската Гора кај Кратово, каде што му изгради црква на Св. Архангел Михаил. Чудотворец за време на животот и по смртта. Се упокои во Господ на крајот од 10 век.
„Според најстарото пролошко житие на свети Гаврил Лесновски, кое што го напишал Станислав Граматик во 1330 година, оваа света обител потекнува некаде од 11 век, а го основал самиот св. Гаврил Лесновски и го посветил на Свети Архангел Михаил. Околу манастирот се подигнати бројни свети места – помали манастири, параклиси, испосници и скитови, кои биле во функција на познатата препишувачка лесновкска книжевна школа. Подоцна тие во време на Османлиското ропство биле разрушени. Во историско-книжевниот текст “Изјаснително писание” напишано веднаш по опширното житие на свети Гаврил се спомнуваат четири испосници во околината на манастирот, во кои се подвизувал свети Гаврил Лесновски, кои и до денес се сочувани, а во една од нив, која е посветена на свети пророк Илија, според житието и службата на свети Гаврил, преподобниот поминал 30 годни од својот испоснички живот. Возобновен е во 1341 година од Деспот Јован Оливер. Фрескоживописот е завршен во 1347 година најверојатно од четворица зографи. Иконостасот е во длабока резба од 1811-1814, прво дело на тајфата на Петре Филиповски – Гарката. “
Свето Евангелие од светиот апостол Марко (зач. 56)
Во она време пристапи кон Исус еден од книжниците, кој ги слушаше како се препираат садукеите со Него и увиде дека Исус им одговараше добро, па Го запраша: „Која е прва од сите заповеди?“ А Исус му одговори: „Прва од сите заповеди е: ,Чуј Израиле! Господ, Бог наш, е еден Господ. Затоа возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила!’ Тоа е првата заповед. А втората е слична на неа: ,Возљуби го својот ближен како себеси!’ Друга заповед, поголема од овие, нема. Книжникот Му рече: „Добро, Учителе. Право кажа дека Бог е еден, и дека нема друг, освен Него; и дека, да Го љубиш со сето срце, и со сиот разум, и со сета своја душа, и со сета сила, и да го љубиш ближниот свој како себеси е повеќе од сите прилози и жртви.“ Исус, пак, кога виде дека умно одговори, му рече: „Не си далеку од царството Божјо.“ Потоа никој веќе не смееше да Го праша.
И кога одговараше Исус, поучувајќи во храмот, рече: „Како зборуваат книжниците дека Христос е син Давидов? Сам, пак, Давид кажа преку Светиот Дух: ,Му рече Господ на мојот Господ: седи од Мојата десна страна, дури не ги положам Твоите непријатели во подножјето на нозете Твои!’ И така, сам Давид Го нарече Господ; од каде тогаш да Му е Он син’?“ И многу народ Го слушаше со сладост.
Друго:
ЛЕСНОВСКИ МАНАСТИР - Преку постот ја храниме душата