ЧЕТВРТА КНИГА
ПСАЛМ 103
Славата Божја е во делата Негови
1 Благословувај Го, душо моја, Господа! Господи, Боже мој, Ти си многу велик;
во слава и величественост Си се облекол;
2 Ти, Кој се облекуваш со светлина како со облека, си го прострел небото како шатор;
3 на вода си ги поставил Твоите дворови, облаците си ги направил како Своја кола, на крилјата од ветрот патуваш.
4 Ветровите ги правиш Свои гласници, а огнот и пламенот - Свои слуги.
5 Ти си ја поставил Земјата на цврсти основи: таа нема да се разниша никогаш.
6 Си ја покрил со бездна како со облека, води стојат над горите.
7 Од Твојата закана тие бегаат, од гласот на Твојот гром се разбегуваат;
8 се издигаат до горите, се спуштаат во долините, на места што си им ги определил.
9 Си поставил граница преку која нема да преминат, ниту Ќе се вратат да ја
покријат Земјата.
10 Си управил извори во долините: меѓу горите течат води,
11 ги напојуваат сите полски ѕверови; дивите магариња ја гаснат жедта своја.
12 Покрај нив живеат птици небесни, меѓу гранките пуштаат глас.
13 Ти ги напојуваш горите од своите височини, од плодовите на Твоите дела се наситува Земјата.
14 Ти правиш да расте трева за добитокот и растенија за потреба на луѓето, за да произведат храна од земјата
15 и вино што го весели срцето на човекот, и маслото од кое блеска лицето негово, и лебот што го закрепнува срцето на човекот.
16 Се напојуваат дрвјата по полето, кедрите леванонски, што си ги посадил;
17 на нив птиците си прават гнезда, елките им се живеалишта на штрковите.
18 Високите гори - на срните; камењата - прибежиште на зајаците.
19 Тој ја создал месечината да ги определува времињата, сонцето знае кога ќе
зајде.
20 Спушташ темнина, и настанува ноќ: тогаш излегуваат сите горски ѕверови;
21 лавовите рикаат за плен и бараат од Бога храна за себе.
22 Изгрева сонцето, а тие се собираат и легнуваат во своите легла;
23 човекот излегува по своја работа и работи до вечерта.
24 Колку се многубројни делата Твои, Господи! Сé си направил премудро; Земјата е полна со Твои созданија.
25 Ете го морето, големо и пространо; таму се движат безброј лазачи, мали и
големи животни;
26 таму пловат кораби, таму е левијатанот што си го создал да игра во него.
27 Сите тие од Тебе чекаат да им дадеш храна навреме.
28 Им даваш - примаат, ја отвораш раката Своја - се наситуваат со блага;
29 го одвратиш ли лицето Свое – се збунуваат, им го одземеш ли духот нивен
- умираат и во земјата своја се враќаат.
30 Го праќаш ли духот Свој - се создаваат; Ти го обновуваш лицето на земјата.
31 Нека пребива вечно славата на Господ; нека се весели Господ за делата Свои!
32 Погледнува ли кон Земјата, и таа се тресе; се допре ли до горите, тие се димат.
33 ќе Му пеам на Господ преку целиот мој живот, Ќе Му пеам на мојот Бог сé додека постојам.
34 Нека Му биде мила беседата моја! Ќе се веселам во Господ.
35 Нека ги снема грешниците од Земјата, и беззаконици да нема веќе! Благословувај Го, душо моја, Господа! Алилуја!
„Ќе му пеам на Господа се додека постојам. “
Од преполнетото срце на Давида и другите псалмописци, се изли копнежот на секое срце човечко да заедничари со Бога да испроси од Бога прошка за согрешенијата, изливајќи го низ благопријатната песна своето покајание пред престолот Божји и од Сесилниот Господ да побара заштита од злото кое постојано го притиска.
Секоја Богобојажлива душа колку повеќе ги чита светите псалми се повеќе во неа се буди радоста која произлегува од посетата на Божјата благодат и се влева во неа мир и сигурност од закрилата на цврстата закрила Божја.
Господ наш Исус Христос ги посочува и како пророштва за она што стана со Него а заради нашето спасение /лк.24.44/.Светите Апостоли пак ги препорачуваат на верните за усовршување во верата/Еф.5.19/. Великите отци наши /св.Атанасиј Велики , св.Григориј Ниски , св. Јован Златоуст .../со голема радост говорат за нивната душеполезност во своите беседи и одговори на верниците за поуките од псалмите, препорачуваќи ги на верните што повеќе да ги читаат. Светата Црква поделуваќи ги во таканаречени катизми ги распоредила во богослужбениот неделен циклус со цел да се прочита целиот псалтир за една седмица, а за време на Великиот пост и два пати. За жал денес катизмите честпати се прескокнуваат на богослужбите од причини да се постигне во време и другите обврски да можат да се завршат, а ако се земе во обзир и тоа што во многу храмови не се служзи секојдневно/ да не бидам погрешно сватен ова најчесто се случува од практична па и финансиска невозможност/за да не се маргинизира псалтирот и верните да не се исклучат од големите дарови кои произлегуваат од неговото читање се препорачува на верните покрај молитвеното правило во своите молитви да го практикуваат и читањето на псалмите со голема богобојазливост за да нацрпат од овој благодатен извор многу дарови за своја душевна полза - за мир, утешение, здравје и спасение .Амин!
о. Горан Тасески
ПСАЛМИ
Вовед
Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.
Извор: БИБЛИЈА
Друго: