Скопје, 4 мај 2010 (МИА) - Со панихида на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје денеска беа одбележани 107 години од загинувањето на идеологот на македонската револуционерна борба.
Цвеќе на гробот на Делчев положија претседателот Ѓорѓе Иванов, делегација на Владата предводена од премиерот Никола Груевски, делегација на Собранието предводена од потпретседателот Светлана Јакимовска, делегација од Министерството за одбрана предводена од министерот Зоран Коњановски, како и делегации на локалната власт, научно-образованите и културните установи и граѓански здруженија. Свежо цвеќе положи и внуката на Гоце Делчев, Катерина Нурџиева.
Во Собранието на Република Македонија ќе биде врачена наградата „Гоце Делчев“ - државно признание за значајни остварувања во областа на науката. Годинашни добитници на наградата се проф. д-р Тодор Чепреганов, д-р Ѓорѓи Чакарјаневски, д-р Васил Јотевски и д-р Ванче Стојчев за трудот „Историски атлас на Македонија“, доц. д-р Златко Левков за трудот „Амфора во поширока смисла“ и проф. д-р Тодор Серафимовски за трудот „Генеза на рудни наоѓалишта“.
Визионерот Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, беше убиен од турската војска на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер.
Целта на неговото последно патување била намерата да го спречи или одложи предвременото востание, кое во тие денови (2 до 7 мај) се договарало на Смилевскиот конгрес во домот на Даме Груев. Делчев сметал дека се уште не се созреани политичките услови за кревање востание што, сепак, ќе се случи на Илинден, три месеци подоцна.
Неговиот 31-годишен живот почнува на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.
Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.
Во зачуваните писма, Делчев пишува дека се бори за слободна и независна Македонија, со широки права на сиромашното население:
„Успехот на борбата ќе дојде со планомерна работа со која ќе им се наложиме на просветените Турци, Грци, Власи, Арнаути. Ќе ги убедиме дека ние искрено се бориме за прогресивно-културна држава, основана врз радикални и социјални принципи во животот и, тогаш, тие доброволно ќе ни подадат братски рака, здружно ќе ја продолжиме сестраната борба. Јас така и го разбирам светот: како поле за културно натпреварување на народите“. ев/сст/10:51