Битола, 7 јануари 2010 (МИА) - Митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско – новозеландски г.Петар најави дека годинава по 12 века, повторно, но, на современ македонски литературен јазик ќе биде отпечатена богослужбената книга „Цветен Триод“.
- Оваа година се подготвува капитално дело односно, прв пат на нашиот литературен македонски јазик ќе биде отпечатено делото „Цветен Триод“. Книгата била напишана на разбирлив мајчин јазик од страна на Свети Климент, кој бил на предсмртна болничка постела кон крајот на деветтиот и почетокот на 10-от век. Од тогаш минаа 12 века и сега повторно на нашиот современ, литературен македонски мајчин јазик се преведува оваа богослужбена книга во која се поместени богослужби од Цветници, па се до празникот Духовден и духовденските служби, изјави митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г.Петар.
Издавачката дејност е еден од главните стожери на оваа епархија. Континуирано на верниците им се нудат списанието „Вистина“ кое излегува квартално и списанието за образование, култура, архитектура и црковна уметност „Пелагонитиса“, додека во австралиско-новозеландската епархија на секои три месеци се објавува списанието „Осми ден“. мт/ва/13:01