Господи, Љубов неискажлива, сети се на Твоите чеда упокоени!
На денот кога македонската јавност тагува и сочувствува со болката на семејството на нашиот Тоше Проески, великанот на модерната македонска музика, и Македонската православна богословија, учениците, заедно со Ректорот и Наставничкиот колегиум, молитвено се застапуваат за неговата душа, неговото спасение.
Тажната вест длабоко ја ожалости Богословијата, чиј голем пријател беше Тоше. Тој уште од своите средношколски денови се запозна со Богословијата, во чиј хор и пееше како помошен член од Музичкото училиште во Битола и од тогаш многу ја засака и секаде ја спомнуваше. Своето пријателство уште повеќе го изрази кога ги покани сите богослови, со професорите, на својот последен концерт.
Болката е голема, но надежта ја надминува, надежта во Бога и спасението од Него. Откако веста пристигна во училиштето, секоја активност (молитва, часови, трибина...) се започнува и завршува со Вечнаја памјат и тивка молитва за негов покој и спасение на неговата душа. Вчера беше извршен заупокоен Акатист, а утрово, на утринската богослужба се отслужи молебен за покој на душата.
Тоше беше голем верник и човекољубец и тоа е една голема причина која ни дава надеж да веруваме во негово спасение и да не очајуваме за огромната загуба на ваков наш пријател и пријател на Македонија и Црквата, како и целото човештво.
Сите заедно да се помолиме за покој и спасение на верното чедо на Христа и Македонската православна црква и да му биде вечен спомен.
Со светите упокој ја, Христе Боже, душата на твојот упокоен раб Тодор во место каде нема ни болка, ни мака, ниту воздишка, но живот бесконечен.
Господи, дај ни дар на пламена молитва за упокоените, Господи, сети се на сите кои ни заповедаа ние недостојните да се помолиме за нив и избриши ги нивните гревови, прими ги во твојата населба сите кои ненадејно во жалост или радост починале.
Сите кои во цветот на младоста, на кои на земјата им припадна трнливо страдање; сите кои не ја доживеаа земната среќа, подај им, Ти Самиот, Господи, по милосрдието Твое бескрајна љубов.
Прими ги, Господи, во рајските живеалишта момчињата и девојчињата кои починале и удостој ги да ликуваат на вечерата на Синот Твој.
Ублажи ја, Господи, жалоста на родителите за изгубените деца.
Господи, Љубов неискажлива, сети се на Твоите чеда упокоени!
(од Акатистот за упокоени)
Ректор, Митрополит Повардарски, г. Агатангел
со Наставничкиот колегиум и учениците
Посети: {moshits}