Постејќи со телото, браќа, да постиме и со духот. Да се ослободиме од секоја беззакона врска; да раскинеме секаков насилно направен договор; да ги искинеме неправедните споразуми; да им дадеме леб на гладните и радо да ги прифатиме под покривот сиромасите бездомници, да примиме од Христа Бога голема милост.
Вечерна, Чиста среда
Поуки од Светите отци: Со помош на овој свет пост, човекот се вознесува на небото и се стреми кон рајот, само ако пости во совршена чистота. Со овој свет постчовекот Го прославува Бога, а секому кој ревносно го чува постот, Он му ги отвора вратите на милосрдието.
Свети Ефрем Сирин
Молитва:
Господи, отвори ни ги срцата и очите за секогаш брзо да можеме да ги видиме потребите на ближните и да поитаме и да ги сослушаме и утешиме оние кои се во болест и тага. Секогаш да бидеме подготвени за доброволно и со љубов да притекнеме во помош на оние кои им треба, во слава на Името Твое. Амин.
Читања од Светото Писмо:
Исаија 2, 4-10
Битие 1, 24-31
Соломонови Изреки 2, 1-22
Созерцание: О, доме Јаковов! Дојдете, ќе одиме во Господовата светлина.
Исаија 2, 5
Подготви: А.Л
Светите апостоли Архип, Филимон и Апфија 04/03/2009
Архип беше еден од Седумдесеттемина. Апостол Павле го спомнува во Посланието до Колосјаните и во Посланието до Филимон, нарекувајќи го другар во војувањето. Во градот Колоси центар на христијанството беше куќата на Филимон. Овде христијаните се собираа на молитва. Ова го нарекуваше Св. Павле пишувајќи му на Филимон: „твојата домашна црква“. Во тоа време апостолите ги ракополагаа своите ученици за епископи, и тоа некои од нив на постојани места, а некои како патувачки мисионери по разни места. Филимон беше од овие последниве. Неговата жена Апфија постеше и ѝ служеше на домашната Црква. Во времето на еден празник на незнабожната божица Артемида сите верни во Колоси беа собрани во домот на Филимон на молитва. Незнабожците дознаа за ова собрание, навалија и ги испофаќаа христијаните. Филимон, Архип и Апфија како водачи прво ги избија, потоа ги закопаа до појас во земја и почнаа да ги каменуваат. Вака ги убија Филимон и Апфија, а Архип го извадоа од дупката одвај жив, за разонода на децата. Децата сиот го избодија со ножеви. Така овој Павлов другар во војувањето добро го заврши својот подвиг и патот на земниот живот и се престави кај Господ.
Преподобен Доситеј 04/03/2009
Ученик на славниот авва Доротеј, којшто живееше во киновијата на Преподобните Серид, Јован и Варсонуфиј Велики. Доситеј беше роднина на еден војвода и во Ерусалим дојде да ги види Светите места. Еднаш додека гледаше во сликата на Страшниот Суд во една црква, му се приближи една жена во порфирен фустан и му објаснуваше. А најпосле, при разделбата му рече дека ако сака да се спаси треба да пости и често да Му се моли на Бога. Ова беше Пресвета Богородица. Срцето на младиот Доситеј се разгоре и посака монашки живот. Доротеј го прими за негов ученик и му нареди наполно да ја отсече сопствената волја и да го слуша својот духовен отец. Неколку дена му даваше да јаде колку што сака, по извесно време му скратуваше по една четвртина, по некое време уште по една, сѐ дури не го навикна на најмало количество храна, постојано велејќи му: „Јадењето е навика и кој колку ќе навикне толку и јаде“. Свети Доситеј се спаси и се прослави преку послушанието. Остана засекогаш за пример на монашкото послушание и предаденост на својот духовен отец. Овој млад светител живееше во 6 век.
Старец Ефрем Филотејски
Бог нема постојано да ја праќа Својата благодат во срце кое не поставува ограда пред своите страсти ниту во ум којшто не покажува дека ги ограничува своите бесцелни скитања. Во почетокот, Бог ни ја дава благодатта за да ни помогне, за да нè поттикне, за да ги наслади нашите душевни чувства, за да нè привлече. Но ако напоредно со тоа не се трудиме и ние, благодатта нема да биде делотворна и ќе се повлече. Апетитот се појавува со јадењето, а молитвата со молењето. (Од Верскиот календар на МПЦ )