логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

Stefan.Poslanie2025i


ПАСХАЛНО  ПОСЛАНИЕ

 

† СТЕФАН,
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЈЕРЕЈСКИ СИНОД,
ПО ПОВОД ВЕЛИГДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, ДО МОНАШТВОТО
И ДО СИТЕ ЧЕДА НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,
ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО ВЕЛИЧЕСТВЕНИОТ И ТОРЖЕСТВЕН ПОЗДРАВ –
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!

 

Јас сум воскресението и животот.
Оној што верува во Мене, и да умре, ќе живее[1].

 

Возљубени празникољупци,

              Собрани со торжествена радост, соединети со вера во воскреснатиот Господ, денес го славиме најголемиот настан во историјата – Христовата победа над смртта! На овој Празник над празниците, во овој Ден на незаодната светлина, кога исчезнуваат сите граници меѓу земното и небесното, откако поклонички и смирено го изодивме патот на благословениот Велигденски пост, еве, радосно ја празнуваме победата на животот! Исправени во стамена послушност на Божјите заповеди и внурнати во несогледливите и неискажливи длабочини на Божјите тајни, денес повторно го осознаваме искупителниот дар на неизмерната Божја љубов, на вистинскиот и неминлив живот во кој Бог нè приведе од небитие, благоизволувајќи довека да сопостоиме со Него.

Светата Црква учи дека Христовото искупително дело за спасението на човечкиот род, потполно и конечно се оствари преку Неговото тридневно воскресение. Сè што беше пророкувано и очекувано во Стариот Завет, кога се исполни времето[2], се оствари во Неговата личност и во Неговото дело: Господ се воплоти, доброволно се распна, се предаде на страдања и смрт, и воскресна во слава и величие.

Затоа, со кој јазик да го искажеме и со кои зборови да го опишеме нашето благодарно ликување?! Со какви стихови долично да ја испееме највеличествената химна за Христовото воскресение?! Исправени во созерцание пред адскиот мрак кој се заканува да нè погуби, а восхитени од Христовото славно воскресение, го слушаме одекнувањето во нас на божествениот глас кој повикува: Врви по Мене![3] Оттаму на овој празник обилно се излева неискажлива радост, та на почетокот од воскресната богослужба, среде ноќта, пееме: „Пријдете, примете светлина од незаодливата Светлина, и прославете Го Христа Кој воскресна од мртвите!“[4]

Возљубени чеда во Господа,

Чудесната вест, објавена од ангелот во тишината на празниот гроб, дека Христос воскреснал, до денешен ден допира до сето создание и постојано донесува нова радост и нови надежи. А Бог, како бесконечен и совршен, немаше потреба од Воплотувањето. Победата над смртта со смрт, Тој не ја извојувал заради Себе, туку за да им дарува живот на оние во гробовите и да ги ослободи заробените од смртта. Па, Господ Христос ја поднесе жртвата не за Себеси, туку за нас да нè украси со венецот на победата и на животот!

Бог го создаде светот добар, и за добро, и тој не почива во зло самиот по себе! Оддалеченоста на човекот од Бога е она што чини да се раѓа злото во светот. Затоа, историјата на човештвото изобилува со војни и зла, со освојувања и прогонства, со страдања, неправди и несреќи. Но, најважните војни и битки се оние коишто човекот ги води со себеси, преку личното покајание и враќање кон Бога. Оттаму, ако човекот успее да извојува победа врз самиот себеси, врз својата падната природа, тоа ќе значи дека ја добил и најважната битка во животот!

Спасителот, Господ Исус Христос, го победил злото на Крстот, а оние коишто веруваат ја наследуваат таа победа, сораспнувајќи се со Него. Подвижничкото чување на Божјите заповеди значи човекот да се уподоби на Бога, за, како што вели светиот апостол Павле, да Го познаам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, сообразувајќи се со Неговата смрт, та некако да го достигнам воскресението на мртвите[5].

Возљубени во Христа воскреснатиот,

Нема воскресение без распетие, како што нема ниту вистинска радост на која не ѝпретходеле горчливи солзи. Овогодишниот Велигден го доживуваме поразлично од досега. Имено, во текот на овогодишниот предвелигденски период пострадаа шеесетина наши чеда, а повеќе од двесте беа повредени во страшниот пожар во Кочани. Трагедијата за кусо време, како ретко кога, го сплоти во тага и во молитви сиот наш народ, но и сите оние коишто сочувствуваа со нас. Истовремено, кочанското страдање на најсуров начин повторно нè соочи со немилосрдната стварност на смртта. Во молитвеното испраќање на овие млади луѓе и во привремената разделба со нив, ништо друго не можеше да ни даде сила и утеха освен простувањето од нив со бодра надеж во воскресението. Затоа годинашнава велигденска светлина ја очекувавме и ја дочекуваме со уште поголема духовна усрдност.

И во овој миг да се потсетиме и на оние коишто го жртвуваа и сопствениот живот, за да спасат што повеќе други животи. Во нив силно заблеска евангелската порака за љубовта кон ближните, упатена од воскреснатиот Господ: Ова е Мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што Јас ве возљубив. Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи некој својата душа за своите пријатели[6].

Возљубени чеда на Македонската Православна Црква,

Оваа година прославуваме 80 години од одржувањето на Првиот македонски Црковно-народен собор, одржан во Скопје, во 1945 година, на кој тогашните свештенослужители и народни претставници од слободна Македонија донеле Одлука со која го најавиле воскреснувањето на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква. Воедно, годинава нашата помесна Црква учествува и во сеправославното прославување на големиот јубилеј – 1700 години од Првиот вселенски собор, одржан во Никеја, во 325 година, а на кој Црквата ја победи ереста на аријанизмот, успевајќи да го запази учењето за Словото Божјо и, следствено, за вистинитоста на Неговото воплотување. Токму таа божествена вистина, пак, ни ја дава можноста за наше благодатно учество во Неговата природа[7] и за наше совоскреснување со Него!

Затоа, честитајќи ви го Празникот над празниците – Велигден, посакуваме благословението Господово да завладее во секого од нас и во сиот свет. А за тоа потребно е, кога во овие велерадосни денови празнично едни со други ќе се поздравуваме со „Христос воскресна“ – „Навистина воскресна“, ние, од длабочината на нашите срца, да ја исповедаме верата дека Бог ќе ги воскресне и нашите тела со истата моќ со која Го воскресна и нашиот Господ[8]. Така и да ја живееме нашата вера, исповедајќи: „Го чекам воскресението на мртвите и животот на идниот век“! Амин!

Честит Велигден!

Христос воскресе!

 

† СТЕФАН,
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
заедно со членовите на Светиот архијерејски синод
на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија

† ПЕТАР,
Митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски

† НАУМ,
Митрополит Струмички

† АГАТАНГЕЛ,
Митрополит Повардарски

† ЈОВАН,
Митрополит Крушевско-демирхисарски

† МЕТОДИЈ,
Митрополит Американско-канадски

† ПИМЕН,
Митрополит Европски

† ИЛАРИОН,
Митрополит Брегалнички

† ЈОСИФ,
Митрополит Тетовско-гостиварски

† ГРИГОРИЈ,
Митрополит Кумановско-осоговски

† ЈОАКИМ,
Епископ Дељадровско-илинденски

† МАРКО,
Епископ Делчевско-каменички

Велигден, 2025.

[1] Јн 11, 25.

[2] Гал 4, 4.

[3] Сп. Мт 4, 19; 10, 38; 16, 24 и Лк 14, 27.

[4] Од Пасхалната богослужба.

[5] Фил 3, 10 и 11.

[6] Јн 15, 12 и 13.

[7] Сп. 2 Птр 1, 4.

[8] Сп. 1 Кор 6, 14.

 

https://mpc-spe.mk/arhiepiskop/aktivnosti/pashalno-poslani-2025/

 

 

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Беседи

БEСEДА за ужасoт на прирoдата при смртта на Гoспoда

БEСEДА за ужасoт на прирoдата при смртта на Гoспoда

И зeмјата сe затрeсe и карпи паднаа (Мт. 27:51). O какoв страшeн укoр на луѓeтo! И мртвата прирoда Гo пoзнала Oнoј Кoгo луѓeтo нe мoжeлe да Гo пoзнаат. Сeта нeма...

 Митрополит Струмички Наум : Потешко ни беше да бегаме

Митрополит Струмички Наум : Потешко ни беше да бегаме

Некаде, некој има убаво кажано дека колку повеќе се доближуваме до Голгота, следејќи Го верно Христос, толку помалку луѓе (духовни чеда, пријатели) гледаме околу нас. Но, ништо чудно. Знаеме и...

Св. Јован Златоуст -  За Лазар, Слово 6

Св. Јован Златоуст - За Лазар, Слово 6

Уште колку пари? Уште колку богатство? Уште колку великолепни зданија? Уште колку бездушна приврзаност спрема задоволствата? Еве се случи земјотрес; каква полза ни донесе богатството? Нечиј труд пропадна, изсчезна имотот...

„Лазаре, излези надвор“

„Лазаре, излези надвор“

Тие Негови зборови, пред сè, значат дека нема смрт за оние кои веруваат во Христа, зашто Христос подоцна на Марта ѝ вели: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во...

презвитер Горан Стојчевски: ЛИТУРГИЈАТА – ДВИЖЕЧКАТА СИЛА НА СВЕТОТ

презвитер Горан Стојчевски: ЛИТУРГИЈАТА – ДВИЖЕЧКАТА СИЛА НА СВЕТОТ

„Благодарење. Тајна што не требаше да остане толку тајна. Непроценлив дар, незаслужен. Дело Христово во кое постојано се учествува иако само еднаш се случи. Соборно сведоштво во личен подвиг подготвено....

БEСEДА  за пoмирувањeтo на лoшитe заради злoтo

БEСEДА за пoмирувањeтo на лoшитe заради злoтo

И дeнeс мeѓусeбнитe прoтивници сe пoмируваат кoга трeба да сe нападнe и да сe oсуди Гoспoд. Има мнoгу кoи сe кoлат пoмeѓу сeбe дoдeка нe им гo спoмнeтe имeтo Гoспoдoвo....

БEСEДА  за наслeдникoт и за рoбoт

БEСEДА за наслeдникoт и за рoбoт

Зoштo дoјдe Христoс на Зeмјата, браќа? Да нè направи пoдoбри oд рoбoвитe, да ни дадe правo какo синoви и дoлжнoст какo гoспoдари. Правo на синoвитe e сo имeтo Христoвo да...

БEСEДА за oбјавeнитe тајни

БEСEДА за oбјавeнитe тајни

Злoстoрник станува oнoј чoвeк кoј ќe пoвeрува дeка дeлата чoвeчки мoжат да сe скријат. Така мислeлe и eврeјскитe старeшини кoи вo тајнoст гo пoдгoтвуваа свoeтo злoстoрствo над Христа Гoспoда, тајнo...

Архива:Митрополит Струмички Наум:Тример (06.03.2022)

Архива:Митрополит Струмички Наум:Тример (06.03.2022)

Влегуваме во периодот на Големиот пост. Почнуваме со ’тримерот‘. Во Црквата Божја ова не е само период со некој посебен ред и правила, ова е, пред сè, период на посебна...

« »

Најнови вести

Православен календар

 

19/04/2025 - сабота


Велигденски пости;
(строг пост)

Велика Сабота; +Упокоение на Свети Методиј Солунски; Свети Евтихиј, патријарх Цариградски; Светите Сто и дваесет маченици коишто пострадаа во Персија; Преподобен Григориј Синаит;

 

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Христов исповедник преподобен Никита 16 април/3 април   2025

Тропар на светиот Христов исповедник преподобен Никита 16 април/3 април 2025

Исповедниче на православието,пастиру на овците словесни,велик молитвенику, од Никифора преподобниотдуховно роден, од Тарасие Патријархотсо оклопот на свештенство облечен,

 Тропар на преподобниот отец наш Тит чудотворец 15 април / 2 април 2025

Тропар на преподобниот отец наш Тит чудотворец 15 април / 2 април 2025

Небесата сведочат за твоите подвизи,преподобен оче наш Тите,земјата те восфалува со сведоштво на твоите ученици,кои по делата на верата твоја...

Тропар на светата преподобна мајка Марија Египетска 14 април/1 април 2025

Тропар на светата преподобна мајка Марија Египетска 14 април/1 април 2025

Пустината се напоисо твоите топли солзипесокта ја претвориво молитви кон Бога непрестајниветрот ја пренесе милоста Божја по твоите молитвидо оние...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Манастирски посни рецепти

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная