Скопје, 23 јули (МИА) - Во организација на Прогресивниот млад синдикат, во Културниот центар „Точка“ денеска се одржа трибина посветена на идејата на Владата да возобнови црква на плоштадот „Македонија“ во Скопје, на која присуствуваа нејзини приврзаници, неистомисленици, но и верници на Македонската православна црква.
Трибината, на тема „Парцела Б5 - популизмот во служба на кичот“, се претвори во дискусија за начинот на водењето на државната, од една, и градската власт, од друга страна.
Градоначалникот на Скопје Трифун Костовски, кој беше еден од говорниците на трибината, изјави дека градските власти не биле известени за одлуката на Владата и за тоа што сакаат да прават. Според него, ингеренциите на градот Скопје се ставени на маргините и оти „Мал Ринг се претвора во политички ринг“. Костовски рече дека е христијанин и оти нема ништо против градење цркви, но оти за црквата „Константин и Елена“ нема маркица и законот не е испочитуван.
Љубица Кондријанова, конзерватор од Заводот за заштита на споменици изјави дека станува збор за возобновување на црква што веќе постоела во Скопје, во која таа била крстена пред 52 години, потенцирајќи дека белезите на Скопје треба да се зачуваат. - Едно е немање и барање ингеренции, а друго возобновување на црква, рече Кондријанова, потсетувајќи го Костовски на тоа дека таа била една од оние што ја застапувале идејата за обновување на градската кафеана „Кермес“, во чија реализација тој лично е инволвиран. Таа потсети на фактот дека никој не реагираше така кога во Скопје беа урнати повеќе стари објекти, на чие место се изградени нови згради.
Организаторот образложи дека трибината не била организирана за тоа да се одговори на прашањето дали треба да има црква, ниту да се направи притисок врз црквата, туку да се слушнат мислењата на експертите.
Поради жестоко спротивставените мислења на организаторите и дел од присутните граѓани трибината беше прекината.
Извадоци од дискусиите:
Друго:
ИРЕНА МИШЕВА, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОВЕТОТ НА ГРАД СКОПЈЕ
Скопјани ќе се гордеат со црквата на плоштадот
Пари од градот нема да се одлеат за изградба на црквата, тие ќе си останат во градската каса и ќе може да се планираат за решавање комунални и инфраструктурни проблеми, вели претседателката Мишева
Плановите за изградба на црква на плоштадот Македонија во центарот на Скопје предизвикаа лавина најразлични коментари во јавноста. Скопскиот градоначалник Трифун Костовски остро се спротивставува на изградбата на верскиот објект и најавува дека пред Уставниот суд ќе ги оспори измените на детаљниот урбанистички план со кои се зацртува маркичка за црквата, а кои ги донесе Општина Центар.Од друга страна, претседателката на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, вели дека мнозинството градски советници ја поддржуваат идејата за црква на плоштадот.
Сакам да истакнам дека навистина не ми е јасно и не можам да ја разберам негативната енергија што се појави околу ова прашање. Во изминативе денови бевме сведоци на многу полемики и коментари за ДУП за Мал ринг, а се спомнуваат определени забелешки за спроведување на меѓународен или државен јавен конкурс. Но, треба да се знае дека тоа не е во согласност со текстуалниот дел на ГУП на Град Скопје, во кој стои дека подносителот на планот е должен да спроведе конкурс за промени од поголем обем. Со други зборови, промени во урбанистичкиот концепт што опфаќаат значителен дел од површините на урбаниот опфат, а во овој случај се работи за промени во многу мал обем поради што не е потребно спроведување таков конкурс.Во текстуалниот дел од ГУП наведено е дека како општа карактеристика на идниот просторен развој меѓу другите е и дооформување на главните градски плоштади според нивната историска концепција со објекти од градско и државно значење од што произлегува дека планираниот објект- црквата ги задоволува утврдените параметри од Генералниот урбанистички план. Владата донесе одлука со консензус, со која го задолжи Министерство за култура за отпочнување постапка. Знаете дека Министерството за култура објави меѓународен конкурс за идејно-архитектонско решение на кој имаше 18 пријави. Од страна на стручно жири во кое покрај наши видни архитекти имаше архитекти и од странство, и согласно со црковните-архитектонски барања беше доделена 3-та награда.Не е прекршено апсолутно ништо ниту во постапката која се водеше и од страна на Министерството за култура и во согласност со сите законски правила и прописи.
* Како ги коментирате ставовите на
градоначалникот Костовски?
- Градоначалникот Костовски има право на свое мислење и свој став. Аргументите се најсилна алатка во демократијата. Понекогаш поинакво мислење е пат кон успешна приказна, но тоа е придобивка и доблест во демократијата се додека е конструктивно. Верувам дека аргументите ќе победат, зошто сите ние живееме, работиме и се движиме во овој град и сакаме да го направиме поубав, посреден и да прилега на вистинска метропола.
* Неопходна ли е изградбата на црква. Не е ли попотребно со тие пари да се решат хроничните комунални и инфраструктурни проблеми во Скопје?
- Пари од градот нема да се одлеат за изградба на црквата, тие ќе си останат во градската каса и ќе може да се планираат за решавање комунални и инфраструктурни проблеми. Скопје со изградбата на црквата ќе има уште еден капитален објект, за кој нема да се трошат градски пари. Туку напротив, кога зборуваме за изградба, тоа секогаш е позитивно за градот, затоа што со изградба на капитални објекти се внесуваат дополнителни средства во градската каса.
* Дали е вообичаено да се градат вакви објекти на главни градски плоштади и дали тоа е во согласност со традицијата на православните земји?
- Нема град во Европа кој на плоштадите нема цркви или, пак, катедрали. Тоа е одлика на секоја метропола, на секој град без разлика дали е мал или, пак, е главен град на некоја земја.
Има само една разлика од искуствата помеѓу другите и нас, а тоа е што секаде промотори и најзаинтересирани за изградба на капитални дела се локалните власти, особено кога се работи за централно градско подрачје. Кај нас е обратно, централната власт е таа што иницира и гради, а ние како локална власт сме многу инертни и пасивни.Централниот дел од Скопје е потонат во едно сивило и бездушност, плоштадот нема содржина за да ги привлекува жителите и посетителите. Токму затоа, убедена сум дека кога ќе се изгради црквата, музејот, театарот, градската куќа, кои се капитални објекти со различни намени, ќе им побудат интерес на жителите. Ќе се заживее плоштадот Македонија, а скопјани ќе имаат со што да се гордеат, затоа што ќе имаат и што да покажат на нивните пријатели, посетители, гости, туристи.
* Каков е Вашиот став за постапката за донесување на измените на ДУП од Општина Центар, станува ли збор за (не)усогласеност со ГУП?
- ДУП е под ингеренција на општините. Така е и во овој случај. ДУП „Мал ринг“ е во надлежност на општината, а не на градот. Планот за Мал ринг е донесен на седница на Совет на општина Центар и е донесен во законска процедура.
* Ќе има ли измени на ГУП?
- Да, на последната седница на Совет на Град Скопје донесовме одлука за измена на ГУП за град Скопје, која веќе е отпочната. Тука сакам да потенцирам дека согласно со Законот за територијалната организација од 2005 година, градот Скопје има и законска обврска да го отпочне целиот овој процес. Тоа се наметнува од фактот дека територијално Град Скопје со Законот од 2005 година не е во исти територијални рамки, па така имаме општини што припаѓаат на град Скопје, но воопшто не се зацртани во ГУП кој е од 2002 година. Градот промената на ГУП требаше да ја почне многу порано. Советот на Град Скопје уште на почетокот на мандатот донесе една одлука и поминаа речиси две години досега кога и конечно го финализиравме со ваква одлука.Тука морам да потенцирам дека и покрај законската обврска која ја имавме, ние немаше ништо да отпочнеме доколку централната власт не ни помогна со финансиски средства за ГУП.
Марјан Блажевски-Дневник
Посети: {moshits}