Излезе од печат првата стихозбирка, богољубива поезија со наслов „ Манастирски води „ од сестринството на манастирот Свети Јован Крстител Слепче, посветена „На жедните… “
Рецензент на оваа книга е проф. д-р Владимир Мартиновски од катедрата за книжевсност при филолошкиот факултет.
Во продолжение ја приложуваме целосната рецензија на книгата:
ПОЕЗИЈА КАКО СООЧУВАЊЕ, НАДЕЖ И ЛЕК
Во една пригода Јохан С. Бах рекол дека улогата на добрата музика е да го слави Творецот и да му дава утеха и радост на човековото срце. Поезијата од ракописот „Манастирски води“ наполно ги исполнува и двата големи предизвици. Станува збор за поезија сочинета врз темелите на духовното, сакралното и религиозното искуство, така што еден вид лајт-мотив на стихозбирката е токму опевањето на Духот: Незадржлив / Секаде присутен / Неподмитлив / Вистината го прати везден.
Во една од шесте песни под наслов „Духот“, се чини како да (ни) се открива и вдахновението и смислата и философската основа на овој поетски корпус: Духу, / Кој си насекаде и сѐ исполнуваш, / Нас постојано нè поттикнуваш / Нѐ расонуваш / Нè вразумуваш. Имено, овие песни не само што се поттикнати од Духот, туку силно (нѐ) расонуваат и (нѐ) поттикнуваат на размислување. Стиховите меѓу кориците на „Манастирски води“ се искрени, лечебни и непосредни како бистри планински реки. Речиси е невозможно да се најде песна која не прераснува во искрена и моќна молитва. Соочувајќи се со најразлични, неретко крајно суптилни, внатрешни драми и перипетии, грижи и кризи, премрежиња и искушенија, лирските субјекти не се откажуваат од својата „внатрешна борба“, црпејќи ја својата сила токму од непоматените Љубов, Вера и Надеж.
Токму затоа, оваа книга би можела да се чита како современ молитвеник, како поетски „детектор“ на човековите слабости, расколи и падови (предизвикани пред сѐ од гордоста, самољубието и духовната заслепеност човекова), но и како една голема Химна на Љубовта. Оваа поезија е сведоштво за едно постојано, здраво и спасоносно себеиспитување. Кога сами се лекуваме, / Само повеќе потонуваме – нѐ потсетува песната „Лек“, а во песната „Капка“ се поставува јанѕоносното прашање: Но има ли место за радост / Во овој свет исполнет со прелест? Преку ефектна поетска споредба се поставува ефектна дијагноза за современата „човекова состојба/судбина“: Помали сме од бубамара / На која ѝ поставиле препрека, / Но таа може барем да полета.
Сепак, во песните со секоја нова строфа, во секој нов стих како да среќаваме по некоја подзаборавена, но суштествено важна доблест и мудрост: од скромноста до самокритичноста, од благодарноста до човекољубието. Во песната-псалм „Името кое создава“, ономатопеите изнедрени од луѓето, растенијата и птиците се толкуваат како внатрешна потреба да се опева и слави Создателот, како исконски изблици на восхит и благодарност. Во песната „Крик“, поетскиот чин е неразделен од молитвеното тихување: Песна си пеам безгласно, / Зборови редам занемено, / Ништо не мислам, ни зборувам – / Само на Тебе се надевам. Всушност, оваа ретка поетска книга, во која песните течат како поетски манастирски води, суштински ја буди и ја негува вистинската, примордијална надеж, која се темели на спасоносното сознание дека Љубовта нема крај.
Проф. Д-р Владимир Мартиновски
Ајде слушај, слушај – кон Св. Кипријан
14/07/2017 Поуки - совети
Звук во уво наближува
Како шум од летен припек,
Дали е тоа прелага
Или претстојност е во тек ?
Зборови пливаат во оскудица
Срце јуначко се колеба,
Да ти пристапи не сака
Душа се најде недостојна
Послушност барем да ме закрепнеше,
Нешто кое ке ме оправда
Од калта ме извлечи
Рани недостојни да залечи
Смелост да ми долови
Дрскост од мисли да истера,
Не се сите реки чисти –
Море сепак ги прима
Ете ме мене,
Нема со што да се пофалам,
Мене и моето бреме
Покрај слава Твоја да поминам
Дозволи сенка барем да Ти допрам
Патека да погледнам
Заедно со Ангели испратени
Песна да ти нанижам
Дел да имам не во славата
Туку во шумот на лисјата
Кои како ѕвезди ке паѓаат
И Тебе слава ке Ти воздаваат
Ти Кој го прослави Творецот
Го понесе храбро венецот
Го прифати мачеништвото
Она кое е на Љубов заложништво
Во тело за сведоштво
Вон тело за учество
На трпеза Авраамова
Исакова и Јаковова заоставштина
Ајде, умот надари го
Со она кое на Бога му е угодно
Па потоа повторно остави ме –
Во прашина заборави ме
Само малку да послужам
Без гордост да разнежам
Рајска птица да испратам
Бога во Тебе да го прославам
Богољубива поезија од сестринството на Слепченскиот манастир, посветена на Светиот Кипријан Слепченски
Прашина
на Св. Кипријан
Ги газеше овие патишта
Околчуваше ниви и умови
Не знаеше кои алишта
Ги носиш на средби со чеда духовни,
Радувај се свети Кипријане Слепченски !
Го голташе небото
Ширно раце ширеше кон полето
Душа сечија примаше
За секого жестоко се бореше,
Радувај се свети Кипријане Божја пофалбо !
За ништо не се сметаше
Последен по пат одеше
Во таа земна прашина
За тебе од Небо дарувана,
Радувај се свети Кипријане економе !
Дарувана на смрт да те потсетува
Остаток човечки да навестува
Тело да се смирува
Од мудрување свое да се ослободува,
Радувај се свети Кипријане
чие патешествие денес го прославуваме !
Очи море не ти избистри
Туку орел во овие планини
Браќа беа помошници
Да се ослободиш од младешки навики,
Радувај се свети Кипријане млад ученику
Од Божја љубов зависнику !
Очи испратени во далечина
Преку таа прашина
Срце дома оставено
За Христа секогаш врзано,
Радувај се свети Кипријане кон небеса раце подигнуваше !
Пример зеде од Претечата
Со Ангел во тело другаруваше
Затоа кога војската демонска на тебе се подигна
Многу за нив не мудруваше
Не само глава што подаде
Глава во Христови раце
Туку тело мораше да изгори
Да посведочиш дека без Христа ништо не си
Радувај се Светителе !
Радувај се Преподобномачениче !
Радувај се Учителе !
Радувај се пред Бога застапниче !
Ете сега оваа прашина
Која на очиве се удомила
Полека паѓа како копрена
Полека твој лик здогледува
Како што магла се подига
Пред мене смело излегува
Полека, полека, полека –
Твојата Икона
Свет си Оче Безпочетен,
Свет Сину пред времето Роден,
Свет Духу од Отецот Исходен,
Троице Пресвета – слава Ти !
Богољубива поезија од сестринството на Слепченскиот манастир, посветена на Светиот Кипријан Слепченски
Извор: