Деновиве излезе од печат најновиот број на списанието за духовни вредности „Премин“, посветен на светиот праведен Јован Кронштатски.
„Ако не служам неколку дена, се гасам, духовно умирам, а штом служам или се принудувам на молитва (секако не формална, туку духовна, искрена, огнена молитва), се разгорувам, оживувам и со срцето и со душата. Ја сакам молитвата пред путирот, бидејќи тогаш во себе необично се менувам преку Божјата милост: умирам за светот и светот (со сите свои добра) истовремено умира за мене. Тогаш живеам во Бог. Со Него сум проникнат и станувам ист дух со Него. Тогаш моето срце е исполнето со радост, благост и љубов. Мојата душа е просветлена од неземната светлина. Неискажливо е блаженството да се има Бог во срцето. Господ секојдневно ме обновува преку Причеста; свесно го доживувам тоа божествено чудо и Му се заблагодарувам на мојот возљубен Творец, Кој ме прави нов човек. (...) О како секојдневно ја извршувам Божествената Тајна; се причестувам и се обожувам, станувам еден дух и едно тело со Бог! О милост, добрино и праведност Божја! Секојдневно се очистувам, се осветувам, се смирувам. Слава Ти за сѐ!
– свети Јован Кронштатски
Цели триесет години отец Јован дејствувал незабележително. Меѓутоа, кон крајот на осумдесетите години преку своите милостиви дела и чудесни исцеленија станал познат низ цела Русија. Луѓе од сите општествени слоеви и степени на образование доаѓале кај него да земат благослов, да му побараат совет и да го замолат да се помоли за нив.
Работниот ден на отец Јован траел дваесет часа. Станувал околу четири часот наутро и денот го започнувал со молитва. Околу пет часот заминувал во црква, каде што служел Утрена и Света Литургија. Уште пред куќната врата се туркале луѓе за да земат благослов, а големата соборна црква, која собирала околу пет илјади луѓе, уште од пет часот наутро била полна со народ. Во присуство на многу причесници, службата траела до претпладне. Забележал: „Морам да се молам за народот. Срцата на луѓето се расеани; тие се држат за земното и само во мака се обраќаат кон Бог. Но тешко нам (на свештениците) ако во овие моменти на најголема милост Божја не ги вознесеме нашите срца – ќе се скамениме и ќе останеме без разум. Поточно, во овој момент потребни се предаденост Нему, нашата верна доверба и љубов кон Вистината“.
После богослужението, многумина го чекале надвор. Откако сите ќе ги ислушал и благословил, веднаш одел во Домот за ракотворби. Тука ги посетувал болните, немоќните, страдалните. Воопшто немал време за себе и за семејството. Понекогаш, доцна попладне, доаѓал дома да се поткрепи, иако тоа се случувало многу ретко, а потоа патувал до Петроград кај тешко болните. Речиси секој ден патувал по час и половина триесет километри до Петроград. Таму насекаде вршел молебни и делел милостина. Потоа се враќал назад во Кронштад, обично околу полноќ или подоцна. Само неговата верна жена Елисавета Константинова го чекала да му приготви нешто за јадење.
Спиел одвај по еден-два часа, и тоа секогаш со отворен прозорец, дури и зимно време, а често воопшто и не спиел. Следното утро околу четири часот повторно бил на нозе, усрдно молејќи се за сите што на каков било начин страдаат.“
(извадок од житието на свети Јован Кронштатски)
Содржина
1. Наместо вовед
2. Свети Јован Кронштатски: Љубов што победува сѐ
3. Светоотечка ризница: Молитвата е доказ на мојата боголикост / свети Јован Кронштатски
4. Црквата и светот: За свети Јован Кронштатски и писателот Лав Толстој
5. Patristic Treasure / Saint John of Kronstadt
6. Четириесет и осмо слово / преподобен Симеон Нов Богослов
7. Беседи / Митрополит Струмички Наум
8. Литургијата – движечката сила на светот / о. Горан Стојчевски
9. Средбата со нив е секогаш средба со Христос / јеромонах Григориј
10. ЈУ Завод Бања Банско: Нивната радост не знае за граници
11. Сознанието дека можам да бидам чудо за некој друг... / Ник Вујичиќ
12. За аутизмот / о. Горан Тасески
13. Здравјето на душата и телото: За вештачката имунизација / о. Илија Букушовски
14. Само љубовта кон Бог може да нѐ спаси / Александар Солнцев
15. Кој го има освоено просторот на срцето, го има освоено светот / јеромонах Г.
16. Бог од хартија / проф. д-р Венко Андоновски
17. Воскресенскиот манастир „Нов Ерусалим“ во Подмосковје / Невенка Џумурова-Јањатова
18. Русија е Подножје на Престолот Господов / Владимир Марковиќ
19. Исповед / Мики Делев
20. Науката и верата: Сѐ е светлина / интервју со Никола Тесла
21. Занимливости: Во вселената можеш да ја видиш милоста Божја
22. Житија: Блажена Старица Матрона
23. Детско катче: „Од Јас-градот во Ти-градот“ (2 дел) / Мирсини Вигопулу
24. Inbox: Не се тие деца со посебни потреби… / Јордан Ѓурчески
Извор: МПЦ-ОА