Монашење на манастирската слава
28 август/10 септември 2014 лето Господово
Откако се собравме, верни, да го прославиме посредникот меѓу Законот и благодатта, оти тој ни проповедаше покајание, смело и јавно го укори Ирода, и главата му беше отсечена. И сега, живеејќи со ангелите, се моли на Христа да се спасиме.
(Седален од Утрената)
Монашкиот подвиг и животот на доброволно распетие заради Оној, Кој се распна од љубов за нас, не е лесен крст за носење, но бигорските браќа во тој свој секојдневен подвиг имаат моќен сојузник и силна потпора. Ги имаат благодатта и молитвената закрила на славниот Пророк и Претеча Господов, заштитник на монасите, учителот на пустината, нивниот патрон и молитвеник пред Бога, свети Јован Крстител. Со неговото посредништво секое искушение се отклонува, бремето се олеснува, благодатта безмерно се излева. Така било со векови. Уште од самиот почеток, кога Христовиот Крстител слезе на Радика и благоволи на пустиникот Јован преку чудотворната икона своја да му се објави, ова место за манастир да го благослови и со својата благодат да го освети, па сѐ до денес, Бигорското светилиште е место каде духот негов постојано пребива и своите монашки потомци ги укрепува. Еве сега и нашето монашко братство со неговата сила осенето, неговиот живот на доблесно воздржание го подражава, патот на покајанието што тој ни го покажа ревносно го следи, и нови духовни плодови раѓа. Претечевата, пак, икона, што со смирен сјај блеска на влезот од храмот и со нова благодат и чудеса се украсува, со секој ден сѐ повеќе намерници привлекува. И зарем е чудно тоа што свештената почит кон овој голем пророк во Бигорското светилиште сѐ повеќе расне, и неговиот спомен сѐ поторжествено се слави?
Всушност бигорското славење започна уште претходно. Се зарадува Бигорската обител што на својот возљубен покровител нови три рожби му принесува и со негов благослов пред нозете Христови ги полага. Затоа во манастирот уште од утрото атмосферата е поинаква. Браќата возбудено и со радост ги прават последните подготовки за претстојното торжество. А дворот е веќе преполн со верници. Секој со нетрпение го очекува мигот кога ќе бидат положени монашките завети и новите монаси ќе се причислат кон ангелскиот ред. Најпосле, настапи квечерината и камбаните со своето раскошно празнично биење го означија почетокот на вечерното богослужение. Бигорскиот храм, празнично украсен со цвеќе, се закити и со безброј радосни лица, кои го надополнија торжествениот амбиент. И додека молитвите се вознесуваа кон таинствените височини на бигорското небо, погледите беа упатени кон влезот каде во смирената светлина на свеќите зрачеше ангелската појава на искушениците во своите бели кошули и светнати ликови. Закрилнички прегрнати од татковската љубов и монашката мандија на нашиот христољубив старец, архимандрит Партениј, тие полека се движеа кон олтарот, проследени од умилното пеење на познатата стихира која молитвено Го повикува Бога Отецот да им ги отвори Своите прегратки. А таму, преку раката на нашиот многупочитуван владика, митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој го изврши свечениот чин на монашкиот потстриг, се излеа благословот на преблагиот наш Спасител, и низ огнот на благодатта се родија отците: Козма, Михаил и Методиј. И во мислите гледајќи ја светата икона Претечева, со благоговение ги преклонуваа главите пред големиот подвиг на оној, чиј живот беше постојана служба на возвишената правда. Со љубов и ревност ги упатуваа своите молитви кон големиот маченик Христов, во Светото Писмо наречен ангел, кој го подготви патот на нашиот Спасител, молејќи го да им даде силно покајание и огнена вера, за да не се покажат малодушни и колебливи, кога ќе треба да Го исповедаат Христа, и да пострадаат за Божествената правда. Нивните молитви се слеваа со умилните прозби на нивниот старец, кој со вознесен поглед и срдечни воздишки ја привлекуваше кон нив благоста на Господа, просејќи од Него да им ги отвори рајските двери и во своето царство да ги запише имињата нови.
Гледајќи ги овие три земни ангели, новозамонашените Христови војници, монахољубивиот наш владика ги потсети нив на вечниот Претечев повик за покајание, и со своите архипастирски слова ги поучи да му бидат послушни на својот старец, ревносно да работат за полза на целото братство и да бидат достојни служители на човекољубивиот Бог и својот благоверен народ, служејќи ѝ до крај на својата Мајка Црква:
„Во името на Отецот, Синот и Св. Дух. Амин!
Драги браќа и сестри
Денеска сме собрани на молитва во овој свет манастир, посветен на св. Јован Крстител. Овој ангел на земјата, нè поучува сите нас. Тој нè учи со неговиот свет, испоснички и подвижнички живот. Го подготвува патот на Господа. Патот Господов е познат, тој е голем и светол. По него врвеле и врват, неизбројни поколенија од најразлични народи, повеќе од 2000 години. Но, и ќе врват сè додека постои и светот и векот. По него, во сите овие минати векови, оделе избрани луѓе и биле осветлувани со спасителната вистина. Посебни луѓе, пак, како свети се искачувале и до Божествените височини. Тоа се многуте светии, богоугодници, пред кои, пак, денес многу богобојазни срца и души, шепотат смирени молитви и прозби.
Патот Господов води и до нашите срца. Но, ние треба да го подготвиме и израмниме, за по него да помине нашиот Спасител Господ Исус Христос. Тој не е рамен. Гревот го обраснува со коров и со разни трња. Не е рамен поради нашата слабост и поради нашата духовна сиромаштија. Многу слабости стојат на нашиот пат, а тој пат е Господов, бидејќи по него Он треба да помине, за да може да се всели во нашите срца и души.
Гласот на оној кој вика во пустината е упатен и кон нас. Ние сме должни да го израмниме патот Господов. Тоа што го кажува св. Јован Крстител на своите современици, ни го вели и нам денеска: „Секирата веќе лежи при коренот на дрвото: Зашто секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган. Лопатата е во рацете Негови и Он ќе го очисти гумното свое и ќе Си го прибере житото во амбар, а плевата ќе ја изгори со оган што не гасне“ (Мат. 3, 10-12). Да не се залажуваме, како духовно безгрижни, и да се тешиме со лажна утеха, Исус е наш Спасител! Бидејќи знаеме дека Бог и од камења може да издигне чеда на Исуса (Јован 13, 23) и синови на воскресението. Исто онака, како што можеше и од камења да подигне деца на Авраама. Навистина нашиот Спасител Господ Исус Христос дојден е во светот за да нè спаси. Но, ние не треба да Му се противиме. Треба да Му Го подготвиме патот преку вера и благочестив живот, за да дојде и да се всели во нас и да нè спаси.
Дали можеме да го израмниме нашиот пат, па тој да постане Христов пат? Ако сме свесни дека тоа не можеме да го постигнеме, само со нашите сопствени сили, тогаш потребно е да застанеме пред Витаварскиот проповедник св. Јован Крстител, и да ги слушнеме неговите зборови: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе“ (Јован 1, 29). И кога ќе ги слушнеме овие зборови, да појдеме по Него. Тој ќе ги земе нашите гревови, и ќе ни помогне да ги порамниме патиштата на сопствениот живот за да постанат Негови патишта. Нека Божјата милост и благодат, нè осенат сите, па да бидеме секогаш со отворени срца за „гласот на оној што вика во пустината пригответе го патот Господов“.
Почитувани браќа монаси што вечерва ги дадовте монашките завети во оваа света обител - отец Козма, по својот покровител Козма Мајумски, отец Михаил и отец Методиј. Сето претходно кажано се однесува на секоја христијанска душа. Но, овие поуки посебно се упатени кон вас, кои вечерва се одлучивте да го земете ангелскиот чин. Монаштвото било еден од најсилните столбови на светата православна вера и Црква. Таа мисија и таа задача ја има и современото монаштво. Во св. Евангелие се вели „вие сте солта на земјата“. За да се оствари тоа, потребни се подвизи, послушност, скромност и молитвеност. Подобар пример за сето ова, не можеме да посочиме, отколку светиот Јован Претеча и Крстител Господов. Затоа, потрудете се во вашиот монашки подвиг, израмнете го патот од сите препреки, за да може Господ Христос да се всели во вашите срца и души, па да можете достоинствено да го изодите патот во подвижништво и да послужите за просперитетот и угледот на оваа света обител, на нашата епархија и на целата Македонска Православна Светиклиментова Црква. Вашите монашки имиња, нека ви послужат за радост на ангелите и за пораз на демоните. Амин!“
Извор: Бигорски манастир
Друго;
Прославен патронот на Бигорската обител (11.09.2014 12:06)
Блажениот Претеча – тоа е слава Божја, пројавена во светот. Тоа е слава на човештвото, оти сиот негов живот беше прекрасен и славен. Толку столетија минале, а красотата на неговата личност сѐ уште маѓепсува со својата чудесност. Тој е нашиот незамолчлив проповедник на покајанието, учител на вистинското благочестие, ангел на пустината и прв пустиножител, девственик и праобраз на безбрачниот и нестјажателен живот – претеча на монашкиот подвиг. Да, тој е неминлива слава и венец на монашкиот род.
Празничната утрена богослужба и светата архијерејска Литургија во Бигорската духовна сеница во спомен на Усекновението на чесната глава на светиот Јован Претеча, беше навистина достојно на Претечевата слава. Светилиштето на преголемото мнозинство народ, пристигнато тука од сите краишта на Татковината, му го покажуваше својот раскошен празничен лик. Блескаа кандилата, одразувајќи ја со својот сјај небесната убавина, одекнуваа во срцата трогателните песнопенија за славниот и маченички крај на Крстителот, присутните со молитвен занес ги упатуваа кон него своите скромни прозби, барајќи од големиот угодник Божји и жива проповед на покајанието да им помогне да се избават од ропството на страстите, својот ум да го ослободат од налетот на нечистите помисли, и со неговата благодат и сила да го исцелат и утврдат само во Божествените помисли, угодни на Бога. Притоа на своите молитви го придружуваа и радосниот копнеж за Господ да ги посети со огромна благодат новите монаси. Токму затоа, благодатта и радоста се чувствуваше насекаде. Со искрен восхит торжествуваа со нас и нашите ценети архијереи – митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, и митрополитот Европски, г. Пимен, чиешто заедничко сослужување на светата архијерејска Литургија уште повеќе ја зголеми свеченоста на манастирската слава.