Во 1990 година, на денешен ден (12 Јануари), петиот ден по Рождеството Христово, по Божја промисла, се пресели во многу саканото Царство Небесно Светиот Старец - епископот Велички Гаврил.
Овој Свет човек додека беше во земската Црква сведочеше за Небесното Царство, за Ангелската чистота, за Христовата Спасоносна наука, од кого многумина го спознаа Богооткриеното спасоносно учење, потврдено и посведочено лично од неговиот испоснички, подвижнички и ревносен живот за Христа и Верата. За новиот Светител Лесновски, сведочат многуте луѓе кои го познавале, за неговта прозорливост, за неговота чудотворна исцелителна моќ и за неговиот високоморален духовен авторитет. За ова се зборува не само помеѓу нашиот народ, туку на секаде во светот каде што имало можност да се види и да се слушне за оваа вистинската фреска која оди (жив светител). Но, исто така и по неговото Блажено упокојување, неговиот гроб и неговите Свети мошти, кои се наоѓаат во Лесновскиот манастир се исцеление на болните, радост на тажните, надеж на безнадежните и утврдување на верните. Неговиот гроб е извор на благоухание, за кое што сведочат секојдневните поклоници кои што приоѓаат како кон вистински Светител со вистинско покајание и вера. Ние пак, Му благодариме на Бога што во ова време исполнето со искушенија и соблазни, го имаме за застапник пред Престолот Божји и пример за нашиот живот во Христа, а воедно и на многумина од православниот свет кои што немаат разбирање за нас и за нашата Света Македонска Афтокефална Православна Црква – Охридска Архиепископија, дека е Света и Благодатна, затоа и раѓа Светители и Чудотворци подеднакво исто како што се случува во сите помесни православни сестрински цркви со кои раководи Светиот Дух.
Се надеваме дека во најскора иднина, по Божја Волја, новиот Светител Лесновскиот Чудотворец, на Кого народот Божји и денеска Му се обраќа како на Светител и бара молитвено Застапништво, Светиот Синод на МПЦ – ОА ќе ја потврди Светоста Негова преку канонизација и ќе Го вброи во редот на Божјите угодници.
Свет Владико Наш Гавриле, утеху и радост наша, правило на верата, биди секогаш со нас и кога не каменуваат и распнуваат, како и секогаш сведочи за Нашата Света Црква. Застапувај се омразта и невистината кон нас да се заменат во Соборна Љубов, Едниство и Заедница.
Блажен и Вечен Покој!
Православен Митрополит Брегалнички Иларион
Лесново - Р. Македонија