Македонската православна црковна општина „Св. Злата Мегленска“ идната година ќе почне да ја гради својата прва црква и тоа на раскрсницата меѓу улицата „Омишка“ и Загрепска авенија. Градот Загреб за 1,4 милиони куни (околу 190.000 евра) ќе им продаде околу 800 квадратни метри земјиште. „Тоа е наш прв верски објект во Хрватска. Во Загреб живеат 667 Македонци, а во Загрепската жупанија вкупно не' има 1.500. Но, во оваа црква би гравитирале и Македонците од другите градови, како Карловац и Сисак“, вели претставникот Кирко Велински, претставник на Македонската православна црква.
Досега Македонците за верскa служба одеа во капелата на свети Рок во жупата на свети Блаж, што на користење ја добија од Загрепската надбискупија уште за време на бискупот Фрањо Кухариќ.
„Таму ја извршувавме службата и веднаш си одевме. Сега откако ќе добиеме свој простор, ќе можеме уште малку да останеме и да се дружиме. Исто така, нема да мораме да најмуваме простории секогаш кога нешто ќе организираме. Во иднина се' ќе се одвива во црквата“, среќен е Велински.
Но, Македонската православна црква нема, како што е обичај кај сакралните објекти, да биде величенствена градба, туку скромна и невпечатлива. Повеќе ќе личи на голема куќа отколку на црква. Со оглед на тоа дека дозволена изградба на парцелата е 50 отсто, црквата нема да биде површински поголема од 400 квадратни метри.
Колку ќе чини изградбата и како ќе се финансира се' уште не знае ниту Кирко Велински. „Досега не можевме да преговараме, бидејќи го немавме земјиштето што толку долго го посакувавме. Сега имаме решение на конкретни работи, па ќе можеме да бараме и пари. Наредните денови ќе побараме процена на трошоците за изградба на црквата“, вели Велински. (Вечерњи лист)
Извор: Утрински весник