Националната галерија на Р.С. Македонија години наназад несебично ја искажува својата општествена одговорност со подавање на рака на тие што се во потреба. Единствена институција од областа на музејско-галериската дејност која со години наназад, преку едукативен пристап таргетира и анимира деца од ранливите групи, со различен спектар на попреченост во синергија со ученици од редовниот курикулум. Овие културолошко-социјални и инклузивни пректи се дел од Програмата на Националната галерија и во целост се поддржани од Министерството за култура. Исто така, имавме чест и задоволство во изминатиот период (2017-2019), токму нам да ни биде доделен грант од Амбасадата на Кралството Холандија наменет за едукација на ранливите групи од претшколска и школска возраст.
Во текот на годините наназад остваривме соработка со невладиниот сектор, со повеќе училишта кои згрижуваат, воспитуваат и образуваат деца со пречки во развојот.
Како продолжение на претходното, на 2 март 2020 во просториите на Чифте амам беше потпишан меморандум за соработка меѓу Националната галерија и Посебното училиште „Иднина“ од Скопје.
„Учениците од Посебното училиште „Иднина“ се редовни учесници во креативните работилници во организација на нашата институција и се едни од најкреативните млади уметници. Со потпишување на меморандумот подготвени сме да дадеме целосна подршка, продолжуваме со нови пректи се со една цел, поттикнување и развојот на креативноста како алатка за интелектуален и психо-физички развој и напредок. Оваа година ќе го поддржиме нивниот патронен празник и заеднички ќе ги одбележиме битните датуми во текот на годината“, изјави д-р Дита Старова Ќерими.
Претставниците од училиштето, покрај благодарноста, порачаа дека досегашното искуство со Националната галерија препознава единствена поддршка на институционално ниво, позитивен пример кој не треба да биде единствен и изолиран.