Националната галерија на Македонија како општествено одговорна институција од областа на културата во рамките на својата Програма, години наназад, во доменот на едукативниот сектор, реализира проекти наменети за лица од ранливите категории. Големиот број работилници анимираат учесници-деца со различен спектар на попреченост, различна возраст, специфики, социјален статус, пол, посебни потреби нудејки можност на социјална инклузија со вклучување на врсници од редовната образовна програма. Преку работилниците, учесниците стекнуваат нови вештини, совладуваат техники, образувајки се во сферата на културата и уметноста.
Долгогодишната работа и ангажман на ова поле беше доволен аргумент да Националната галерија на Македонија добие подршка од Холандската амбасада во Република Македонија. Проектот „Уметност за сите“ е финансиран во рамките на програмата МАТРА на Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија. МАТРА е билатерална програма на холандското Министерство за надворешни работи која е отворена за сите земји кои се на пат да станат членки на Европската унија. Наменета е за поддршка на проекти кои се насочени кон општествена трансформација која ќе води кон поголемо приближување на земјите кон стандардите на Европската Унија. Преку овој проект, амбасадата ја поддржува културата како важен двигател за понатамошна демократизација на Македонија, но и понатамошното унапредување на човековите права на одредени маргинализирани групи население, како децата со посебни потреби.
Овој ликовен едукативен Проект е наменет за деца од најрана училишна возраст до завршување на средно образование. Истиот ќе се одвива во 4 циклуси од по 3 месеци, во период од 2017-2019 година. Целта на проектот е социјализација и општествена инклузија на лицата со попреченост и хендикеп. Оттука, овој Проект како предвесник на Националната стратегија за развој на културата во Македонија (2018-2022), ќе биде пример за грижа на различностите, потребите на посебните, ранливи и маргинализирани групи во општеството, нивните културни права и потреби.
По овој повод, во објектот Чифте амам на 10.01.2018 год (среда), во 13 часот ќе биде организирана прес конференција, промоција на Проектот и официјално потпишување на договор од страна на Националната галерија на Македонија и Холандската амбасада. На промовирањето на проектот „Уметност за сите“ ќе бидат присатни амбасадорот на Кралството Холандија, Н.Е. господинот Вилијам Ваутер Пломп, Роберт Алаѓозовски, министер за култура, д-р Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија на Македонија, проф. д-р Владимир Трајковски-експерт од областа и м-р Маја Димитрова- едукатор координатор на проектот.
Го одбележуваме почетокот на годината на јубилејот – 70 години постоење на најубав можен начин.
Особена чест и задоволство е да бидете дел од оваа прес конференција.
Со почит
д-р Дита Старова Ќерими