Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 7 мај 2015 година (четврток) во 13 часот, ќе се отвори изложбата со наслов (По)трагите на водата – Акварелот од колекцијата на Националната галерија на Македонија.
Во текот на долгогодишната дејност и постоење на Националната галерија на Македонија, галериската збирка се збогатува и со нови, современи дела, во значителен број од над 1700 дела. Акварелот како составен дел од Збирката на Националната галерија на Македонија, завзема значајно место.
Изложбата насловена (По)трагите на водата презентира избор на уметнички дела остварени во еден визуелен медиум - акварелот, со истакнат број уметници, опфаќајќи еден импресивен попис на повеќе генерации од различни поднебја со посебни уметнички сензибилитети. Меѓу авторите на акварелите застапени во колекцијата на Галеријата се претставници од најстарата генерација современи академски сликари од Македонија - Михајло Шојлев, Димитар Аврамовски Пандилов, Киро Караџа, Лазар Личеноски, Вангел Коџоман, Љубомир Белогаски, Василие Поповиќ - Цицо, како и одредени познати имиња (врвни мајстори) од соседните држави (кои покрај сликарството работеле и акварели) - Томислав Кризман, Јован Бјелиќ, Коста Хакман, Петар Лубарда, Предраг Милосављевиќ - Пеѓа, Никола Славин. Регистарот на акварелното сликарство, продолжува со создадени дела од авторите - Лена Стефанова, Ејуп Умер, Богољуб Ивковиќ, кои во својот творечки опус периодично или експериментално работеле акварел, или пак, негова имплементација во делото (цртеж во комбинирана техника со акварел, гваш) - Симон Шемов, Владимир Георгиевски, Станко Ѓорѓиев, додека некои од уметниците се најпрепознатливи во своето творештво во акварелната техника - Никола Бутров, Илија Кавкалески- Кавкале, Теофил Шулајковски-Тофе, Јакуп Хајро.
На изложбата ќе бидат презентирани над 60тина ликовни дела, дел од нив за првпат се изложуваат пред јавноста.
Куратор на изложбата е Елена Георгиевска, кустос во Националната галерија на Македонија.