Новата верзија на иконата Оплакување Христово, од црквата Свети Никола (Виндзор, Канада) е сликана врз основа на неколку добро познати композиции, пред се на оние од Охрид, Нерези и Студеница. Во оваа композиција се комбинирани и потенцирани елементите со цел да се нагласи драматичноста и болката на овој несекојдневен настан опишан во Евангелијата.
Во задниот план, темно-плавото и тмурно небо, покрај тоа што го илустрира записот “А кога се стемни веќе, бидејќи беше петок, односно спроти сабота” (Марко15-42), укажува и на големата тага која го опфати бестелесниот свет.
Наспроти тоа, јака светлина го облева пејсажот од растресената Голготска земја, светлина која како во божја прегратка ја држи готово театарски поставената сцена на Христовото оплакување. Сцена со 23 фигури која премногу е исфрлена во преден план со цел да се приближи до гледачот кој е ставен пред избор да се придружи на оплакувањето или да биде како “оние кои отидоа да работат на нивите”. Ако и за момент гледачот остане пред иконата, неговиот поглед се фокусира на лицето на Богородица кое изразува болна гримаса на длабока жалост. Нејзиното лице е во грч, а од очите избива тага која се пренесува и на другите присутни. Марија Магдалена со драматично подигнати раце (во кадар заедно со скалите и крстот), се соживува и го пренесува мајчиниот бол во висините. Во хоризонтала (земно) директно се вклучуваат Јован кој ја љуби Христвата рака и Јосиф кој ги љуби стопалата. Никодим кој ги донесе кошницата со клинците, клештите и чеканот е затекнат во гест на збунетост. На лицата на сите присутни се гладаат нагласени внатрешни чувства.
Целокупната драматичност поткрепена е со интезивноста на колоритот и со раздвиженоста на линиите на облеката.
П.С. Сакам да напомнам дека овие придружни текстови на некои икони кои за прв пат се објавуваат на интернет немаат за цел да бидат анализи или рецензии. Ова се само белешки на иконописец наменети за оние кои молитвено им приоѓаат на иконите.
ARTSOME
STUDIO FOR VISUAL ARTS
http://www.artsome.ca/
phone/fax: 1 519 974 6028 / mobil 519 984 6028
Посети:{moshits}