Денес, на празникот Воведение на Пресвета Богородица, Митрополитот струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот на светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици во Струмица. На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. Во беседата на денешното Евангелие, Владиката Наум рече:
„Како и другпат што сум ви кажувал: Марта го симболизира и отсликува првиот степен на духовниот раст, а тоа како што знаете е очистувањето на срцето од страстите односно практичниот подвиг; додека, пак, Марија го претставува повисокиот степен на духовниот раст – умносрдечната молитва и просветлувањето на умот односно теоријата или созерцанието. Не напразно се чита ова евангелие секогаш кога ја славиме Пресвета Богородица и не напразно се спомнува изборот на ‘подобриот дел’, а ќе видиме зошто...
Но пред да продолжиме со денешната тема, сакам прво да се потсетиме на едно заборавено светоотечко предание: Отците бараат да се почитува и правилото по кое примањето свештенички чинови соодветствува на трите степени на духовен раст. Оној што е на степенот на очистување и истиот го поминува правилно под раководство на духовен отец, може да добие ѓаконски чин. Оној што го достигнал степенот на просветлување на умот и дарот на умносрдечната молитва може да биде ракоположен за презвитер, а оној што го достигнал степенот на обожение може да биде Епископ. Лесно е забележливо за сите нас, како принесувањето на даровите на олтарот од храмот, односно излегувањето на свештеникот пред олтарот е поврзано со излегувањето на умот пред олтарот на срцето (умносрдечна молитва) и словесната жртва на човековата личност што во срцето на Бога му се принесува.
Од погоре напишаното можеме да сфатиме во каква духовна и молитвена состојба се наоѓала Пресвета Богородица престојувајќи во Светињата на Светињите од старозаветнио храм, каде што првосвештеникот само еднаш годишно имал право да влезе. Впрочем ако нашите дела по плодовите се познаваат тогаш што да речеме за Онаа која Христос Бог ни го роди...? Мислам дека е подобро да го оставиме свети Григориј Палама за Богородица да зборува: Испитувајќи што му е најпотребно на молитвеникот за да беседи со Бога, по кој пат доаѓа молитвата, Богородица го пронаоѓа свештеното тихување - ‘безмолвие на умот', оддалеченост од светот, заборав на сè земно и стремење кон Божествените откровенија, избор на ‘подобриот дел'. Открива дека ако умот не се расејува кон земните работи, би можел да се оддаде на подобро и повозвишено дејствување, што значи да се сврти кон самиот себеси: единственото дејствување преку коешто би можел да се соедини со Бога.
...Оние кои така чинат, кои со свештено тихување ги очистиле срцата и на неискажлив начин Му се приближиле на Оној Којшто Е над секое чувство и мисла, во себе како во огледало Го гледаат Бога. Тихувањето е значи брз и директен патеводител, успешен и соединувачки со Бога, особено за оние коишто во сè и потполно го практикуваат. А што да кажеме за Богородица, Која од детството престојуваше во исихија? Молитвено тихувајќи натприродно, од најраните години, Таа токму затоа - не знаејќи за маж - и ја стекна благодатта да Го роди Богочовекот Христос.“
о3. 12. 2007 г. - Струмица
Друго:
Митрополит Нaум - Марта и Марија (трет дел)
посети:{moshits}