Кон изложбата „Трилогија: Под површината има уште една површина“ – ДРИАНТ ЗЕНЕЛИ
По одличното отворање на проектот на светски афирмираниот албански уметник Дриант Зенели[1] насловен „Трилогија: Под површината има уште една површина“ деновиве сме сведоци на многу заинтересирани посетители за неговиот проект и од локалната и од интернационалната сцена. Чифте амам уште еднаш стана галерија од светски размери, а тоа го потврди и фактот што, токму со проектот на Зенели, Националната галерија стана и дел од селекцијата на сајтот http://www.myartguides.com за најдобри светски изложби периодов, успех на кој сме особено горди.
Уште еднаш да потсетиме на концептуалниот уметнички дискурс на проектот. „Трилогија: Под површината има уште една површина“ е мултимедијален и интердисциплинарен проект кој се состои од видео инсталации, цртежи, ready-made објекти и просторни инсталации. Елементот што ги поврзува филмовите и останатите проектни дескриптори е минералот хром и научно-фантастичната книга на Арион Хисенбегас „Кон Еридановиот Ипсилон“.
Редефинирањето на идејата за неуспех, утопија и сон стои во сржта на истражувањето на Зенели, како елементи кои отвораат можни алтернативи. Во неговите филмови, моќта и историјата се испреплетени со поединечни наративи, предизвикувајќи утопии кои го поткопуваат природниот поредок на нештата. Креативниот чин се храни со непланираните средби и односот со архитектонското наследство на местата.
Зенели ги користи своите филмови како материјал за моделирање на местото и времето. Претставите имаат форма на партиципативни интервенции, при што уметникот го создава значењето на делото со гледачите. Елементот на гравитација резонира низ целата уметничка продукција, било да се тоа филмови, цртежи или случувања, во постојан обид да се одвои од земјата, да си игра со сопствените граници и да се пронаоѓаат нови површини на реалното и фантастичното под привидната површина.
Оттука, чиниме дека Чифте амам, а и другите галериски простори на Национаната галерија, се одличен избор за квалитетно поминато слободно време ова лето во Скопје.
Дриант Зенели (1983, Скадар, Албанија). Во 2019 година го претставувал албанскиот павилјон на 58-та меѓународна уметничка изложба – Биенале во Венеција. Главни изложби: Биенале Манифеста 14, Приштина (2022); Театрино Палацо Граци, Венеција, (2021); 39-то меѓународно биенале на ЕВА, Лимерик (2020); Национална галерија на Република Косово (2019); Фондација за уметност Sharjah, филмска платформа, (2019); Летонски центар за современа уметност, Рига (2019); Автострада биенале, Призрен, Република Косово (2019); GAMEC, Бергамо, (2019); Галерија Мостин, Велс, ОК (2017); MuCEM, Марсеј, (2016); Центар Помпиду, Париз (2016); ГАМ, Торино (2013); ЗКМ, Карлсруе (2012); MUSAC, Кастиља Леон. Шпанија, (2012); Национална галерија на Тирана, (2008).