Недела четврта по Педесетница
Евангелие според Матеј зачало 25 Матеј глава 8,5-13
Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух,
Денес, нашето внимание од светото Евангелие го задржа римскиот стотник со добродетелите кои ја красат неговата личност, а тие се: љубовта кон ближниот, верата во Бога и смирението на неговата душа. Господ го прави сето она што го сака нашата вера, вели свети Исак Сирин. А нашата вера не е ништо друго, туку наше поверение во едниот вистински Бог, не во некој лажен и измислен бог, туку во вистинскиот Господ Иисус Христос. Таа вера треба да е смирена пред Бога, пред бескрајното битие на Божјата премудрост.
Имено, кога влегол Господ Иисус Христос во Капернаум, до Него се приближил еден стотник кој Го молел, говорејќи: "Господи слугата мој лежи дома фатен и многу страда" (Матеј 8,6).
Капернаум, драги браќа и сестри, бил главен град на Галилеја, во кој живееле повеќе народи: Грци, Римјани и Евреи. Стотникот, пак, бил старешина во римската војска и управувал со сто војници, па оттаму и го добил називот стотник. Тој бил незнабожец, најверојатно Римјанин или Грк, но бил наклонет кон јудејството. Откако поминал низ народот и се приближил до Господа, Го замолил: "Господи слугата мој лежи дома фатен и многу страда". Колку голема љубов и сострадалност покажува стотникот во својата молба кон Бога за тегобата на својот слуга, иако тој бил господар, а слугата негов момок или послушник. Тој го сакал и ценел својот болен слуга, сигурно поради тоа што неговиот слуга бил многу добар, вреден, исполнителен и верен. Напоредно со љубовта, стотникот иако бил незнабожец ја исповедал и својата вера во Господа Иисуса Христа како во вистински Месија - Спасител, како кон Господ, цврсто верувајќи во Неговата Божја моќ. Неговата вера се гледа и по тоа што болниот слуга не го донел кај Лекарот, туку го оставил дома и дотрчал при Христа. Зошто направил така? Затоа што тој цврсто верувал дека Богочовекот Христос, може да му помогне и да го излекува и од далечина неговиот слуга, без да дојде во неговиот дом.
Па така, кога Господ му вели: "Ќе дојдам и ќе Го излекувам", стотникот одговара: "Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави; зашто и јас сум човек подвластен, аимам и потчинети војници; па кога ќе речам на еден: Оди, и тој оди; на другиот: дојди! и тој доаѓа; и на слугата: направи тоа! и тој прави" (Матеј 88 и 9).
Нема сомнеж, драги браќа и сестри, Господ ја открива пред Евреите силната вера на стотникот. Во неа има скромност и смирение. Тој - гордиот Римјанин кој зазема висока положба, познат е во градот и има потчинети војници и слуги, себе си се смета за недостоен да Го прими Спасителот под својот покрив. Но, и понатаму верува во Господовата семожност и како да Му вели на Христа: Како што јас управувам со војниците, така Ти управуваш со смртта во овој свет. Ако и кажеш на смртта дојди - таа доаѓа, и ако и кажеш оди и таа си оди. Ако му допуштиш на ѓаволот да ме искушува тој ќе дојде со сите свои сили, а ако му кажеш да си замине - тој заминува. Јас знам, Ти си Бог, семоќен, па без да дојдеш кај мене во мојот дом, одовде можеш да го излекуваш мојот болен слуга. Само кажи збор и тој ќе оздрави. И најмадиот Твој збор е доволен, тој збор е посилен и помоќен од се.
Навистина голема вера! Вера достојна за восхит! Вера која потекнува од скрушеното и смирено срце на овој незнабожец. Тоа и Самиот Господ Иисус Христос го потврдил, велејќи им на присутните: "Вистина ви велам: ни во Израилот не најдов толку Голема вера" (Матеј 8,10), сакајќи со тоа да им го посочи стотникот за поука на апостолите и на народот, за вистински пример на цврста вера. А нему му вели: "Оди си, и како што си поверувал, нека ти биде" (Матеј 8,13)! И слугата негов во истиот час оздраве. Совршено лекарство на најголемиот Лекар на светот - Спасителот наш Господ Иисус Христос, Кој лекува со збор и со допир, од непосредна близина и од далечина, барајќи од нас само да ја исповедаме верата во Него. Значи, лекот што треба да го имаме е нашата вера во Бога.
Нека таквата вера, љубов и смиреност кои се карактеристики на капернаумскиот стотник, бидат добродетели кои ќе ја оплеменат и нашата душа. Во нашите чувства и мисли секогаш да бидеме свесни дека нашата вера колку и да е голема е секогаш мала, па да повикуваме кон Бога: "Верувам Господи, помогни му на моето неверие". Па така украсени со духовни убавини и ние да се надеваме дека ќе ги слушнеме Христовите зборови: "Оди, и како што си поверувал нека ти биде", сега, секогаш и во вечни векови, амин.
Скопје, Соборен храм на св. Климент Охридски
на празникот на Свети Андреј, архиепископ Критски преп. Андреј Рубљов