Митрополит г. Тимотеј: Проповед на Митрополит г. Тимотеј за Рождеството на Пресвета Богородица
Денеска сета вселена ја прославува појавата на најсовршеното Божјо создание во светот. Со голема радост како земната, така и небесната Црква ја прославуваат неневесната невеста. За неа ликуваат и торжествуваат и ангелските чинови, воспевајќи ја со зборовите: „Радувај се благодатна!“ Која е оваа Царица небесна, која е прва по Бога и после Бога? Со нејзините совршенства ја надминува и пламената љубов на архистратизите Господови. Со чистотата и непорочноста, таа го надминува духовниот свет, а со силата и моќта е помала само од Седржителот.