Азбучна песна

Тихомир Јанчовски

Се работи за една песна. Напишана на рака, на лист од тетратка со линии. Песната е од пред 20 години, од времето кога предавав литература во „Орце Николов“. Тогаш им дадов на децата задача, да напишат песна за азбуката, за кириличното писмо. Кој колку може, како што може... не наоѓав мана

Средина е на декември, последниот месец во годината. Убавите денови неодамна завршија, се стемнува рано... надвор времето е просто одвратно. Во скопската котлина се насобрале влага и магла, луѓето шетаат со марами на устите и се целите скиснати. Маглата и не е толку густа, колку што е смрдлива и отровна. Соочен со ретко гнасната атмосфера однадвор, и со исто таквите мисли однатре (зашто јас сум од оние на кои времето многу им влијае), најлесно ми е со гнев да пишувам за државата и властите и институциите и разните баксузи и безумија и за се'. Но, ќе се воздржам. Сепак, во ваков град и на вакво време, можеби потешко, но секако поблагородно е да се напише нешто што барем за миг ќе им ги оттргне мислите на луѓето од лошото и грдото околу нив. Значи, вака:

Не знам дали на светов има уште еден кој е толку смотан, изгубен и неуспешен кога треба да најде нешто затурено низ дома: ливче, стара сметка, документ, рецепт, книга, лична карта... Не знам дали има и втор толку расеан како мене. Мајстор во ненаоѓање. Стопати сум правел такви пребарувања и скоро никогаш не сум го нашол она што го барам. Обично викам помош, и помошниците завршуваат работа. Еве, пред некој ден, ми требаше старата здравствена книшка, за да најдам една дијагноза од времето кога имав диплопија. Некаде летото 2008, една недела гледав двојно. Со секое око посебно. За среќа, сето тоа помина како и да не било, ама ми треба дијагнозата... И барам така, и се заинаетив, ќе најдам, и превртев се' наопаку. Шифоњери, полици, фиоки, шкафчиња, кутии... секакви скришни места - и јасно - книшката никаде ја нема. Исчезнала. Јас, потиштен. И како што обично се случува во ваквите ситуации, тоа што ми требаше не го најдов, но најдов нешто друго што одамна го барам и не сум можел да го најдам, а сега се појави. Јас, утешен. Имено, се работи за една песна. Напишана на рака, на лист од тетратка со линии. Песната е од пред 20 години, од времето кога предавав литература во „Орце Николов“. Тогаш им дадов на децата задача, да напишат песна за азбуката, за кириличното писмо. Кој колку може, како што може... не наоѓав мана. И оваа детска песна тогаш толку ми се допадна што ја зачував, и знаев дека некаде сум ја ставил, само не знаев каде. И излезе од некаде. И си ја препишав на компјутерот, за секој случај, оти листот сигурно пак ќе ми го снема. Еве ја:



Азбучна песна



А е како скалата на Мајстор Никола

Б се очила скршени на пола

В е перек од пекарска фурна

Г се поклонило пред публика бурна

Д е бротче што плови по море

Ѓ е Г со шапката горе

Е е чешелчето што го купив вчера

Ж е жаба кај штркот на вечера

З е тројче пишано в дневник

Ѕ е змија што живее в тревник

И е математичка права искршена

Ј е јадица за риболов совршена

К е бумеранг потпрен на ѕид

Л е врв на планина и рид

Љ е Л, но стомак си пуштил

М е мост што на средина се спуштил

Н се шините од долга пруга

Њ е Н со ранец, тргнал за Струга

О е буква што личи на нула

П е во форма на висока кула

Р е меч глави што коси

С е потковица среќа што носи

Т е дигалка во нашиот град

Ќ е на К бушавиот брат

У е шестар за цртање круг

Ф ги ставило рацете на струк

Х е чкртка на ливче за лото

Ц е буре со чеп на дното

Ч е чатал што му фали пачка

Џ е виљушка со скратена рачка

Ш е шнолата на другарка ми Весна

и тука ќе ја привршиме нашата песна

Емилија Велева II5.


Не знам за вашиот вкус, ама за мене песнава е ремек-дело. Би ја ставил во лектира за прво одделение, кога децата се описменуваат. Напишана е од девојче на свои 16 години, искрено и спонтано, со непосредност и визуализација каква што човек на друга возраст не може да има. Емилија денес е мажена и има деца, последен пат ја видов пред некоја година, во дворот на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Криводол. Не знам каде е сега и што прави, како живее, ни дали се сеќава на песнава. Не знам ни дали уште пишува, оти многумина се креативни кога одат на школо, а потоа животот им наметнува секакви грижи и обврски, па многу од некогашните таленти одат во заборав. Како и да е, се надевам дека ќе го прочита напишаново и дека ќе и' биде мило. Толку за денес. Инаку старата здравствена книшка уште не сум ја нашол, а ја викам „стара“ оти пред две години ја бев изгубил, па извадив нова. Потоа старата исплива од некаде, па некое време имав две. Сега „старата“ ја изгубив пак. Тоа значи дека вторпат исчезнува. Јас, навикнат.

Извор. Утрински весник

12.12.2015 год.