Naum.Velig.jpg

 Naum.Velig.jpg

 

 

 

 Туѓинување

 Голем е и славен е подвигот на туѓинувањето. Пресветата Владичица наша Богородица и Секогашдева Марија туѓинуваше. Не само што Сама престојуваше во Светињата на светињите од Соломоновиот храм туку уште повеќе туѓинуваше совршено одделена со умот од светот и од неговите работи, а соединета непрестајно со Бог во своето срце. Туѓинуваше и Господ наш Богочовекот Исус Христос. Не само што икономијата на воплотувањето Му беше своевидно туѓинување туку многу болно туѓинување Му беше животот меѓу луѓе кои не Го разбираа, кои на крај Го предадоа, се откажаа од Него и Го распнаа. Туѓинуваа и многу од светите Отци. Повеќето од нив од разни аспекти пишуваа за туѓинувањето и за неговите плодови, од личен опит.

Подвигот на туѓинување совршено го гледаме кај мачениците и кај јуродивите заради Христос во нивното апсолутно одрекување од светот, но тема на денешниов собир е содржината на овој подвиг кај монасите. Туѓинувањето, како што можеме да забележиме од претходните примери, не се состои само од својот телесен дел туку и од духовниот. Јасно ни е дека како што Господ наш Исус Христос беше положен телесно во гроб, така и ние го затворивме нашето тело во манастирот. И не само во манастирот туку колку што сакаме го држиме затворено и во нашата манастирска ќелија. Но, исто така, како што и нашиот Спасител со душата се симна во адот, така и ние треба да го задржиме нашиот ум во адот на смирението и да не очајуваме во надежта и во молитвата. Тоа е полното значење на она што светиот апостол Павле го вели: јас се распнав за светот и светот се распна за мене (сп. Гал. 6, 14).

Што значи тоа да го држиме нашиот ум во адот на смирението? Вие знаете што е адот на смирението бидејќи многупати сум ви говорел. Тоа е ‘последно место’, тоа е ‘слуга на сите’, тоа е ‘апсолутно послушание’. Тоа е кога доброволно се откажуваме од сите права. Тоа е свесно намалување на можностите за некое повисоко место, или чин, или чест, или власт, или слава. Тоа е доброволно умирање за светот и за сè што се случува во него. И сето тоа заради ослободување на умот од ропството на страста на гордоста и високото мислење за самите себе, таа мерзост на запустението што седи на место свето – во нашето срце.

А што значи тоа дека не треба да очајуваме во молитвата и во надежда? Од една страна, тоа значи дека како што Синот Божји во ниту еден момент од Светотроичната Икономија не се оддели од Отецот и Духот, така и ние не треба да го напуштаме подвигот на постојаното молитвено тихување. Од друга страна, тоа значи дека како што Христос се симна во адот и ги спаси таму заробените души на праведниците кои Го очекуваа и кои со надеж на Неговото доаѓање живееа и умреа, така сигурно ќе се симне и до адот на смирението во кое го држиме нашиот ум според Неговата заповед, а заради Негова љубов, и ќе го воскресне. Ќе ни го открие местото на срцето, местото каде што благодатта Божја ја привлекува и ја соединува енергијата на умот со неговата суштина.

Жив е Господ, деца, живи ќе бидеме и ние. Жив е и дарот на умносрдечната молитва. Го сретнав тој дар на Света Гора, и во нашиот манастир и кај отците од другите манастири. Сведок сум на тој дар и во нашата Црква и во нашите манастири. Само за тој дар и дојдовме во манастир. Должни сме да го живееме тој дар и да го пренесеме на следните генерации монаси. Овој дар е срж на севкупното православно предание. Без умносрдечната молитва, нашите манастири само ќе имаат име дека се живи, а всушност ќе бидат мртви. Без молитвата во срцето, монашкиот живот може уште некое време по инерција да продолжи во некој манастир, но на крај секако ќе замре. Како што и се случувало на многу места и во различни периоди на монашката историја. Сè додека, во синергија на Бог со човекот, повторно не се појави некогаш и негде.

Повеќето од нас денес не се подвизуваат во туѓа земја и меѓу туѓ народ, но бидејќи подвигот на туѓинување како што видовме не е пред сè ‘место’ туку е ‘начин’, затоа со малку повеќе напор тој и за нас е возможен. Пред сè, знаете дека манастирскиот типик треба да е восогласен со подвигот на туѓинување. И запамтете добро деца, не е возможно да се добие дарот на умносрдечната молитва без подвиг за совршено туѓинување и без да претрпиме соодветно страдање. Затоа стремете се кон што посовршено туѓинување, а преку неволните страдања ќе се надополни и она што недостасува до совршеното. И не го напуштајте овој подвиг сè додека не го добиете Божјиот дар на умносрдечната молитва. Потоа ќе се соочиме со подвигот на туѓинување соодветен за второто ниво од духовниот раст – просветлувањето.

Чувствувам потреба уште еднаш да ве опоменам заради фактот што патот е тесен и што малкумина врват по него: кога веќе еднаш сме дошле со намера да се одречеме од светот, и надвор од себе и внатре во себе, да внимаваме да не го внесеме повторно на некој начин во манастирот и во нашиот монашки живот. Да внимаваме да не го слушнеме гласот на Оној Кој вели: „никој што ја ставил раката своја на ралото и погледнува назад, не е достоен за Царството Божјо“ (Лука 9, 62).

Достигнувањето на Царството Божјо, кое се наоѓа во нашето срце, и тоа уште во овој живот, е идеал на монашкиот подвиг.

Да даде Господ...

Митрополит Струмички Наум

 

 

Посети:{moshits}