HRISTOS.Celivot.na.Juda

Евангелие и поука за 01/05/2024

Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Матеј 26:6-16

6. А кога беше Исус во Витанија, во куќата на Симона Прокажениот,
7. се приближи до Него една жена, која носеше шише со скапоцено миро, и го изли врз главата Негова, кога Он седеше на трпезата.
8. И штом го видоа тоа учениците Негови, се расрдија и рекоа: „Какво е тоа растурање?
9. Оти тоа миро можеше да се продаде многу скапо и парите да се разделат на сиромаси.”
10. Но Исус, разбирајќи го тоа, им рече: „Зошто ја буните жената? Таа направи добро дело за Мене;
11. оти сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш;
12. таа, изливајќи го тоа миро врз телото Мое, Ме приготви за погребение.
13. Вистина, ви велам: каде и да биде проповедано ова Евангелие по цел свет ќе се прикажува за нејзин спомен и тоа што го направи таа.”
14. Тогаш еден од дванаесетте, по име Јуда Искариот, отиде при првосвештениците
15. и рече: „Што ќе ми дадете, па да ви Го предадам?” А тие му предложија триесет сребреници.
16. И оттогаш тој бараше погодно време да Го предаде.

Поука на денот: Свети Максим Исповедник
            Оној кој Го љуби Христа секако и Го подражава според своите сили. Значи, Христос не престана да им чини добро на луѓето и кога изостана нивната благодарност, и кога Го навредуваа беше долготрпелив. И кога Го биеја, и кога Го убија претрпе, никому не мислејќи му зло. Тие три нешта се делата на љубовта кон ближниот, без кои оној што вели дека Го љуби Христа или се надева дека ќе го наследи Неговото Царство, се мами. Зашто Господ рече ’Не секој што Ми вели Господи, Господи, ќе влезе во Царството небесно, но оној што ја твори волјата на Мојот Отец (Мат. 7, 21) и повторно: ’Кој Ме љуби ќе ги држи заповедите Мои’ (Јован 14, 15) и останатото.

 

Извор: МПЦ-ОА