Божествена Литургија во манастирот во Велјуса (27.08.2023 13:21)

Денес, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“, во Велјуса. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.

Во беседата на Литургијата Владиката рече:

Господ често нѐ става во ситуации во кои можеме да се провериме до каде сме, доколку сме искрени со самите себе. Он не нѐ проверува, Он нѐ знае. И младичот во денешното евангелие (види: Матеј 19, 16–26) е поставен во ситуација да се провери дали големата идеја што ја има за самиот себе – дека ги сочувал сите Божји заповеди од својата младост, одговара на реалноста – откако Христос го повика кон совршенство.

Да ги беше сочувал, сигурно ќе Го препознаеше Синот Божји во Исус Христос, а не само некаков учител, и најверојатно ќе оставеше сѐ и ќе тргнеше по Него. Гледате ли, деца, повикот за совршенство подразбира оставање на сѐ – колку и да ни е мило и блиско, и врвење по Христос. Колкумина само од нас го имаат одбиено овој повик.

Од слична причина и светиот Апостол Павле, во своето денешно послание (види: 1 Кор. 15, 1–11), вели дека не е достоен да се нарече Апостол, затоа што некогаш ја гонел Црквата Божја.

И ние со нашите гревови стануваме прогонители на Богочовекот Христос, како од нашите животи така и од животот на нашите ближни кои постојано ги соблазнуваме; и не сме достојни на звањата и името христијанско“.

 

 

 

 

 

 

http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7855