Aleksandar.N.sv.Petka

 

Евангелие на празник: Свето евангелие според светиот апостол Матеј 15:21-28

21. И кога излезе оттаму Исус, замина во земјата Тирска и Сидонска.
22. И ете, една жена Хананејка, како излезе од оние краишта, повика кон Него, велејќи: „Помилуј ме, Господи, Сине Давидов! Ќерка ми жестоко се мачи од бес.”
23. Но Он не ? одврати ниту збор. И пристапувајќи до Него, учениците Негови Го молеа и велеа: „Отпушти ја, оти вика по нас.”
24. А Он одговори и рече: „Јас сум пратен само при загубените овци на домот Израилев.”
25. Но таа, кога пристапи, Му се клањаше и велеше: „Господи, помогни ми!”
26. А Он, одговарајќи ? рече: „Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата.”
27. Но таа Му рече: „Да, Господи, но и кучињата јадат од трошките, што паѓаат од трпезата на нивните господари.”
28. Тогаш Исус одговори и рече: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по желбата твоја!” И во тој час оздраве ќерката нејзина.

Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Матеј 21:23-27

23. И кога дојде Он во храмот и поучуваше, пристапија кон Него првосвештениците и старешините народни и рекоа: „Со каква власт го вршиш тоа и кој Ти ја дал таа власт?”
24. А Исус им одговори и рече: „И Јас ќе ве прашам нешто. Па, ако Ми одговорите, и Јас ќе ви кажам, со каква власт го вршам тоа.
25. Крштавањето Јованово од каде беше: од небото или од луѓето?” А тие размислуваа помеѓу себе и велеа: „Ако кажеме -,Од небото«, ќе ни рече: »Па зошто не му поверувавте?«
26. А ако речеме: – »Од луѓето«, се боиме од народот, оти сите го сметаа за пророк.”
27. И, одговарајќи Му на Исуса, рекоа: „Не знаеме.” А Он им рече: „Ни Јас не ви кажувам со каква власт го вршам тоа.”

Апостол на празник: Второ послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните 6:1-10

1. Бидејќи сме соработници Христови, ние ве молиме, да не ја примате напразно благодатта Божја.
2. Зашто е речено: „Во благопријатно време те чув и во денот на спасението ти помогнав”. Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението!
3. Никому никаков повод не даваме, за да не се напаѓа нашата служба,
4. туку во сe се препорачуваме за служители Божји, со големо трпение, во неволи, во нужди, во тескоби,
5. при рани, во темници, во скитања, во напори, во бденија, во пости,
6. со чистота, со знаење, со долготрпеливост, со добрина, со Духот Свети, со нелицемерна љубов,
7. со проповед на вистината, со сила Божја, со оружјето на правдата во десна и во лева рака,
8. при чесност и бесчесност, при укори и пофалби; нe сметаат за измамници, а ние сме вистинити;
9. за непознати, а добро сме познати; нe држат како да сме на умирање, а еве – живи сме; нe казнуваат, но не можат да нe умртват;
10. нe нажалуваат, а ние сме секогаш весели; нe сметаат за бедни, а мнозина обогатуваме; како ништо да немаме, а сe имаме.

Апостол на денот: Прво послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните 15:29-38

29. Инаку, што ќе направат оние, кои се крштаваат, верувајќи во воскресение на мртвите, ако воопшто мртвите не воскреснуваат? Кога мртвите не воскреснуваат, зошто тие тогаш се крштаваат, верувајќи во воскресение на мртвите?
30. Зошто, пак, и ние секој час се подложуваме на опасност?
31. Секој ден умирам, браќа, жими пофалбата ваша, која ја имам во Христа Исуса, нашиот Господ.
32. Кога во Ефес, човечки да речам, се борев со ѕверови, тоа што полза имам, штом мртвите не воскреснуваат? „Да јадеме и да пиеме, бидејќи утре ќе умреме!”
33. Не лажете се: „Лошите зборови ги расипуваат добрите обичаи!”
34. Освестете се еднаш како треба, па не грешете! Оти некои од вас не знаат за Бога – за ваш срам го велам ова.
35. Но ќе рече некој: како ќе воскреснат мртвите и во какво тело ќе дојдат?
36. Безумниче, тоа што го сееш ти, нема да оживее, ако не умре.
37. А кога сееш, не го сееш телото, кое ќе стане, туку голо зрно, било пченично или друго некое;
38. но Бог му дава тело, какво што сака, и на секое семе негово сопствено тело.

 

Поука на денот: Преподобен Никита Ститат
Ако не се познаваме себеси, не знаеме што е смирение, ниту се приближуваме кон вистинското остварување и чување на заповедите. Познанието на длабочините на своето битие е целта на стекнувањето добродетели.

 

 

 

Преподобната маченичка Параскева
26 јули (Јулијански календар)
Родена е во Рим од родители христијани. Од детството научена на верата во Христа. Најусрдно ревнуваше да ги извршува сите Божји заповеди. Со сведоштвото на нејзиниот вистински благочестив живот и вера ги упатуваше на патот на спасението и другите. Кога и умреа родителите, го раздаде имотот на сиромасите, а самата се замонаши. Како монахиња со уште поголем жар и ревност ја проповедаше верата во Христа не криејќи ја од никого, иако во тоа време римските власти крваво ја гонеа христијанската вера. Први коишто за проповедање на забранетата вера ја обвинија света Параскева беа некои зли Евреи. Ја изведоа на суд пред царот Антонин. Сите ласкања на царот не помогнаа ни најмалку да ја поколебаат Божјата слугинка во вистинитата вера. Тогаш ја подложија на огнени маки и ѝ ставија усвитен шлем на главата. Но, Господ чудесно ја спаси и таа се избави и се оддалечи од Рим. Тргна од град во град да го обраќа тогашниот незнабожечки народ кон христијанското благочестие. Уште во два града беше изведувана пред кнезови и судии и измачувана заради Господа, но притоа вршеше големи чуда со силата Божја и брзо се опоравуваше од маките. Како и секогаш, незнабожците нејзините чуда им ги припишуваа на магиите, а нејзиното опоравување на силата и милоста на нивните богови. Еднаш на кнезот мачител светата Параскева му рече: „Не ме исцелија твоите богови кнезу, туку мојот Христос, вистинскиот Бог“. Најпосле некој кнез Тарасиј ја уби со меч. Таков беше славниот крај на многуплодниот живот на оваа светителка. Нејзините мошти подоцна беа пренесени во Цариград. Чесно пострада за Христа во вториот век.· ·

 

 

Aleksandar.N.sv.Petka1