osvetuvanje hram rozhdestvo na presveta bogorodica 2023 036

Објавено: 01 Август 2023

„Украсена со убавините на девството, се овенча со нетлени венци, девице Марино; обоена, пак, со крвта на мачеништвото, откако се просветли со чудесата на исцеленија, набожно ја прими честа за победата на твоето страдање, маченице“ (кондак на Утрена на св. вмч-чка Марина).

osvetuvanje hram rozhdestvo na presveta bogorodica 2023 028

osvetuvanje hram rozhdestvo na presveta bogorodica 2023 029

На 30.07.2023 година, во Осмата недела по Педесетница и на празникот на св. вмч-чка Марина и преп. Леонид, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Епископот Антаниски г. Партениј, архимандритите Доситеј и Кирил, еромонасите Макариј и Еразмо, свештениците Горан Ставрески и Миле Ангеловски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконот Силуан, изврши осветување на новиот храм „Рождество на Пресвета Богородица“ во с. Ростуше, Дебарско. Храмот се изгради по иницијатива и идеја на Епископот Партениј, во соработка со архитектите Владимир и Искра Лековски од Скопје. Истиот се градеше од 2011 до 2023 година, во спомен на стариот срушен храм, а со помош на благочестивите дарители. Храмот е живописан од зографот Славчо Петковски од Битола и од зографите од Бигорскиот манастир и од манастирот „Св. вмч. Георгиј“ Рајчица. Иконите се дело на зографот Владислав Коцарев од Охрид. По осветувањето на храмот беше отслужена и првата Литургија во истиот, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме. На чинот на осветувањето присуствуваше и Министерот за внатрешни работи на РСМ, г-дин Оливер Спасовски.

osvetuvanje hram rozhdestvo na presveta bogorodica 2023 037

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Светиот апостол Павле, во своето Послание до Коринтјаните, вели: И така, возљубени, имајќи вакви ветувања, да се очистиме од секоја нечистотија на телото и на духот, исполнувајќи ја светоста во страв Божји (2. Кор. 7, 1). Оваа порака што денес ја слушнавме од апостолот е вечна и непреодна. Таа е повик за сите луѓе, за секое човечко битие, и упатство по кој пат треба да оди човекот овде на земјата. Сите заповеди Христови се собираат во овие боговдахновени зборови на ап. Павле. Тоа е она на што е повикан човекот, што е неговата цел во животот и негов предуслов, подготвувајќи се во него да се всели силата Божја, Светиот Дух Животворен.

Само во чистото срце, во чистата душа, во чистиот сад на човечкото битие може да се всели силата Божја и Светиот Дух. И човекот, кога се вселува во некој дом, не се вселува во нечисто, во валкана куќа, туку најпрво ќе ја очисти, измие, вароса, па дури потоа ќе влезе во неа. Ако тоа важи за човекот, толку повеќе тоа важи за живиот Господ, Создателот на Небото и на Земјата. Неговото престојување е во човековото срце. Но, не случајно има речено Господ во Евангелието: лисиците имаат легла и птиците небески гнезда; а Синот Човечки нема каде главата да ја приклони (Мт. 8, 20).
          Се поставува прашањето, зошто Синот Човечки нема каде главата да ја приклони? Затоа што има малку очистени храмови и малку очистени човечки души. Малку има чисти срца на кои Бог може да ја наклони Својата глава. Затоа што онаму каде што е чистото срце, таму Бог ја приклонува Својата глава, и во чистото создание се вселува. Секое битие, а особено човекот, е создадено со чистина и со раката Божја е обликувано. Меѓутоа човекот, паѓајќи во грев, го осквернил образот Божји, иконата Божја која ја носи во себе. Го извалкал сосудот на Божјата благодат, домот на своето срце, кое Бог го создал. И затоа и Господ нѐ повикува преку устата на боговдахновениот ап. Павле да ја очистиме секоја нечистотија на своето тело и душа, а дури потоа да ја исполнуваме светињата во страв Божји, а стравот Божји е почеток на мудроста (Пс. 111, 10). Така работеле сите свети Божји луѓе, така работеле и светите пророци, така постапувал и светиот Богоносец Мојсеј, кој најпрво ја очистил својата душа и тело, па потоа се искачил на Синајската гора, за да го види лицето Божјо и да ги прими Божјите заповеди, кои ќе стојат запишани во неговото битие.

На тоа биле повикувани и апостолите Христови и тие на таков начин се подготвувале за да постанат сосуди на благодатта Божја. Така работеле и сите свети луѓе низ вековите. Секој од нив ја правел својата душа чиста, ја чистел својата нечистотија, за да може семоќниот Бог да си најде обиталиште и да се всели во човековото срце и ум.

          Таква била и св. вмч. Марина – Огнена Марија, чиј спомен светата Црква денеска и го прославува. Уште како млада девојка, иако ќерка на многубожечки свештеник, односно жрец, Го засакала Христа, и поради тоа била отфрлена од нејзиниот татко. Потоа еден моќен човек од власта посакал таа да му биде сопруга, но св. Марина му кажала дека е ветена на Христа и дека е христијанка. Најпрво пристапиле со разни разубедувања, но, откако ништо не помогнало, била подложена на најсвирепи измачувања. Силата Божја, пак, била врз неа и таа сите страдања и маки ги претрпела, и јавно, пред да биде погубена со меч Го исповедала Христа како свој Спасител и Учител. Така маченички и го завршила својот живот во III век, во времето на гонењето на христијаните од страна на римскиот император Диоклецијан.

            Но, ние денеска сме собрани во овој свет храм, посветен на Пресветата Божја Мајка, што го осветивме, па по тој повод би сакал да кажам неколку збора и за храмот. Ап. Павле во своето Прво послание до Коринтјаните вели: Божјиот храм е свет, а тоа сте вие (1. Кор. 3, 17). И ние, кои денеска се наоѓаме во овој свет храм, да се поучиме од овие зборови на св. ап. Павле. Потребно е најнапред и ние да постанеме храм Божји, па дури потоа Бог да се всели во храмот што го изградивме со нашите раце. Истиот апостол ни порачува: Вие сте храм на живиот Бог, како што рекол Бог: „Ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив; ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ (2. Кор, 6,16). Живеејќи според волјата Божја, луѓето постануваат храмови Божји. Носејќи Го Бога во своите души, тие Го внесуваат Бога во храмовите создадени од нивните раце. Бог си создал дом во човековите срца, а луѓето ги создаваат храмовите за заеднички да Го слават Бога, па така подлабоко и посилно да ја доживеат заедницата со Него.

             Не е доволно што е подигнат овој свет храм. Народот Божји, подигнувајќи го овој храм, врз себе примил и обврска дека со својот благороден живот и работа, ќе го надградува во себе и во својата душа духовниот храм во кој ќе престојува Бог. На тој начин, овој храм создаден со човечки раце, ќе постане живеалиште Божјо, населба на Неговата слава и прибежиште на немоќните, пристаниште на носените од бури, место кое ги прогонува лошите духови и лечилиште на страстите. Овој ден е и момент сите да почувствуваме дека сме храмови Божји и духовно да го почувствуваме овој настан поврзан со осветувањето на храмот на Божјата Мајка. Нека е честито и од Бога благословено. Амин.

Осветување на храм „Пресвета Богородица“
с. Ростуше, Дебарско
30.07.2023 год.

 osvetuvanje hram rozhdestvo na presveta bogorodica 2023 038

 osvetuvanje hram rozhdestvo na presveta bogorodica 2023 039

osvetuvanje hram rozhdestvo na presveta bogorodica 2023 040

 osvetuvanje hram rozhdestvo na presveta bogorodica 2023 041

 osvetuvanje hram rozhdestvo na presveta bogorodica 2023 042

 osvetuvanje hram rozhdestvo na presveta bogorodica 2023 047

 osvetuvanje hram rozhdestvo na presveta bogorodica 2023 049

osvetuvanje hram rozhdestvo na presveta bogorodica 2023 054

osvetuvanje hram rozhdestvo na presveta bogorodica 2023 061

 osvetuvanje hram rozhdestvo na presveta bogorodica 2023 064

 osvetuvanje hram rozhdestvo na presveta bogorodica 2023 069

 osvetuvanje hram rozhdestvo na presveta bogorodica 2023 073

 osvetuvanje hram rozhdestvo na presveta bogorodica 2023 076

 osvetuvanje hram rozhdestvo na presveta bogorodica 2023 080

 osvetuvanje hram rozhdestvo na presveta bogorodica 2023 082

 Повеќе:

https://www.dke.org.mk/index.php/3581-osvetuvanje-na-hramot-rozhdestvo-na-pr-bogorodica-vo-rostushe