„Богомудар Тимотее, ти си пиел од потокот на сладоста, и богомудро си ги напоил со богопознание и оние што сакаат топло да Го подражаваат Христа. Затоа си отишол при Него радосно, созерцавајќи ја пресветлата слава на Света Троица, и неизмерно силниот мир“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна на св. ап. Тимотеј).



На 04.02.2014 година, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, го прославивме споменот на светиот апостол Тимотеј, како и именденот на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Празнувањето започна ден претходно со свечена Вечерна богослужба, на која началствуваше протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, во сослужение на протоереите Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештениците Никола Христоски, Димче Азески и Горан Ставрески и ѓаконот Сашо Целески. На Вечерната беше присутен и Митрополитот Тимотеј.

Прославата продолжи утредента со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј Димче Ѓорѓиески, свештениците Никола Христоски, Димче Азески, Горан Ставрески и Ѓорѓи Блажевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј им подели нафора на присутните верници.

Од името на свештенството од нашата епархија, како и од сиот верен народ, му го честитаме именденот на нашиот духовен водач, Митрополитот Тимотеј, со желби и молитви да го прославува овој ден уште многу години и да го води своето духовно стадо на спасоносниот пат. На многаја лета!   

 

 

Извор: Дебарско - кичевска епархија