ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ

Тропар на светите
Христови маченички
Вера Надеж и Љубов и
нивната мајка Софија
17 септември / 30 септември



Блажени сте вие о маченици Христови, Вера, Надеж, и Љубов,
ќерќи на Софија која е напоена од Мудроста,
ве приведе не само кон очистување, туку и кон полнота на благодатта,
молете се за нас о вие деца на верата, ученици на надежта,
исполнување на љубовта, за да поучени од Мудроста одозгора,
одолееме на минливите понуди од овој свет.

 Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светата
Христова маченичка
Агатоклија
17 септември / 30 септември

Се одврза клетвата Адамова,
љубовта се врати во човека,
благодатно примена од душата твоја оживеана,
о, Агатоклио света маченичке,
која ропство човечко прифати и слобода небесна доби,
преку многу трудови на оваа земја пуста и неплодна.
Затоа Христе Боже помилувај нѐ
по нејзините свети молитви.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на преподобниот отец
Анастасиј Кипарски
17 септември / 30 септември

Божји угодниче, Христов чудотворче,
Анастасие смирен оче преподобен,
кој свита предводеше на патеката до Господа,
моли се за нас свет подвижниче,
на патот да не ослабиме,
верата да ја сочуваме и при Бога
по молитвите твои спасение да најдеме.

 
*моштите се наоѓаат во с.Перистеран на Кипар


Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на светата
Христова угодничка
вдовица Лукија и нејзиниот син
Герминиј маченик
17 септември / 30 септември

Жедта по слободата во Христа,
го смири телото о Лукио, и ти благодатно
се обручи за Љубовта сведочејќи на светот
за Незалезната светлина, која
при твоето срце и Герминиј го удоми,
за да спасен маченички од Бога биде.
Радувајте се сега во вечноста
и за нас молете се пред Господа.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на светите Христови
сто педесет и шест маченици
Палестинци и Египјани
17 септември / 30 септември

Голема е славата ваша при Господа,
о, свети страдалници, и силна е молитвата
на која се надеваме, а вие пред одарот
на слободата ја принесувате,
достојнославни отци,
кои минливост земна презревте
и во идниот живот надеж но Христа положивте.
 
*пострадаа во градот Тир и околината
епископи Пелеј и Нил, свештеник Зинон, епископ Силуан, старец Јован, маченици Патермутиј и Илија, и останатите


Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на светата
Христова маченичка
Теодотоја
17 септември / 30 септември

Тело женско немоќно, со дух мажествен обвиено,
 слава на Господа вознесува
преку сите дни на животот свој,
о, Теодотојо света маченичке,
а Он во оган те претвори, зломислието го посрами,
и мноштво души спасени во Себе роди.
Радувај се и за нас моли се собеседничке на ангелите,
сотрудничке на мачениците: Божја угодничке.

 

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (30.09.2023)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2023 лето Господово

 Од Верскиот календар:

 vozdvizenie.jpg

Светите маченички Вера, Надеж, Љубов
и мајка им Софија

Живееја и страдаа во Рим, во времето на царот Адријан. Мудрата Софија, како што ја одликува и името што го носи (софија - мудрост), остана вдовица, а како добра христијанка се утврди себеси и своите ќерки добро во верата Христова. Во времето кога мачителската рака на Адријан се протегна и врз добордетелниот дом на Софија, Вера имаше дванаесет, Надеж десет, а Љубов девет години. Изведени пред царот тие сите четири држејќи се за раце смерно но одлучно ја исповедаа верата во Господ Христос и одбија да ѝ принесат идолски жртви на Артемида.

Пред страдањето мајката ги крепеше ќерките со совети да истраат докрај. „Вашиот небесен љубител Исус Христос е вечно здравје, неискажлива убавина и живот бесмртен. И кога вашите тела ќе бидат убиени во маки, Он ќе ве облече во нераспадливост и раните на вашите тела ќе светнат на небото како ѕвезди.“

Мачителот ги мачеше со лути маки сите една по една: најпрво Вера, па Надеж, па Љубов. Ги тепаа, ги сечеа, ги фрлаа во оган и во врела смола и најпосле една по една ги убија со меч. Софија ги зеде мртвите тела на своите ќерки, ги однесе надвор од градот и таму чесно ги погреба. Остана на нивниот гроб три дена и три ноќи молејќи Го Бога и така Му го предаде својот дух итајќи во рајските населби, каде што ја чекаа душите на нејзините блажени ќерки.