ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

19042009

 

 

Тропар на отсекувањето на главата
на Св.Јован Крстител
11 септември / 29 август

Споменот на праведникот е со пофалба,
а тебе ти е доволно и сведоштвото на Господа, Претечо,
оти навистина се покажа најпочитуван меѓу пророците,
бидејќи се удостои да Го крстиш во водите
Оној за Когошто тие проповедаа.
Затоа, откако пострада за вистината радувајќи се,
и на оние во адот им Го благовести Бога
Кој се јави во тело,
Кој го зема гревот на светот и ни дарува милост голема.

 Извор МПЦ – ОА
Од Верскиот календар на МПЦ (11.09.2022)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2022лето Господово



 Од Верскиот календар:

 

Отсекувањето на главата на Св. Јован Крстител

 sv.Jovan.otsekuvanje.jpg

 

Ирод Антипа, синот на стариот Ирод, убиецот на Витлеемските младенци во времето на раѓањето на Господ Исус, беше господар на Галилеја во времето на проповедта на Свети Јован Крстител. Овој Ирод беше оженет со ќерката на арапскиот кнез Арета. Но бидејќи зол изданок од зол корен, Ирод ја протера својата законска жена и незаконски ја зеде за сожителка Иродијада, жената на својот брат Филип, којшто сѐ уште беше жив. Против ова беззаконие стана Свети Јован Крстител и силно го изобличи Ирод. Ирод го фрли во затвор. За време на еден пир во неговиот дом во Севастија Галилејска пред гостите играше Салома, ќерката на Филип и Иродијада. И пијан и занесен од таа игра, Ирод ѝ вети на танчерката дека ќе ѝ даде сѐ што ќе посака, па дури и кога би побарала половина од неговото царство. Наговорена од мајка ѝ, Салома ја побара главата на Свети Јован Крстител. Ирод нареди и му ја отсекоа на Јован главата во затворот, па му ја донесоа на Ирод на чинија. Учениците Јованови ноќе го зедоа телото на својот учител и чесно го погребаа, а Иродијада го избоде со игла Јовановиот јазик, а главата му ја закопа на некое нечисто место. Што стана понатаму со главата на Светиот Предвесник опишано е под 24 февруари. Но набрзо оваа група злосторници ги постигна Божја казна. За да ја измие честа на својата ќерка кнезот Арета удри со војска на Ирод и го порази до темел. Поразен Ирод беше осуден од кесарот Калигула на прогонство, најнапред во Галија, а потоа во Шпанија. Како прогонети Ирод и Иродијада живееја во беда и понижувања, додека земјата не се отвори и не ги проголта. Салома загина со зла смрт на реката Сикорис (Сула). Смртта на Свети Јован се случи пред Пасха, а празнувањето на 29 август е востановено затоа што тој ден е осветена црквата којашто на неговиот гроб ја подигнаа во Севастија Светиот цар Конастантин и неговата мајка, Светата царица Елена. Во таа црква се положени моштите на Јовановите ученици: Елисеј и Авдиј.