ГЛАВА II

Препознавањето на Христа Бога

vozdvizenie.jpg

А) ЈОВАН КРСТИТЕЛ

Јован, синот на првосвештеникот Захарија што го доби со својата стара сопруга Елисавета — за која се велеше дека е неплодна —, е роден шест месеци пред Исуса. Кога порасна, тој се повлече во пустињата за да може подобро да го слуша тивкиот глас на Бога. Беше облечен во кожа од камила и опашан со појас од кожа, како што и до денешен ден носат монасите, во спомен на св. Јован Крстител.
Токму таму Јован, најголемиот меѓу пророците, ја прима истата вест што ја примил Исаија: „Оној врз кого ќе видиш дека слегува Духот и застанува над Него, Тој е Оној што крштева со Дух Свети" (Јован 1, 33). Значи, Бог сака Јован да знае, како што тоа го направил седум века порано со Исаија, дека знакот што ќе му овозможи да Го препознае и признае Синот за Бога, знакот кој ќе го направи очигледно и јавно Неговото помажување (миропомазание или месијанство), ќе биде слегувањето и останувањето на Духот врз Него. Помажувањето ќе стане видливо, но тоа нема да биде помажување со масло. И излевањето масло врз главата на Давида беше само видлив белег за невидливото слегување на Светиот Дух. Но сега Јован ќе Го види Самиот невидлив Дух додека Го помажува Оној што Бог ќе Го назначи за свој Избраник, Оној што Го избира вечно да владее на престолот Давидов.

vozdvizenie.jpg

Б) КРШТЕВАЊЕТО НА ИСУСА

Теран од Духот Божји, Јован оди на реката Јордан и, ете, последниот од пророците на Стариот Завет доаѓа да го најави скорото доаѓање на Царството Божјо, односно на Царството чиј Цар ќе биде Помазаникот (Христос) Божји, и да проповедува покајание, зашто само покрстените, оние што се оттргнуваат од злото и се враќаат кон Бога ќе можат д а земат удел во него: „Покајте се, зашто наближува Царството Божјо", не престанува тој да повторува. Сите оние што се обраќаа кон Господа, тој ги подготвуваше да влезат во Царството Божјо, измивајќи ги нивните гревови со потопување во водата, крштевајќи ги во Јордан.
И, ете, Исус од Назарет доаѓа кај него. Евангелистот Матеј ни вели дека Јован не се сметал себеси достоен да Го крсти. Значи, Јован Го познава Исуса. — Ако на друго место вели „ Јас не го познавав", тоа е затоа што дотогаш тој не знаел дека е Он Избраникот Божји. — Меѓутоа, Исус настојува да биде крстен „за да се исполни секоја правда", и додека Јован Го крштева, „Го гледа Духот во вид на гулаб како слегува од небото и останува на Него".
Тоа е очекуваниот знак. Тоа е, значи, Исус — Оној што е помажан од Духот Божји; тоа е Исус Христос: и, ете, од небото се чу глас: „Ти си мојот возљубен Син, Кој е по мојата волја".
Јован сфатил, Јован Го препознал Месијата, Христа и сведочи дека ветувањето е исполнето, дека доаѓањето на Месијата се остварило. Тој му вели на народот: „Видов и сведочам дека е Он Избраникот Божји".
Тој ќе се сети дека Исаија рекол: „Он беше ранет за нашите престапи, биен за нашите беззаконија, казнет заради нашиот мир, и благодарение на Неговите рани ние се исцеливме... како невино Јагне беше одведен на колење... заради нашите гревови беше убиен" (Исаија 53,5 — 8), и затоа, изедначувајќи Го Исуса со овој Слуга што страда, Јован ќе додаде: „Ете го Јагнето Божјо Кое ги зема гревовите на светот", резимирајќи ја однапред службата на Месијата — слуга кој страда, јагне жртвувано за гревовите на светот.
Од тој момент, некои луѓе од Галилеја — Андреј, Јовзн, потоа нивните браќа Симон-Петар и Јаков, потоа Филип и неговиот брат Натанаил, ќе се приврзат кон личноста на Исуса. По крштението на Исуса, Андреј ќе извика: „Го најдовме Месијата, односно Христа", а Филип ќе му рече на својот брат Натанаил: „Го најдовме Оној за кого се зборува во законот Мојсеев и во пророците, тоа е Исус од Назарет" (Јован 1, 41 —45). Затоа по неколку години, кога Симон — Петар ќе му ја пренесе Благата Вест на Корнилија, римскиот офицер за кого ни зборува книгата Дела апостолски (10, 37), ќе си спомне за решавачкиот настан кој беше почеток на големото доживување — кое и самиот него ќе го одведе до мачеништво во Римскиот Колосеум — и тој ќе му рече на Корнилија и на неговите другари: „Знаете што се случи во цела Јудеја: Исус од Назарет, Неговите почетоци во Галилеја по крштевањето што го проповедуваше Јован, како Бог Го помажа со Духот Свети исовласт..."
Затоа и сите евангелисти: Мзтеј, Марко, Лука и Јован, ни го раскажуваат крштевањето на Исуса и ни го пренесуваат сведоштвото на Јован Крстител (Матеј 3, 16—17; Марко 1, 9-11; Лука 3, 21 - 22; Јован 1, 32 - 34), додека само Матеј и Лука ни го раскажуваат раѓањето на Исуса. Всушност, дури по Неговото крштевање, Исус му бил покажан на светот како Христос и Син Божји. Неговото крштевање е Неговото манифестирање, Неговото Објавување (Епифанија), тогаш поверувале во Него и неговите први ученици, односно, тие го познале во Него очекуваниот Месија (Христос). Не дека Он станал Месија во тој ден (како што тврделе некои еретици), туку Синот е Христос од вечност. Он не станува тоа, бидејќи Духот Свети почива на Него од секогаш. Уште седум векови пред Неговото крштение по тело — како што видовме —, Синот Божји велеше преку устата на пророкот: „Духот Господов е на Мене", но дури во денот на Неговото крштевање оваа вечна реалност им е покажана на луѓето. Затоа и Црквата толку свечено го слави Крштевањето на Исуса: тоа е големиот празник Богојавление (на грчки Епифанија или Теофанија) на 19 јануари (6 јануари по стар стил).

vozdvizenie.jpg

В) ОБЈАВУВАЊЕ НА СВЕТА ТРОИЦА

Крштевањето на Исуса не е само Негова манифестација пред светот како Христос, Негово Објавување (Епифанија): Крштевањето Го манифестира како Син Божји и, на тој начин, тоа е „Богојавление" — објавување на Бога, бидејќи ни ја открива големата тајна на Бога, Светата Троица.
Навистина, Јован го видел Духот Свети како слегува на Исуса во вид на гулаб и како останува на Него. Зборот „оста¬нува" кажува дека, од секогаш, Светиот Дух почива врз Оној чиј глас, кој дојде од небото, велеше: „Овој е Мојот возљубен Син".
Затоа свети Кирил Ерусалимски ни вели дека, објаву-вајќи Го Исуса за Христа, Крштението на Исуса во исто време ни ја открива тајната на Божествената Троица: всушност, за да има еден Христос, Помазаник — Син —. треба да има некој што ќе Го помаже, Отецот, и некој што ќе биде помажувањето — Светиот Дух Кој почива на Него. Затоа не можеме да мислиме на Христа без да мислиме на Оца и на Светиот Дух; без Нив, зборот Христос не би имал смисла. Не можеме да Го исповедуваме Исуса за Христа без да Го исповедуваме едниот Бог како Бог во три лица.
Честопати си правиме погрешна претстава за Бога: понекогаш ни се чини дека Отецот би бил Бог на Стариот Завет, потоа дека Синот дошол да Го замени во Новиот Завет за време животот на Исуса; најпосле би бил редот на Светиот Дух во сегашно време на Црквата, а за животот на Исуса би се сеќавале само како на историско минато.
Да, тешко ни е да си ги претставиме трите лица во еден единствен Бог Кој делува во светот со една единствена волја. Како да ја доближиме тајната на Светата Троица?
Повторно да се вратиме на крштевањето на Исуса, кога Исус излегува од водата. Веќе пишувавме за тоа: Јован Крстител Го гледа Христа на Кого почива Духот и го слуша гласот на Отецот Кој го наречува Исуса „Возљубен Син": Јован признал еден единствен Бог во три лица. Токму на Јордан, за првпат, се манифестирала Светата Троица. Црквата тоа ни го опишува со иконата како и со песната на празникот Богојавление.

 vozdvizenie.jpg

ИКОНАТА

Исус е потопен во водата, би се рекло дека Он го проникнува целиот свет за да го измени со своето присуство, да го осветли со својата Светлина, да го просвети, за да го освети.
Сосема горе, една Рака го претставува Оној што помажува, Бог Отец, невидлив но чиј глас сведочи за Исуса, именувајќи го возљубен Син.
Гулабот го претставува Светиот Дух Кој ја потврдува вистината на сведоштвото, застанувајќи и останувајќи на главата Исусова: тоа е „помажувањето". Најпосле, Синот, Оној што е помазан, Исус, е потопен.

 vozdvizenie.jpg

 

ПЕСНАТА

Тропарот, празничната песна на Богојавление, ја обработува истата тема:

Кога се крштеваше во Јордан, Господи.
се јави поклонувањето на Света Троица,
зашто гласотна Отецот сведочеше за Тебе,
именувајќи Те „возљубен Син",
и Духот. во вид на гулаб,
 ја потврдуваше вистината на Словото
Христе Боже, Ти Кој си се јавил
 и светот си го просветил,
Слава Ти!
(Тропар на Богојавление)

  vozdvizenie.jpg

Во оваа празнична химна не е споменат сведокот, свети Јован Крстител. Се чини како да исчезнал за да не остави сами, лице в лице со тајната на Света Троица. Тоа ја подвлекува улогата на Јован Крстител, Претеча, оној што ни посочува каде да Го најдеме Бога и не подготвува да Го примиме со покајанието, а потоа се повлекува.
И навистина, Јован, пријателот на Младоженецот, подоцна ќе рече: „Еве ја мојата радост, таа е сега совршена. Он треба да расте, а јас да се смалувам" (Јован 3,29-30).
Што да се каже за Света Троица? Како да и се пријде на оваа тајна? Ниту еден прирачник, ниедна книга, нити час по вероучение не би можеле да ја објаснат тајната за Бога во три лица. Постои голем ризик со зборови да се деформира она што е неискажливо, со човечки категории, ограничени со раз-умот, да се намали вечниот Бог. Само молитвата и почитувањето можат да ни помогнат да проникнеме дел од Вистината за Бога Кој е еден во три лица.
За да се доближиме до овој тежок предмет, ќе се послужиме со едно мошне големо уметничко дело, иконата на Света Троица од Андреј Рубљов. Овој многу талентиран сликар, кој е исто така и човек од молитва, ќе не води кон размислувањето (контемплацијата) за единствениот Бог во три лица.

 

(Продолжува:ИКОНАТА НА СВЕТА ТРОИЦА

 

 

 

gakon.Goran.A.jpg

 Извор: БОГ Е ЖИВ

 

ВЕРОУЧЕНИЕ (КАТИХИЗИС) ЗА СЕМЕЈСТВАТА

Издавач: Преспанско- пелагониска епархија, Битола, 1983

Превод: прф. Јован Таковски 

Друго:

Божјата Слика: создадена, падната и возобновена (3)

Божјата Слика: создадена, падната и возобновена (2)

Божјата Слика: создадена, падната и возобновена (1)