ВТОР ДЕЛ

 

Крштението на нашиот Господ Исус Христос

 

Од Авраама до Исуса: Очекувањето и препознавањето на Христа Бога

 


СОДРЖИНА

 

Глава I: МЕСИЈАНСКОТО ОЧЕКУВАЊЕ
А) Верата наАвраама
Б) Борбата наЈакова со ангелот
В) Помажувањето на Давид, праслика на Месијата  
Г) Пророштвата

 

Глава II: ПРЕПОЗНАВАЊЕТО НА ХРИСТА БОГА
А) Јован Крстител
Б) Крштевањето на Исуса
В) Објавувањето на Света Троица

 

Целта на овој втор дел од нашата книга е повторно да го открие очекувањето на Израил на својот Христос („Месија" на еврејски) за да можат да Го препознаат во Исуса од Назарет. Навистина, оној што верува дека Исус е вистинскиот Христос што Го навестиле пророците („Оној што треба да дојде", Лука 7, 19) и Кој е очекуван од народот, тој станува христијанин.

 


Детето: Зар Христос не е името на Исуса?
Родителот: Секако не. Зборот Христос Го означува Оној за Кого пророците однапред претскажале. Името „Христос" покажува, значи, еден непознат, однапред опишан, очекуван, во Кого постоела надеж. Била позната должноста што требало да ја врши, некои од Неговите црти, улогата што ќе биде повикан да ја игра, но не се зна-ело кој ќе ја исполни таа улога.
Кога ќе дојде Исус, некои ќе го препознаат во Него очекуваниот Христос; тие ќе бидат наречени христијани.
Повторно ќе го изложиме она што се вика „месијанско очекување", тоест, ќе потсетиме на некои факти и зборови со кои Бог го најавил и подготвил доаѓањето на Својот Син. Потоа ќе ги опишеме настаните и знаците кои ќе овозможат во Исуса од Назарет да Го препознаеме Христа или очекуваниот Месија.

prorok.zaharij1.jpg

Фреска од манастирот во св. Никола, с. Љубанци (скопско)


ГЛАВА I
Месијанското очекување
 

prorok.zaharij1.jpg

А) ВЕРАТА НА АВРААМ

 

Првите единаесет глави од книгата Битие — првата книга на Библијата — немаат историски карактер во вистинска смисла на зборот. Дури од дванаесеттата глава, со расказот на ветувањата што Бог му ги дал на Авраама, ние навистина навлегуваме во историјата, односно во расказот на настаните кои можат да бидат сместени во времето и во просторот. Бог ветува дека ќе интервенира во животот на луѓето и со оваа заклетва започнува историјата на народот Божји, Израил, која ќе не води до Христа, Царот на Израил.
Историјата на Авраам започнува мошне неочекувано: „Господ му вели на Авраама: остави ја земјата своја, роднините свои и домот на својот отец, за земјата што јас ќе ти ја покажам. Од тебе ќе направам голем народ, ќе те благосло-вам, во тебе ќе бидат благословени сите народи на земјата" (Битие 12, 2 и 3). Добивајќи ја оваа заповед и ова ветување, Авраам не се колеба; тој заминува со својата жена Сара, со внукот Лот и со сите свои стада. Ја напушта својата земја, својата безбедност и се отвора кон нова иднина, одредена со даровите Божји. Сиот свој живот тој го засновува врз овој збор со послушност и безгранична верба во Бога.
Уште од овој прв расказ, ја откриваме верата на Авраам, вера која служи како пример, која е дар од Бога и прифаќање на тој дар. Вера која е слободна и која ослободува, која вклучува соработка со делото Божјо, едно „да" без колебање. Оваа вера е од иста природа како и верата на Мајката Божја и на секој христијанин: таа ја прима посетата на Бога. Освен тоа, во позивот Божји и во одговорот на Авраам има една фамилијарност полна со меѓусебна љубов. Бог зборува. По име ги вика оние што ги избира и од нив очекува одговор. Својот живот Израилот ќе го живее како разговор меѓу Бога и човекот. Тоа е однос на лице кон лице, во последователност од конкретни настани кои ќе се одвиваат како обична историја.
Бог не престанува да дејствува, а ние тоа го чувствуваме, читајќи ја Библијата. Зар ова дејствување не е еден аспект од она што Св. писмо го наречува Слава Божја?
Авраам, значи, тргнува на пат за земјата Хананска и, од „логор во логор", ги обиколува Негев, Египет, повторно се враќа во Негев и неуморно го продолжува својот пат, среќавајќи бројни доживувања.
Господ повторно му се обраќа на Авраам при што му ветува бројно потомство и додава: „Сета оваа земја што ја гледаш, ќе ти ја дадам."
Подоцна, кога Бог му се обрати по третпат, Авраам одговори: „Господи, што ќе ми дадеш кога живеам без деца". Тогаш Господ му рече: „Подигни ги очите кон небото и изброј ги ѕвездите, ако можеш да ги изброиш... такво ќе биде твоето потомство" (Битие 15,5).
Ветувањето е двојно:
— наследство: поседување на земјата Хананска;
— наследник: бројно и благословено потомство.
Авраам и жена му немаа деца, и беа мошне стари, но „Авраам поверува во Бога и Он му го прими тоа за правда" (Битие15,6).
Ова го разбираме кога ги обмислуваме (медитираме) зборовите на свети Павле по овој предмет: „... Ветувањето дадено на Авраам не делува преку законот, туку преку оправдувањето со посредство на верата... Наследството зависи од верата за да биде дар по милоста... верата Авраамова, таткото на сите нас, нашиот татко пред Оној во Кого тој поверувал, Бог Кој им дава живот на мртвите и од ништо создава нешто" (Римјаните 4,13—17).
Бог му зборува на Авраам и по четвртпат, ветувајќи му ја не само целата земја Хананска, туку и син од неговатажена Сара; тогаш Авраам имаше околу сто год ини, а жена му околу деведесет години. Мажите и жените не можат да имаат деца кога се толку стари, но Бог сака да го смени текот на историја-та:

 

prorok.zaharij1.jpg

Кој Бог е голем како нашиот Бог,
Ти си Бог Кој прави чудеса" (Псалм 135,4)

 

Овде се поместува мошне таинствената манифестација која често се вика „јавувањето кај Мамврискиот даб" или „гостопримството Авраамово". Се вели: „Господ му се јави кај Мамврискиот даб додека напладне седеше пред влезот во шаторот. Кога ги подигна очите, виде три човека кои стоеја пред него... Тој рече: „Господи, ако сум нашол милост пред Тебе, немој да минуваш крај Твојот слуга без да се запреш..." (Битие 18,1-15).
Забележавте дека се вели: „Господ му се јави", потоа, се покажуваат три лица. Кому Авраам му се обрнува велејќи во еднина „Господи"? Зар ова не е чудно? Бог... три лица... Еден вотри...
Расказот продолжува: Сара набрзина зготвува јадење со кое Авраам со почит ги послужува тројцата патници, а за тоа време Сара се крие во шаторот. На оваа репродукција од мозаик, ја гледате како ја подава главата меѓу завесите за да набљудува и слуша со збунета насмевка.
Тогаш Господ ветува дека, по неколку месеци, Сара ќе добие син; слушајќи ги овие зборови, Сара почнува да се смее. Меѓутоа, ова чудно ветување ќе биде одржано. Голема радост му е дадена на Авраама: Сара, неговата законита жена, станува мајка на еден син, Исак. Исак, пак, ќе добие син, Јаков.

 

 (Продолжува: Б) БОРБАТА НА ЈАКОВА СО АНГЕЛОТ)

 

gakon.Goran.A.jpg

 Извор: БОГ Е ЖИВ

 

ВЕРОУЧЕНИЕ (КАТИХИЗИС) ЗА СЕМЕЈСТВАТА

Издавач: Преспанско- пелагониска епархија, Битола, 1983

Превод: прф. Јован Таковски 

Друго:

Божјата Слика: создадена, падната и возобновена (3)

Божјата Слика: создадена, падната и возобновена (2)

Божјата Слика: создадена, падната и возобновена (1)