ОД ЧЕТИРИЕСЕТ И ПРВАТА БЕСЕДА

4. На оние кои со пречистите Тајни се причестуваат достојно и недостојно.
5. Како доаѓа до тоа некој преку Светата Причест да се соединува со Бога, а некој да не се соединува?
6. Која е разликата меѓу оние што се причестуваат достојно и оние што се причестуваат недостојно?

4. Наместо трпези полни со секакви јадења, барај го единствено Лебот на Животот, кој со сетилата се гледа како леб, а мислено е Телото Христово. Ова е Лебот што слегува од небото и му дава живот на светс)т, Леб од кој оној што го јаде не само што се храни, туку и се оживотворува и како да воскреснува од мртвите. Овој Леб нека ти биде и храна и наслада од која не можеш да се наситиш и која не можеш да ја потрошиш. Виното, кое во оваа Тајна е навистина Крв Божја, нека ти биде светлост неизречива, сласт неописива и радост неминлива. Ако достојно пиеш од ова Вино, нема да ожеднеш за навек, само пиј го со духовно чувство и со мирно расположение на твоите духовни сили и добро навлези во смислата на она што се говори. Ако со небесните леб и вино, односно со Телото и Крвта Христови, се причестуваш со чувство и свест што се тие всушност, знај дека се причестуваш достојно; ако не се причестуваш на овој начин, тогаш јадеш и пиеш недостојно. Причестувајќи се со чисто срце и со вера, се покажуваш достоен за таинствената Трпеза; ако не се удостојуваш со ова, немаш соединување со Христа.

5. Оние што недостојно се причестуваат со Светите Тајни, нека не мислат дека преку нив така едноставно се соединуваат со Бога, бидејќи тоа со нив не се случува и не може да се случи се додека се тие такви. Само оние што преку причестувањето со божественото Тело Господово се удостојуваат да гледаат со окото на умот (духот), да чувствуваат со умственото (духовното) сетило, да пробуваат од невидливото неопипливото и невкусливото Божество со умствената (духовната) уста, само таквите знаат дека Господ е добар. Тие не пробуваат само од сетилниот леб и не пијат само од сетилното вино на видлив начин, туку во исто време духовно го јадат и пијат Бога, со двојните сетила - на душата и на телото: тие вкусуваат од плотта видливо, а од Бога, пак, мислено (духовно) и на тој начин и телесно и духовно се соединуваат со Христа, Кој е двоен по природа, Бог и човек, и стануваат Негови сотелесници и заедничари на Неговата слава и Божество. Токму на ваков начин се соединуваат со Бога оние што се причестуваат достојно - оние што вкусуваат од лебот и пијат од чашата со познавање и осознавање на силата на оваа Тајна и со духовен осет. А оние што се причестуваат недостојно остануваат празни од благодатта на Светиот Дух и го хранат само своето тело, но не и својата душа.

6. Но, најсакан, немој да негодуваш слушајќи ја вистината што ти ја објавувам; зашто ова е вистина. Имено, ако веруваш и исповедаш дека Телото Христово е Лебот на Животот и дека тоа им дарува вечен живот на оние што јадат од него, и дека Крвта Негова на оние што ја пијат им е извор на Вода што тече во вечен живот, кажи ми, те молам, зошто ти, причестувајќи се со овие Свети Тајни, не примаш во својата душа ништо особено во споредба со она што си го имал пред причеста; туку дури и ако чувствуваш некоја малечка радост додека се причестуваш, по некое време пак стануваш ист каков што си бил и пред тоа, и воопшто не чувствуваш во себе никаков прилив на живот или на светлост. За оние што не се издигнале над сетилното, овој Леб е обичен леб, иако во таинствена смисла тој е неопфатлива и непристапна светлина, како што и Виното во таинствена смисла е светлост, живот, оган, Жива Вода. Значи, кога вкусуваш од овој божествен Леб и пиеш од ова Вино на радоста, а сепак не чувствуваш дека си почнал да живееш со бесмртен живот, откако си ја примил во себе светлоносната и огнена сила, како што пророкот Исаија во устата прими жар, и дека си ја примил Крвта Господова како Жива Вода, значи, ако не чувствуваш во себе дека си примил нешто од она за што сега зборував, мислиш ли дека си зел учество во вечниот живот, дека си и пристапил на непристапната светлост на Божеството, дека си станал заедничар на незгасливата светлина? Не, мој брате, со тебе не се случило ништо такво, зашто во себе не чувствуваш ништо од реченото. Туку онаа светлина се излева врз тебе, а ти си слеп и остануваш неосветлен; и оној оган излева врз тебе топлина, а ти остануваш студен; и оној живот влегол во тебе, а ти не чувствуваш и престојуваш во мртвило; Живата Вода потекла низ твојата душа, како низ корито, но не се задржала во тебе, не наоѓајќи достојно сместувалиште за да се насели во тебе. Затоа, ако на ваков начин се причестуваш со пречистите Тајни, а не ја чувствуваш благодатта во својата душа, значи дека се причестуваш само на видлив начин, додека во себе ништо не примаш. Бидејќи оние што достојно пристапуваат кон овие Тајни и се подготвуваат како што треба во нив да го примат Синот Божји - овој Леб на животот, Кој слегува од небото, нив Он ги допира на опиплив начин и се соединува со нив без смешување, давајќи им на видлив начин да го чувствуваат Неговото благодатно присуство.
Затоа, ако се причестуваш со Светите Тајни така како што ти укажав, целиот живот ќе ти биде едно непрестајно празнување, една бескрајна пасха, премин од видливото кон невидливото, таму каде што ќе исчезнат сите облици, сенки и симболи на празнувањето присутни во овој живот и каде што вечно чистите вечно ќе се насладуваат со најчистата жртва, со Христос Господ, во Бога Отецот во едносушниот Дух, постојано осознавајќи Го и гледани од Него, престојувајќи и царувајќи заедно со Него, од што нема ништо повозвишено и поблажено во Неговото Царство. Нему Му приличи секоја слава, чест и поклонување, сега и секогаш и во вековите на вековите. Амин!

 sv.simeon.novbogoslov2a.jpg

(Продолжува)

СВЕТАТА ТАЈНА ПРИЧЕСТ

Издавач: ЃАКОНИЈА

Главен и одговорен уредник

Митрополит г. Агатангел

 Друго:

Св. Симеон Нов Богослов - За оние кои се причестуваат со Светите Тајни ...

ПИСМО ДО ЦЕЦИЛИЈ ЗА СВЕТАТА ТАЈНА НА ЧАШАТА ГОСПОДОВА

ЧЕТВРТА МИСТАГОШКА КАТИХЕЗА НА НОВОПРОСВЕТЕНИТЕ ЗА ТЕЛОТО И КРВТА ХРИСТОВА