(Обновено)

СИМВОЛ  НА ВЕРАТА

Верувам во Единиот Бог Отец, Седржител, Творец на небото и на земјата, и на се видливо и невидливо;
И во Единиот Господ Исус Христос, Син Божји, Единороден, Кој е роден од Отецот пред сите векови; Светлина од Светлина, вистински Бог од вистинскиот Бог, роден, нестворен, единосуштен на Отецот, преку Кого се станало;
Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение, слезе од небесата и се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева, и стана човек;
И Кој беше распнат заради нас во времето на Понтиј Пилат, и страдаше и беше погребeн;
И Кој воскресна во третиот ден, според Писмото;
И Кој се вознесе на небесата, и седи оддесно на Отецот;
И Кој пак ќе дојде со слава, за да им суди на живите и на мртвите, и Неговото царство не ќе има крај;
И во Светиот Дух, Господ, Кој живот твори, Кој исходи од Отецот, Kому Му се поклонувамеи Го славиме заедно со Отецот и синот, и Кој говорел преку пророците;
Во една света, соборна, и апостолска Црква;
Исповедам едно крштение, за простување  на гревовите;
Го чекам воскресението на мртвите;
И животот во  идниот век. Амин.

  

Pimen.Soboren.jpg

 Користа која би ја имале од толкувањето на Символот на верата

Да се биде христијанин, значи да се познава сопствената вера односно да се живее светото крштение, коренот на нашето воскресение и спасение преку кое сме ја примиле благодатта на Светиот Дух и сме станале членови на Црквата т.е. православни христијани. Но, за името со кое се нарекуваме треба да посведочиме на дело со практикување на литургиски и духовен живот во Црквата односно духовен живот под раководство на духовен отец, со практикување на светата тајна исповед пред духовниот отец /епископ или свештеник/ и согласно неговиот благослов со редовно пристапување кон светата Причест кога примајќи го Телото и Крвта Христови сведочиме на дело за нашата вера преку тоа единство со Него. Сето ова продразбира најмалку, задолжително познавање на основната молитва Оче наш, колку што е можно почесто кажување на кратката Исусова молитва, Господи Исусе Христе, Сине Божји помилуј ме мене грешниот/ата, и секако познавањето на Символот на верата односно исповедање за тоа во што се состои нашата вера кое во Црквата започнува со најпрекрасниот и најицрпниот човечки збор,

Верувам:
во Едниот БОГ ОТЕЦ, Седржител, Творец на небото и на земјата, на се видливо и невидливо
, со ова ја исповедаме верата во Еден Бог, бидејќи кога зборуваме за Отецот, истовремено ја исповедаме нашата вера и во Синот и во Светиот Дух, во чие име сме и крстени и сме постанале членови на Црквата. Нашата вера е вера во Еден Бог во Три Лица или Три Лица во Еден Бог, нашето православно исповедање е верата во нашиот Бог - Света Троица. Бог е Творец на се видливо и невидливо, Промислител и Устроител, а како создадено од Него битие е и човекот создаден според образот и подобието Божјо, така веруваме, а нашата вера не ја темелиме на никакви други теории. Како икона Божја, како креација Божја по благодат и човекот за разлика од другите Божји созданија ја изразува својата креативност преку слободата и талентот кој му се дадени од Бог. 


И во Единиот ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС, Син Божји, Единороден, Кој е роден од Отецот пред сите векови, Светлина од Светлина, ВИСТИНСКИ БОГ од вистинскиот Бог, роден, единосуштен на Отецот, преку Кого се станало; тука станува збор за нашето исповедање на верата во Синот Божји, второто Лице на Света Троица, Господ Исус Христос Кој вечно се раѓа од Отецот, дека е Совршен Бог рамен на Отецот, и преку Кого е создаден ни од што, сиот видлив и невидлив свет.


И  Кој заради нас луѓето слезе од небесата и се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева и стана човек; исповедаме дека заради нашето спасение од гревот, смртта и ѓаволот под чија власт сме по гревопадот на нашите прародители, Тој ја зеде на себе човечката природа за да ја очисти од гревот, на тој начин во се беше подобен на нас освен во гревот, бидејќи и како таков без грев беше зачнат со силата Светиот Дух и Дева Марија исполнувајќи се пророштвото дека девица ќе зачне и ќе роди Син Кој ќе не избави од ропството на смртта. Тука ни се открива и во сета своја полното Богочовечката природа на Господ Исус Христос, дека покрај тоа што е совршен Бог, Тој е и совршен Човек. Заради воплотувањето исповедаме и дека Марија Дева е Богородица, мајка на Нашиот Бог, секогаш Дева, и пред зачнувањето и по зачнувањето и после раѓањето на Нашиот Спасител останува Дева, затоа и ја нарекуваме Пресвета, Пречиста и Преблагословена, наша постојана молитвена застапничка и закрилница. 


И  Кој беше распнат заради нас во времето на Понтиј Пилат, и страдаше и беше погребен;  тука ја исповедаме спасителната мисија на Нашиот Господ Исус Христос, Кој на Себе ги зеде гревовите на светот за да ја очисти падната човечка природа преку страдањата и смртта на крстот за да ја обнови и пресоздаде во Него. Се споменува времето, историски во кој период навистина сето ова се случило, дека вкуси дури и смрт заради наше спасение погребувајќи ја од гревот падната човечка природа. Исповедаме дека како христијани со нашиот живот земаме учество во страдањата, во Крстот Христов и во Неговата смрт.
И Кој воскресна во третиот ден, според Писмото; смртта немаше власт над Него бидејќи немаше грев, а со тоа се исполнија и сите пророштва на старозаветните пророци, проотци и патријарси кои преку Светиот Дух го највуваа доаѓањето на Богочовекот Христос, Неговата спасителна мисија, Неговите страдања и смрт на Крстот, но и неговото Воскресение, победата над гревот, смртта и ѓаволот, со Својата смрт, смртта ја победи, и од нас направи учесници во Неговото Воскресение. 


И  Кој се вознесе на небесата и седи оддесно на Отецот; четириесет дена по Своето Воскресение кое го посведочи пред светите апостоли и другите кои го следеа во Неговиот живот на земјата, се вознесе и ја прослави во Него човечката природа на небесата, давајќи и го достоинството кое ни беше дадено со создавањето, и до кое требаше да стигнеме, а сега во Богочовекот и нам ни е отворен патот на небесата и ни е дадена надеж за живот вечен. И покрај воплотувањето и Неговата спасителна мисија и сите собитија, Синот Божји постојано е оддесно на Отецот.


И  Кој пак ќе дојде во слава, за да им суди на живите и мртвите, и Неговот царство не ќе има крај; во Црквата на секоја Света Литургија исповедаме и го очекуваме Второто Христово доаѓање, по кое ќе има страшен Христов суд. Потврдуваме со вера дека во Бог сите се живи, дека на секого ќе му се суди според делата, љубовта и милоста која сме ја покажале или не сме ја покажале во нашиот живот. Царството Негово, царството Божјо е смислата и целта на нашиот христијански подвиг во светот и тоа е вечно, неопфатливо од времето и просторот, живот вечен кој не ќе има крај, кој зависно од тоа колку нашиот живот бил христијански ќе биде или вечно блаженство или вечно проклетство.


И во СВЕТИОТ ДУХ, ГОСПОД, Кој живот твори, Кој исходи од Отецот, Кому му се поклонуваме и го славиме заедно со Отецот и Синот и Кој говорел преку пророците;  ја исповедаме верата третото Лице на нашиот Бог, Светиот Дух Кој вечно исходи од Отецот, и во Кого со полнота е создаден сиот видлив и невидлив свет. Вечното исходење на Светиот Дух од Отецот е првата и основната разлика меѓу останатите разлики со римо-католичката црква која поинаку и погрешно исповеда и учи за третото Лице дека исходи и од Синот. Ние ја потврдуваме верата во вечното исходење на Светиот Дух од Отецот, потврувајќи дека како и се, ги вдахновувал  и пророците за преку нив да ни ја открие вистинската вера.


Во едната, света, соборна и апостолска Црква; на секоја Света Литургија кога се причестуваме со Телото и Крвта Христова сведочиме дека Црквата е она што е – Тело Христово, основана од Богочовекот Христос со слегувањето на Светиот Дух, потврдена од сведоштвото и проповедта на апостолите, а преку пренесувањето на апостолското преемство, вера и сведоштво на епископите и свештениците Црквата се одржува заради наше спасение се до есхатолошкото исполнување на историјата во вечноста.


Исповедам едно крштение, за прошка на гревовите, исповедаме дека сме членови на Црквата преку крштението во името на нашиот Бог – Отецот и Синот и Светиот Дух, преку кое се раѓаме за нов и духовен живот. Еден е Бог, затоа една е Црквата, една и верата,  едно е и крштевањето. Ја споменуваме прошката на гревовите и со тоа ја потврдуваме светата тајна исповед во Црквата, дека таа не е никаква новотарија туку отсекогаш е вклучена во литургискиот живот на Црквата и дека потребно е да ја практикуваме ако сакаме навистина да живееме христијански.


Го чекам воскресението на мртвите, и животот во идниот век. Амин; ја искажуваме нашата надеж за воскресението налик на Христово Воскресение кое ни даде надеж за наше воскресение кое ќе настапи при Неговото Второто доаѓање со општо воскресение и затоа ја исповедаме и надежта за вечниот живот во Царството Божјо кое го очекуваме. Амин, значи така нека биде со што даваме согласност за наше преуспевање во животот.
 Благослов од Отецот низ Синот во Светиот Дух.

ПИМЕН
МИТРОПОЛИТ ЕВРОПСКИ

Друго:

Од издаваштвото на Европската епархија (03.08.2009)

Од издаваштвото на Европската епархија (10.08.2009)

Од издаваштвото на Европската епархија (15.08.2009)