Voskresenie.s2.jpg
ПАСХА - ВЕЛИГДЕН

 Овој ден го создаде Господ! Да се радуваме и развеселиме во него!
 Христос воскресна од мртвите,
 со смртта смртта ја победи
 и на тие во гробовите
 живот им подари!
 Ден е на воскресение, да се просветиме, луѓе, Пасха, Господова Пасха, од смртта кон животот и од земјата кон небото, Христос Бог нè преведе, пеејќи ја победната песна.
 Пасха свештена денес ни се покажа, Пасха нова, света, Пасха таинствена, Пасха сечесна, Пасха – Христос Избавител, Пасха непорочна, Пасха велика, Пасха на верните, Пасха ни ги отвори вратите рајски, Пасха ги осветува сите верни.
 Пасха прекрасна, Пасха, Господова Пасха, Пасха сечесна ни заблеска, Пасха! Радосно еден со друг да се прегрнеме. Пасха, избавување од болката, зашто од гробот, денес како од брачна одаја ни заблеска Христос и жените со радост ги исполни велејќи: Благовестете на апостолите!
 Ден е на воскресение, да се просветиме со торжество. Еден со друг да се прегрнеме и да им речеме „браќа“ и на оние кои нè мразат, да простиме сè со воскресението и така да запееме: Христос воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи и на тие во гробовите живот им подари.
Воскресна Утрена

 Дојдете, примете светлина од невечерната Светлина и прославете Го Христа, Кој воскресна од мртвите.
 Воскресна служба

 Читање од Светото Писмо:
 Свето Евангелие по Марко 16, 1-8

Подготви: А.Л.


 Воскресение Христово     19/04/2009


hristos.voskresenie.jpgОткако слугите на првосвештениците израилски го фатија Исус и Го предадоа на Пилат со барање да биде распнат, а Пилат за да им угоди конечно така и пресуди иако не Му најде вина, Господ пострада со смрт на Крст. Висеше меѓу двајца разбојници, од кои едниот Го похули а другиот Го прослави, спасувајќи се со ова себеси за живот вечен. Во оној страшен миг неговите ученици се разбегаа како што Самиот им предрече; освен апостолот Јован Заведеев и мајка Му под Крстот, малку подалеку стоеја и неколку жени коишто последните години Му служеа со своите имоти. Покрај Него тогаш немаше други, освен непријателите и минувачите во неверие. Евангелието подробно пишува за смртта. Потоа Јосиф од Ариматеја, кој Му беше ученик, се осмели и го побара од Пилат телото за да го погребе. Го положија во еден нов гроб којшто Јосиф го имаше скроено во карпа. Го затворија влезот со камен и заминаа. За воскресението дознаа во мугрите во неделата, кога оние верни жени појдоа со миризливи масла на гробот за да Го помазаат телото, кое не Го најдоа. Веста ја прими прва Марија Магдалина и побрза да им јави на апостолите и тие не ѝ поверуваа. Петар и Јован самите се стрчнаа до гробот и го најдоа каменот одвален, а од телото лежеа оставени само повоите. По ова, кога се собраа заедно во куќата, Исус им се јави и разбраа дека воскреснал. Но им го отвори умот и за да ги разбираат Писмата. Им се јави и на Лука и Клеопа додека одеа во Емаус, но не Го препознаа веднаш. Срцата им гореа на сите.

http://www.mpc.org.mk/pouka.asp

Свето Евангелие од светиот апостол Јован (зач. 1)

Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога и Бог беше Словото. Тоа во почетокот беше во Бога. Се стана преку Него и без Него ништо не стана, што стана. Во Него имаше Живот и Животот им беше светлина на луѓето. И Светлината во темнина свети и мракот не ја опфати. Имаше еден човек по име Јован, пратен од Бога; тој дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него. Тој не беше Светлина, туку да сведочи за Светлината. Постоеше вистинска Светлина, Која го осветлува секој човек, што доаѓа во светов. Во светот беше и светот преку Него стана, но светот не Го позна. Дојде при Своите и Своите не Го примија. А на сите што Го примија - на сите што веруваа во Неговото име - им даде можност да станат синови Божји: кои не од крв, ни од похот машка, а од Бога се родија. И Словото стана тело и се всели во нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот. Јован сведочеше за Него и велеше зборувајќи: „Овој е за Кого реков: Оној, Кој иде по мене, ме испревари, оти постоеше порано од Мене!“ И од Неговата полнота ние сите примивме благодат врз благодат; зашто Законот беше даден преку Мојсеја, а благодатта и вистината произлегоа од Исуса Христа.

Свети Исак Сирин

Бог допушта искушенија и препреки во духовниот живот за луѓето да се здобијат со „искуство и сила да Го познаат, да ја познаат Неговата промисла за нив, бидејќи низ искушенијата се стекнува мудрост“.