Hristos.nakrst.jpg

                                    


...Нашиот небесен Отец го даде Својот Единороден Син да биде распнат на дрвото на омразата и крајната суровост - кое што го измислила човечката злоба. И Синот, висејќи така, колку што било потребно за да ја насити злобата на своите непријатели, умре. После три дена, Отецот го воскресна Синот и го запечати во срцата на луѓето своето ново дело.

           Оттогаш, во светот на човековата претстава и сфаќање настана потполн пресврт. Крстот, кој порано бил орудие на страшно мачење, сурово човекоубиство, стана единствена вистинска потпирка на човекот. Патот, вистината и животот почнуваат од Крстот, без кој што нема спасение.

Безмерна е љубовта Божја кон нас, што заблеска од Крстот Христов!

Голем и неизмерен е Крстот Христов! Невозможно е да се сфати неговата ширина и должина, длабочина и висина.   

Но, да се потрудиме, колку што е возможно, тоа да го замислиме.

                „Колку е широк Крстот Христов?” - прашува еден епископ и одговара: „Тој е широк колку светот, зашто Христос умре за целиот свет, како што е напишано: „Тој ги очистува нашите гревови, и не само нашите, туку и гревовите на целиот свет” ( 1 Јован 2, 2 ).

Толкава е ширината на Крстот.

             Колку е долг Крстот Христов? Толку е долг, што се продолжува низ сите векови, сè додека не остане на земјата дури и еден грешник кој што може да се спаси, додека не исчезнат тагата, страдањето и сето она што му е спротивно на Господа во Божјиот свет.

Толкава е должината на Крстот.

              Колку е висок Крстот Христов? Толку, колку што е небото, како Престол Господов. Да, тој е висок како највисоко небо, зашто кога Христос беше распнат на Крстот, Небото слезе на земјата, а земјата се вознесе до Небото.

Толкава е висината на Крстот.

           Колку е длабок Крстот Христов? Тоа е голема тајна, и не ни е дадено да ја сфатиме, и за неа можеме со стравопочит да претпоставуваме. Ако Крстот со својата висина достига до небесата, тогаш тој со својата длабочина слегува до адот, до најдлабокиот грешник во најдлабокиот вртлог, било каде да се наоѓа - зашто Христос слезе во адот и им проповедаше на духовите кои беа во затвор ( 1 Петр. 3, 19 ).


Толкава е длабочината на Крстот.

Крстот Христов е почеток и крај на нашето спасение ( Јован 3, 16 - 17; 36 ). 

        Без Крстот, ние не сме христијани, ние не сме членови (член - дел од телото) на Црквата Христова, ние не сме синови Божји. За Крстот ние се раѓаме, со Крстот живееме и со Крстот умираме ( Мат. 10, 88; 16, 24; 28, 19; Лук. 14, 27; Марк. 10, 21; 16, 16 ).

Крстот Христов е оклоп или облека во која ние сме должни да се облечеме ( Мат. 20, 22 - 23; Марко 10, 38 - 39; Лук. 12, 50 ) за време на нашето земско подвиго-положништво (трудот), за со тоа веднаш да се разликуваме од секој неправославен или неверник ( Апок. 7, 3; Језек. 9, 4 ).

Крстот Христов е пофалба за христијанинот и страшна казна за оние кои се одрекуваат и се гнасат од Крстот Христов, за оние кои отпаѓаат поради него од Црквата Божја и за непријателите Божји ( Гал. 6, 14, 24; Кор. 1, 18; Јевр. 13, 13; 6, 6; Филип. 3, 18).

Крстот Христов е меч духовен со кој што се победуваат непријателите, видливи и невидливи.

Крстот Христов е Боженствено оружје за избавување од ѓаволите и непријателите ( 1 Кор. 1, 18; Лук. 1, 71 - 74; Мат. 22, 44 ).

И на крајот, Крстот Христов е страшен знак на денот на Страшниот и конечен Суд Божји за сите противници на името Христово ( антихристи ) ( Мат. 24, 30 ).
 
                   
                     ( Составено според книгата „Смирение во Христе”, П. Иванова
                       прот. Гр. Дљаченко)


Подготви: Никица Мишева

Извор:http://www. dobrodrvo.orthodox.ru