Присуството на Богородица во Населба Рача преку иконата
„Млекопитателница“!
29 јули, населба Рача – Во благословеното навечерие, кога ги празнуваме светите маченици Атиноген и светата Јулија, а се подготвуваме да ја пречекаме и великомаченицата света Марина.

И благодариме на Царицата Мајка што и оваа година нѐ собра на ова благословено место, на кое само пред неколку години ги осветивме темелите на овој свет храм – дом Божји и духовно огниште на Населба Рача. А денес, по нејзината неискажлива милост, повторно сме собрани, не само од Велестово, туку од сите краишта на нашата татковина, за заедно да го пречекаме нејзиниот сечесен и чудотворен образ – иконата на Пресвета Богородица „Млекопитателница“.
После свечениот и со голема духовна радост пречек на сечесниот и чудотворен Образ на Пресветата Богородица, како и по отслужената празнична Вечерна богослужба, пред собраниот благочестив верен народ се обрати дипломираниот теолог Дејан Блажески, кој со благодарствено и трогателно слово изрази длабока благодарност кон сите дарители и добротвори, преку чии благородни срца оваа света икона пристигна и се всели меѓу нас.
Возљубени мои во Господа, велестовци, охриѓани, браќа и сестри – исповедници и служители на Бог Света Троица!
Првата помисла за Бога, за Неговата големина, за нашиот допир до Него, за човекот неретко може да биде страшна: да предизвика трепет, страв и солзи. Наследивме од првосоздадената Ева кога помислуваме на Бога, да се сеќаваме на загубениот Рај, на загубената заедница и за тоа да тагуваме и плачеме. Но откако дојде втората Ева – Марија, Пресветата Владичица наша – Богородица, плачот може да се претвори во радост, ако побрзаме да се предадеме на нејзините молитви и застапништва. А таа, како грижлива Мајка, како секоја мајка, не се срами да ја понуди и градата своја за да ги смири чедата свои. Тоа што го гледате на оваа икона, како Пресветата го дои Христа, да не ве збунува, бидејќи на таков начин ние луѓето добиваме удел во божеството, и Син, Кој никогаш нема да остане глув на молбите на Мајката од чии гради се доел. Затоа и свети Никола Кавасила вели: По Бога, нема посилна надеж за човечкиот род од Пресветата Дева. Таа е прибежиште на сите што се спасуваат и неисцрпна ризница на Божјата милост.
Затоа нашиот храм, нашето село, а и целата оваа западна страна на Галичица, од денес станува прагот на Божјиот дом, каде што псалмопејачот бара да стои само еден ден, кој не го менува ни за илјада дни поминати во дворовите на грешниците. Преку овој чудесен образ на Богомајката што сега се удостоивме да го имаме пред нас, го добиваме и благословот на Палестинската пустина, а стануваме и сопричасници и наследници на Атонското предание. На чудесен начин пред нас се открива неискажливата тајна на Божјата љубов: Оној Кој ги храни ангелите и прави да постои целата вселена, благоволи да биде хранет од пречистите гради на Својата Мајка, за човекот да стане причасник на божествениот живот. Тоа е повикот на палестинската благочестивост и целта на атонското благолепие: да бидеме едно со Бога, да се вратиме онаму од каде што нѐ изнесе првиот Адам, а нѐ врати Вториот – Христос, Нашиот Господ.
Радоста е преголема, затоа што во прегратката која е Поширока од небесата, како што гледате, има место за сите оние кои сакаат да бидат прегрнати од Божјата Мајка. Пред оние кои се сомневаа дека ова дело ќе се приведе до крај, како и пред оние кои живо се вградија во него, смело извикуваме:
На блаженоупокоениот митрополит Тимотеј, кој ја благослови нашата намера да изработиме копија од оваа светогорска светиња: со љубов и благодарност му велиме: Вечен спомен!
На Маја Петрушевска, која земното не го жалеше и за Божјото се грижеше, од привременото се откажа за да ѝ послужи на Мајката Божја: Многаја лета!
На Петре Гогоски, благочестивиот зограф, кој со бои го претстави овој најсветол лик на Пресветата Богородица и за нас хранителка: Многаја лета!
На сите млади од целата земја Македонска и од Тиквешијата, кои, како во апостолско време, по дарежливоста своја се истакнаа: Многаја лета!
На Партениј, преосветениот епископ Антаниски, чие срце за убавината на Божјиот дом со неизгаслива љубов гори, украсителот на оваа сечесна икона на Мајката Царица: Многаја лета!
На чесните свештеници, кои со благослов на нашиот Архипастир, митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, дојдоа да ја пречекаат оваа голема светиња, носејќи ја благодатта на свештенството и молитвеното застапништво на Црквата, та во негово име свечено ја воведоа Мајката Божја меѓу својот народ: Многаја лета!
На сите овде собрани велестовци и сите кои ја љубите Богородица, од секаде притекнати, нека ви бидат годините многу, зимите благи и летата плодни!
Пред да заминете, чујте ги овие светителски зборови и понесете ги со вас, запишете ги во срцата и секогаш помнете ги: Љубете ја Пресветата Богородица. Таа е најбрзата Помошничка на сите што со вера ја повикуваат. Никој не си заминал посрамен од Неа, туку секој што со доверба ѝ пристапил, си заминал утешен и укрепен!
За многу години!
Возљубен оче Марко,
Како мал знак на нашата синовска љубов, благодарност и молитвено единство, прими го овој свештен дар – епитрахил, од рацете на оваа велестовка, како благословен спомен на денешниот благодатен настан. Нека те потсетува на љубовта со која беше пречекан меѓу нас, а ти спомнувај нѐ секогаш во своите молитви и при принесувањето на Бескрвната Жртва, спомнувај ги со љубов нашите имиња, нашите семејства и нашите благочестиви предци, за Господ да им дарува вечен спомен, а нам Вечна радост!
Воведенски хрм во Рача
За Преминпортал Храм
17.08.2026