Не сè што нè смирува нè исцелува

Човекот притиснат од тежината на страдањето не секогаш ја бара исцелителната помош, туку најнапред бара начин повеќе да не чувствува. И токму тука започнува измамата: го меша мирот со вкочанетоста, слободата со бегството, а силата со стврднувањето на срцето. Она што му носи неколку мигови олеснување може, постепено, да стане синџир што го држи врзан за болката.

Некои се кријат во работата до целосна исцрпеност, други во храната, купувањето, алкохолот, екраните или зависничките односи. Некои се обидуваат да контролираат сè, мислејќи дека така ќе бидат безбедни. Други се изолираат и тоа го нарекуваат мир. Но раната што е покриена не се затвора; таа продолжува скришно да дејствува и постојано бара поголема доза од она со кое човекот ја заматил.

Дури и гневот може да изгледа корисен. Тој му дава на човекот чувство дека повеќе не е слаб. Осудувањето на другите му помага, за кратко, да ја заборави сопствената немоќ. Непростувањето му ветува заштита. Самооправдувањето му шепоти дека не треба ништо да промени. Но сето тоа ја брани раната од исцелување и ја претвора претрпената болка во болка што понатаму ја нанесуваме на другите.

Исцелувањето започнува кога човекот ќе се осмели да се запраша: „Она што го правам ми носи ли живот или само ми помага да заборавам?“ Понекогаш одговорот боли. Потребни се молитва, искрена исповед, трпение и, кога тежината ќе стане неподнослива, психолошка или медицинска помош. Бог дејствува и преку човекот кој слуша, истражува и се грижи.

Благодатта не ја вкочанува душата, туку ѝ дава сила да ја погледне вистината без да биде скршена од неа. Она што исцелува понекогаш на почетокот боли, а она што уништува може да изгледа пријатно. Затоа, најискрената молитва може да биде: „Господи, покажи ми не само што ме повредува, туку и со што самиот себеси си нанесувам зло, мислејќи дека се спасувам.“

Мајка Силуана Влад / Подготви С.Стефковски

 

12.08.2026