Гревот што бара оправдување

TVITer134

Денешното време носи болести што не секогаш се гледаат на лицето: анксиозност, депресија, осаменост, зависности, исцрпеност, гнев и губење на смислата. Понекогаш телото продолжува да оди, но душата едвај се влече. Умот тивко вика, а срцето толку се навикнува на темнината што повеќе и не ја препознава како темнина.
Гревот најчесто влегува тивко. Најпрво е избор, потоа навика, а потоа станува страст. На крајот човекот вели: „Таков сум, ништо не можам да променам.“ Но страста не е нашиот идентитет. Таа е синџир што гревот го претставува како нешто природно, само за да не биде раскинат.
Уште пострашно е кога злото се гледа, а сепак се оправдува. Се бараат изговори, исповедта се одложува, се повикуваме на сопствената слабост, а раната продолжува да гние под чиста облека и убави зборови. Неисповеданиот грев не спие; тој дејствува во мислите, во односите и во човечката волја.

TVITer135
Црквата не нуди магија, туку исцеление преку вистината. Исповедта ја отвора раната, молитвата ја принесува пред Бога, а Светата Причест го соединува покајаниот човек со Христос – Изворот на животот. Благодатта не ја утешува лагата, туку ја руши за да ја спаси душата.
Психичките и телесните страдања понекогаш бараат и лекар, психолог, соодветен третман и човечка поддршка. Тоа не е спротивно на верата. Бог дејствува и преку знаењето на оние што лекуваат, и преку раката што го подига паднатиот.
Најопасната болест останува одбивањето на исцелението. Човекот не се губи затоа што има страсти, туку кога ќе почне да ги брани и оправдува. Враќањето кон Бога боли, но синџирите болат уште повеќе. Светлината не ја открива раната за да ја осуди, туку за да ја очисти и да му го врати на животот она што темнината речиси го беше закопала.


Мајка Силуана Влад
Подготви С.Стефковски