Местото каде што Бог нè очекува

Човекот често се плаши од осаменоста, но најтешката осаменост не е онаа во која нема луѓе, туку онаа во која нема вистина. Кога срцето ќе се навикне да крие, да се оправдува и постојано да се брани, полека се оддалечува од сопствената светлина. Тогаш душата не може да најде мир, дури и кога околу неа владее тишина.
Постои замор што ни сонот не може да го излечи. Тоа е заморот на душата која предолго носи маски и живее во страв. Желбата секогаш да изгледаме силни, беспрекорни или подобри отколку што сме, нè оддалечува токму од местото каде што Бог нè очекува. Не привидот, туку искреноста и смирението го отвораат патот кон Божјата благодат.
Често Бог најнапред не ги менува околностите, туку срцето што ги доживува. Кога внатрешниот поглед ќе се очисти, истото страдање може да стане пат кон духовно созревање, истото искушение – можност за приближување кон Бога, а истата рана – извор на сочувство и љубов кон другите.
Ништо не ја исцелува душата подлабоко од искрената средба со сопствената немоќ. Не за да се осудиме себеси, туку за да сфатиме дека не можеме сами. Токму таму започнува вистинската слобода, затоа што Бог може да дејствува во срце што повеќе не се крие, туку Му се отвора со доверба.
Внатрешниот живот почнува да се преобразува тогаш кога човек ќе престане да се труди да биде некој друг. Во мигот кога ќе се осмели искрено да застане пред Бога, во неговото срце се раѓа мир што не зависи од околностите, туку од Божјата љубов – љубов што никогаш не престанува да го држи жив.
Мајка Силуана Влад
Подготви Симеон Стефковски